17 февруари 2017

 

МЕЃУНАРОДНИТЕ КУКЛАРИ И КУКЛАТА ЗАЕВ

 

Куклата на конец Зоран Заев смета дека тој го измислил предавството, па сака да го патентира на сметка на македонскиот народ и на Република Македонија

 

Предавството и предавниците се најголемото и најнеславно зло и проклетство на македонскиот народ!

Свртете се наназад стотина и педесет-шеесет години и ќе видите што ни направија некои споулавени домашни предавници, од сите страни плаќани евтино со лаги, уверувања и празни ветувања од безочни странски нарачатели: предавство по предавство, мрачно, бескрупулозно ни ги кинеа џигерите, ни го кинеа срцето, ни го корнеа најубавиот македонски национален цут, ги убиваа нашите најголеми луѓе, нашите национални водачи, нашите Татковци, нѐ сакатеа, нѐ обезглавуваа. Низ целата наша преубава татковина Македонија, од Вардар до Пирин и Егеј се расеани безбројните знајни и незнајни гробови на оние наши душички што низ најтешки, најтрагични и најкрвави борби и саможртви, педа по педа, чекор по чекор, решително го водеа македонскиот народ кон сонуваната национална и социјална слобода, и секогаш одново бедните предавници на својот род им подготвуваа подмолни предавнички стапици и пусии.

И еве сега - да не веруваш! - пред наши очи повторно се случува еден бесрамен обид за големо национално предавство на македонскиот народ! И тоа не некое „обично“ предавство и жртвување на поединец, туку библиско жртвување на целиот македонски народ одеднаш, ѓутуре, обид со еден потег да се избрише сѐ што бевме и што сме, и да се поништи сето она што како народ нѐ посведочува во историјата и во современиот свет - да се избрише државата Македонија!

Тоа невидено мегапредавство е фантазмагорична креација на меѓународните куклари и на куклата на конец Зоран Заев, човекот којшто препотентно смета дека токму тој го измислил предавството, па сега сака меѓународно да го патентира на сметка и врз грбот на својот народ и на својата татковина. Него секако многу бргу ќе го снема од политичката и „историската“ сцена. Тоа веќе му е пишано. На секој разумен и освестен Македонец тоа му е јасно како ден заради неговиот грозоморен обид за најсрамно безочно предавство во историјата на македонскиот народ што веќе непоправливо ни нанесе големо зло, и тоа не само на Македонците, туку и на сите соседни и други балкански народи, вклучително и Албанците, зашто со сета сила ги распламти нивните стари примитивни освојувачки апетити и амбиции, туркајќи нѐ сите заедно кон ново стравотно поприште, овојпат со апсолутно несогледливи последици. Но славата не го чека Заев ниту кај Албанците, зашто предавниците како него никому не му се потребни; штом бидат исцицани, исцедени и искористени за најниското меѓу најниските дела против својот народ - предавството, завршуваат во најбедна невиделина...

Со што, со каква неподносливо голема илузија, со какви Шарени лаги Заев го измами и го заведе оној голем дел од нашиот македонски народ за да ја поддржува неговата хистерична слепечка авантура и да нѐ доведе до работ на овој стравотен понор? Со Европа? Со ветените општествени реформи и со светла економска иднина?! Со благопријатност и рамноправност на Македонците и на Македонија во Европската Унија? Со ветената борба против корупцијата?

Па еве како изгледа тоа, ред по редум.

Има ли на светов поголема и пострашна корупција одошто од странските ограбувачи да бидеш смртно корумпиран против сопствениот народ и против сопствената држава?!

А пак ветената Европа според теркот на „идеите“ на Заев?

Па барем ние Македонците добро знаеме што ни има направено Европа во сите најболни поглавја од нашата историја, и затоа денес сме тука каде што сме, со сите маки, понижувања и страдања. А еве гледаме и што и сега ни прави таа Европа, тоа легло на хомеровски илјадната бирократија од „миротворци“ и миротворни профитери. Оваа наша тешка македонска национална драма е само нус-појава на општиот европски морален и секаков друг хаос и колапс, и производ на агонијата произлезена од процесот на создавањето нов бескрупулозен и бесчувствителен светски општествен поредок, каде што се мешаат сосема нови карти и каде што европските и светски илузионисти и куклари, барајќи си нови и нови колонии за експлоатација и создавање профит, ги пуштаат своите пипала како отровен бршлен. А Македонија, како и секогаш во минатото, им е најблиску, тука, на дофат, а притоа има и свои „клети шпиони“.

Реформите, пак, и светлата економска иднина во Елдорадо-Европа, по кои искрено си пека македонскиот народ но и со што најлесно го лажат, според социо-политичко-економскиот речник на Европа буквално значи: ќе морате да го правите само она што ние ќе ви го кажеме.  Барем во важните работи - а со дребулии и глупости во својата економија, во својата внатрешна микро-политика и во своето интерно ситно законодавство можете да се занимавате колку што сакате. Во Европа веќе сѐ е пропишано, дефинирано и наметнато до последната запирка, до последниот контингент и до последното шрафче, до последната трошка сирење и до последното зрно грозје и, како во Менделеевата табличка, веќе одамна се зафатени сите важни и интересни места, вклучително и најсветото право на секој народ - право на сопственото историско име.

