ВОЈВОДАТА СОЗДАДЕН ЗА УКРАС ВО ХИМНИТЕ

Кочо Топузоски: „Питу Гули“, Здружение за уметност и култура на живеење „Дијалоg“, 2024 година

 

Животната посветеност на македонскиот писател и историограф Кочо Топузоски на славната историја на Илинденското востание и на животот и делото на нејзините бесмртни корифеи, Никола Карев и Питу Гули, вроди со ново капитално монографско дело за еден од најголемите, бестрашни и меѓу народот најопеани македонски револуционери, Питу Гули, за кого авторот мошне поетично, но и сугестивно, вели дека е „војвода, небаре создаден за украс во химните“. Скопското здружение за уметност и култура на живеење „Дијалог“ годинава ја објави и четвртата книга на Топузоски за војводата Питу, по првите три наслови („Питу Гули - животот и потоа“, 1995, „Питу Гули - животот и потоа“, дополнето издание, 2003 и „Војводата Питу“, 2005), кои побудија интерес на стручната и на пошироката читателска јавност, дотолку повеќе што до појавата на неговата прва книга, освен неколкуте понеопфатни и понезадлабочени статии од други автори, за Питу Гули во Македонија, речиси, воопшто и не е пишувано.

За да се разбере подобро суштината на овие наслови кои последователно излегуваа оден по друг од перото на Топузоски, треба да се нагласи дека тие настануваа според принципот на континуирано истражување и, од книга во книга, сè понагласено смисловно и содржинско седиментирање на осознаените и документирани факти. Сега, вака post festum, кога ги согледуваме како единствена авторска и тематска целина, би можело да се рече дека, по пишувањето на првата, секоја наредна нова книга на Топузоски за Питу произлегувала од претходната и притоа постојано е освежувана и надополнувана со нови факти и податоци, пронајдени во домашните и во странските историски и архивски фондови, па и од посовремената консултирана научна литература која тематски се допира до животот и делото на Питу Гули, но, што е исклучително важно, и од многуте изјави и сведоштва од живите потомци на големиот крушевски и македонски револуционер што лично ги собрал и ги архивирал како аудиозаписи самиот автор, близок до семејството Гули. Во таа смисла, како колатерални, но секогаш мошне интересни и незаобиколни податоци и информации за животот и делото на Питу Гули излегоа на повидок и се наметнаа како релевантни за истиот истражувачки контекст, и низата изјави на современиците и на илинденските соборци на Питу Гули, пронајдени и проучувани од Топузоски за потребата на неговите други две мошне значајни монографии: „Ветераните на Илинден“ (2017) и „Илинденската споменица“ (2023). Така, онаа прва книга од 1995 година, која на свој начин беше поблиску до една силна документарно-емотивна и литературна евокација и авторска посвета од крушевчанецот Кочо Топузоски на својот хуманистички и револуционерен идол, крушевчанецот Питу Гули, од дело до дело, штедро и обемно нараснуваше, и, еве, нарасна до ова најново, мошне суптилно структурирано, и според сите современи научни критериуми и параметри - обмислено остварување, со исцрпна придружна информативна апаратура и со многубројни вредни илустративни прилози.

Двете клучни поглавја кои ја сочинуваат срцевината на монографијата „Питу Гули“ - „Патот до бесмртноста“ и „Поилинденска семејна небиднина“, - веднаш, од самиот почеток на книгата експлодираат со една моќна, сугестивна приказна за бесмртниот војвода. Со префинет усет за синтетизирање на основните, познати историски факти со микроисторискиот документарен или, пак, асоцијативно сугестивен материјал, кој за Топузоски вирее од сите страни, тој својот дискурс го облагородува со свои размисли и ставови, разработени до најситни подробности, а сето тоа раскажано со крајно култивиран, строг, научен говор, кој истовремено е и публицистички комуникативно отворен кон пошироката читателска публика.

Како во совршено напишан роман, - а само вистинскиот живот најчудесните романи ги пишува совршено, - пред нас се одвива чудесниот, неверојатен роман на Питу Гули, возбудливиот, вознемирувачки, епски интониран роман, зашто се одвива во македонско епско време, роман крајно трагичен, бидејќи ниту разбирливите постхумни легенди што се создаваа за него не беа и не се доволно толку големи да ја надминат, да ја надраснат големината на автентичната жива легенда, бидејќи, еве ни го Питу, човечиштето, достоинствениот јунак од Мечкин Камен, постојано меѓу нас, толку жив и присутен, току конкретен и толку опиплив, убавец, кадросан во запленетата беговска носија, украсена со проткаени срмени нишки, до заби накитен со скапоцено бунтовничко оружје, човек со благороден, разигран поглед, но поглед на страдалник, на освестен, искусен, решителен револуционер, храбар, бушав и во душата, и во постапките, и во раскошната коса која ништо не може да ја скроти под револуционерната капа, како што се нескротливи и неговите побунети, револуционерни, хуманистички мисли и цели.

