ПОТРОШЕНИ ПОЕТСКИ МОДЕЛИ

 

Прашање е дали може да се потроши непотрошливото? Може ли да се потроши метафизичкото? Може ли до крај да се осознае неосознатливото? И, во крајна линија: може ли да се осознае и да се потроши Бог? А Убавината е токму тој метафизички, неосознатлив, недофатлив и непотрошлив Бог. И кога ни велат: „Ајде, одиме натаму; тоа се веќе потрошени поетски модели“, тоа е исто како на сила да нѐ одвлекуваат од местото каде штотуку, само со малечка сонда, утврдивме постоење на раскошен мозаик, и сега треба немилосрдно да го затрупаме, да отидеме на некое друго место, и да отвораме нови сонди, и тоа неретко таму каде што нема ништо. И што воопшто постигнуваме со тие постојани површни чепкања на разни страни по бескрајното метафизичко наоѓалиште, не задржувајќи се никаде доволно долго за да можеме нешто и навистина до крај да распознаеме и да разбереме?

Метафизичкото поле е непрегледно и проткајува/пронижува сѐ. Каде и да гребнете - се појавува чудо. Затоа во прашањата на поезијата, но и на уметноста воопшто, останувам непоколебливо конзервативен: не го напуштам прекрасното, неисцрпно метафизичко наоѓалиште сѐ додека тоа непрестајно се отвора и се открива во сите правци и насоки, и додека бескрајно нѐ радува со фасцинантната и инспиративна убавина на непотрошливите мозаици, арабески и раскошните монолити - и со своите дамнешни и вечни пораки.