Па зарем „херојот на нашите дни“ Зоран Заев си вообразува дека тој има сили со тоа да се носи и тоа да го смени? Тој, доколку му се укаже прилика, може само да ги смени името Македонија и името Македонец, и тоа еве, гледаме, со сите сили се обидува да го направи, зашто и тоа е предвидено и запишано во чудесните „реформи“ што тој треба да ги спроведе во Македонија според мерилата и упатствата од меѓународните куклари и фамозните албански платформисти.

Ни остана уште само енигмата за тоа каква благопријатност и рамноправност ги чека Македонците и Република Македонија во Европската Унија. Па зарем тоа не го знаат и врапчињата и гуштерите не само во Грција, туку и во цела Европа, таа сонувана заедница на рамноправни народи и држави во која не можеш да влезеш рамноправно ни под своето историско име?!

Толку за благопријатноста и рамноправноста во Европа!

Не, ова мораме итно сами да си го решиме, како и секогаш досега во минатото кога низ нос ни ја вадеа душата, кога огин ги гореше нашите градови и села и нашите домови. Тогаш бевме единствени како Македонци. Тогаш бевме пример за Европа и за светот. Тогаш Македонија беше на сите усти и никоја не го поставуваше прашањето за нејзиното име. Тоа наше славно име Македонија е испишано со големи букви на насловните страници на сите најугледни европски и светски весници и списанија од тоа време. Тогаш, пред да нѐ парчосаат соседите, без трошка разум, совест и милост, и тоа со благослов на оваа иста Европа, и пред да нѐ разбркаат на сите страни од светот, тогаш бевме решителни и единствени! А и сега, погледнете ја само силата и бројноста на македонскиот национален корпус во нашиот парламент по овие избори, се разбира, мислам и на едните и на другите - но заедно! - наспроти неколкумината случајни албански политички актери што, понесени од бедните предавнички ветувања на Заев, зашеметени, сосема го изгубиле компасот на реалноста, или пак се ориентираат според оние расипани компаси што ги добија од нашите први соседи и од далечните европски и светски куклари, надевајќи се дека сепак некако на брзинка ќе дотуркаат до својата деструктивна и ограбувачка цел.

И интелектуалната Македонија, пред сѐ, но и онаа наша Македонија на обичните луѓе, и слободномислечката Македонија, и Македонија на сиромашните и богатите, и Македонија на сите наши почитувани национална малцинства, и Македонија секаде каде што ја има - никако не смее да молчи и незаинтересирано да ја чека разврската на оваа страшна драма! Не! Зашто треба да се знае дека ова воопшто веќе не е прашање на некакви граѓански и идеолошки разлики внатре во македнскиот национален корпус и меѓу народот воопшто, или пак социјално-економска драма што наеднаш, благодарение на предавничките комплоти на Заев, ќе добие божемна среќна разврска во некоја си и просторно и временски бескрајно далечна општоевропска (социјалистичка) интернационала каде што сите ќе живеат богати и весели до крајот на светот. Ова е судбинско прашање на македонскиот национален опстанок и на опстанокот на македонската држава!

Никако не смееме да се загубиме во измамата и илузијата дека Европа што ни се нуди и кон која опиено тежнееме и итаме добронамерно ќе ни ги реши проблемите, и оти претставува благородна заедница на рамноправни држави и рамноправни добростоечки граѓани кои таму магарањата си ги врзуваат со колбаси. Таа илузија ќе си се разбистри самата, и тоа наскоро, многу побргу одошто изгледа на прв поглед. Но, ако ние Македонците не се разбудиме итно - и тоа сега, веднаш, денес! - тоа прескапо и непоправливо ќе не чини. Мораме сите и со сите сили храбро и енергично да се сплотиме над нашето македонско прашање, па и левите и десните, без лажна гордост и без политички инает, да созадеме заеднички национален блок со заедничка татковинска државотворна платформа, за да си го зачуваме својот суверенитет и својот идентитет, своето македонско име и својата, со крв и вековни страдања тешко здобиена единствена татковина - Република Македонија.

Според своето големо и славно културно и историско минато Македонија бездруго е една од најевропските земји во Европа во која, ако и влегува, треба да влезе со крената глава, со своето историско име Македонија, со името на својот македонски народ, со своето чесно знаме и грб и со својата благородна химна. И само така! А не понижена, скршена и разурната, и особено не врз основа на некакви сомнамбулски освојувачки албански платформи, со потписот на Зоран Заев, или на која и да е друга предавничка кукла на конец.

 

17.02.2017, портал Дневник  Online

Национално мегапредавство

МЕЃУНАРОДНИТЕ КУКЛАРИ И КУКЛАТА ЗАЕВ

http://www.dnevnik.mk/default.asp?ItemID=B59F5035805761448393DE7F3E980CCF