Топузоски нè води по животните врвици на Питу Гули, од сложените и мошне испреплеткани податоци за датумот и местото на неговото раѓање, за неговите родители и за поширокото семејство, при што, темелно проверувајќи ги нештата во сите достапни извори и по сите можни веродостојни линии, ни нуди и најуверливи докази, или цврсто втемелени претпоставки, - па преку детството и раната младост на Питу кога, по завршеното второ одделение, го напушта основното грчко училиште, тогаш единствено во Крушево, каде што некое време работи како млекар, а потоа и како чевлар. Потрагата по посигурна егзистенција го води во Скопје каде што отвора меана, но потоа, носен од истиот егзистенцијален порив и немир, како меанџија работи и во разни други места: во Кичево, Крушево и најпосле во Софија. Токму таа гостилничарска работа, особено во софиската меана на крушевчанецот Коста Љапу, го ситуира во живите сврталишта на македонските револуционерни групи и поединци, меѓу кои и некои видни учесници на Кресненското востание и на македонската патриотска емиграција.

Сега веќе силно задоен од револуционерните и патриотски идеи, Питу Гули во 1885 година влегува во четата на Адам Калмиков, донски козак, познатиот капетан од Кресненското востание, и засведочен, непомирлив борец против османлиската тиранија. Од тој момент револуционерниот пат на Питу Гули нагло се забрзува и неповратно оди кон својот судбински климакс и кон својата трагична херојска разврска.

Имено, во мај истата 1885 година, четата на Калмиков се обидува да ја премине бугарско-османлиската граница и да влезе на територијата на Македонија, но им била предадена на турските власти уште пред да стапнат на македонска почва. Тука започнува повеќедневна безмилосна и тешка потера по нив од страна на турскиот аскер и башибозукот. Изгладнети, жедни, истоштени, безочно прогонети од сите страни од безбројни прогонители, по трагичното загинувањето на нивниот водач Калмиков, на кој потерџиите му ја отсекле главата, најпосле решаваат да му се предадат на аскерот... Сиот тој ужас и сета мачнина од тој хаотичен безизлез Топузоски мајсторски, до најситни детали, го доловува од разни автентични извори и сведоштва што пред нас ги слага во една навистина потресна драма што не може да се чита и да се следи без чувство на неподнослива тегобност. А таа слика, всушност, најсугестивно ја отсликува и тогашната ужасна, безизлезна состојба во која се наоѓа Македонија во тоа време.

По едномесечен расчовечувачки затвор во солунското „Беас Куле“,  бидуваат осудени на десет- до петнаесетгодишни тешки казни во темни зандани. Врзани со синџири и стегнати со пранги на нозете и на рацете, осудениците се испратени на долго тешко патување до затворот „Терскане“, во Аргале Мадем, околу стотина километри источно од злогласниот затвор „Диајарбекир“, последната дестинација на безброј тогашни наши македонски страдалници, осудени на долгогодишни тешки казни. По седумгодишни незамисливи страданија, затворениците, а со нив и заболениот и во нозете инвалидизиран Питу Гули, се пуштени на слобода, со што започнува една нова тешка епопеја на враќање пеш до дома, стотици километри далеку кон Македонија. Со стегнати заби на автор свесен дека сепак пишува научно дело, наспроти мачнината од претешките сцени, Топузоски ни ја предочува секоја најважна секвенца на тие екстремно тешки искуства на Питу Гули, кој најпосле некако се враќа во Крушево, но дефинитвно како сосема прекален и апсолутно непомирлив борец за слобода на Македонија, подготвен за неа да го положи и својот живот.

А потоа следува разврската: востановувањето на Крушевската Република и епската битка на Мечкин Камен. Тој славен историски мотив Топузоски го има разработувано во сите свои книги за Питу Гули, и, се разбира, и во својата татковинска поезија, и целиот настан го има пред себе како да се случува токму сега пред него. Толку силно, и толку потресно и трагично ни го пренесува и нам. На ова клучно место во книгата научното дело се надраснува себеси и, потпирајќи се постојано врз познатите и во науката потврдени факти за бојот на Мечкин Камен, прераснува во неизмерно потресна литература, кон која никој не може да остане рамнодушен.

Во вториот носечки дел на книгата, авторот, со иста истражувачка преданост и љубопитство и со несмален фокус поради оддалечувањето од стожерните места во книгата, ѝ се посветува на судбината на потомците на Питу Гули, предочувајќи ни го, чекор по чекор, типичното проклетство на најголемите македонски синови, најголемите патриоти, на најистакнатите македонски интелектуалци и на најпожтртвуваните македонски револуционери, настојувањата на безочните туѓински политики и на безочните минливи домашни власти немилосрдно да ги сотираат нивните свети имиња, да ги изместуваат од средиштето, од срцето на историјата што токму тие ја создаваа, и да ги туркаат на маргините на секојдневието, до невидливост и до заборав.

Монографијата „Питу Гули“ од Кочо Топузоски, како и сите други негови историографско-публицистички дела се единствениот вистински сериозен одговор на таквиот негаторски и обезвредувачки однос кон нашето славно историско минато и кон нашите најзаслужни дејци, однос кој, за жал, е препознатлив синдром и на современата македонска политика.