АНАГРАМ
При самиот врв од тимпанонот беше залепена свинска глава од жолтеникав малтер што невештата рака на мајсторот малку ја искривила па во полутемнина изгледаше како да се потсмева всушност Балдо никогаш не ја уочил таа фигура туку некој како патем го праша дали тоа е онаа куќа со свинска глава беше убеден дека сите ја загледуваат само масивната дрвена врата со отровно зелена боја немаше други маркантни знаци освен несмасните жители кои секогаш в зори или в самрак влечкаа тешки шишиња за гас како тешки закани и мрмореа нејасни караници секако тоа беше порано а сега времето некако се превртило како чамец почна со поплавата цела ноќ ја завиткуваше преубавата Тани во своите жестоки сакања и со новото доаѓање на поривот како да растеше некаква нескротлива сила што го потркева како в сон што го тркала по врвовите на некои таинствени тивки врби изутрината забележаа дека водата се довлечкала дури до самите оградни ѕидови пласкајќи ги со калливи гранчиња и сламки отрча на работа како со некоја цел но бескрајно сигурно знаеше дека веќе другите ги сместиле во хеликоптери и ги однесле на загрозеното подрачје тој не беше создаден за големи потфати со однапред смислени размери впрочем тоа е глупост зашто невешто ја толкуваа најтривијалната елементарна незгода сепак некој го насетил неговиот кревок однос спрема општата опасност и фрлајќи му сламка му рекол што се случило со твојот стар дом видов синоќа огромни пламења како бувтаат од вториот кат во прв момент не можеше да ја сфати смислата на сето тоа домот одамна беше напуштен разурнат пуст и каква врска има сето тоа со него но сепак бргу отрча таму под изговор дека ќе го следи несигурниот водостој на реката мостот одамна беше преплавен и во неговите пропусти се вовлекуваа последните стебла со наежавени корења војниците цврсто поврзани со јажиња од осигурените гумени чамци поставуваа мински блокови на соодветни места тоа не беше препорачливо од познатите причини што уште пред многу години ги утврдија стручњаците урнатиот мост можеше да попречи поголеми количества вода а особено доколку дојде до пукање на браната природно требаше нешто да се стори но тоа беше мравја сила спрема поројот да се довлечкуваат вреќи со песок значеше само да се убива времето на крајот и атракцијата се сведе на тапо гледање во џиновските вирови и Балдо се одвлечка до својот стар дом пописните комисии се врткаа низ урнатините покривот беше пропаднат прозорците избиен од експлозијата а душеците од долните катови полни со водишта што се цедеа од олуците и напукнатиот водовод синот на газдарицата ја извлекуваше старата приколка од гаражата ѕиркајќи кон комисијата што ја утврдуваше штетата секако се случил инцидент додека на Балдо му објаснуваа дека несреќата ја предизвикала пејачката од вториот кат која за горење наместо нафта употребувала искористено моторно масло па оџакот веројатно затнат едноставно откажал и ја предизвикал стравотната експлозија еден од инспекторите откри дека на долниот кат постои забранета забна ординација природно тоа веќе никому не му значеше ништо ги изнесуваа исчадените метални работи и гламносани парчиња мебел сите останале живи се случило синоќа Балдо ја слутеше оваа несреќа со години куќата беше стара со дрвени тавани и душеме и се сомневаше секогаш во исправноста на сите оние шишиња за гас сепак не можеше ни да претпостави дека несреќата ќе ја предизвика пејачката таа секогаш беше во долгови и веројатно штедела ложејќи го искористеното моторно масло ѝ го донесуваа некои момчиња што ноќе нејзините електрични инсталации ги приврзуваа директно за надворешните водови за да го смират стујомерот инаку тој носеше вешто извиткана пломба на која не можеше да се распознае жигот Балдо за куќата се сети подоцна во некоја турканица слушна дека делови од градот се веќе прописно поплавени и оти телефонските каблови во повеќе правци се однесени од поројот што ја раскопал земјата телефонираше некаде со битното предупредување дека водата за пиење е загадена и оти може да се користи само преварена за миг ги замисли огнените пламења како ја однесуваат покривната конструкција и луѓето како ја изнесуваат старата сопственичка скршена и полусвесна беше богомолка и не веруваше во елементарни сили како за себе Балдо промрмори дека изгорел и неговиот стар дом дали тоа е онаа куќа со свинска глава слушна рамнодушно прашање куќата имаше големи тешки врати со отровно зелена боја но свинската глава никогаш не ја забележал на работа пак се говореше за болниот кого од лудницата го одвлекла водата и Балдо се обиде да замисли како лудиот ја видел стихијата тоа беше мошне невкусно и болно но како во него да откажала секаква човечка контрола водата однесуваше сѐ и тој некако нанесакана им се препушти на силите надвор од нејзините струи затоа и не беше готов за мачнината околу судскиот повик зашто тоа ги преминуваше сите граници најанпред речиси наполноќ дојде некој службеник и извинувајќи се што го вознемирува во така исклучително време му предаде ливче ве барав цел ден а вас ве немаше гледате пишува итно но тоа не е ништо немојте тоа да ве вознемирува постојано некого викаат така плукна врз мастилавиот молив и му даде на Балдо да потпише поканата не содржеше никакво соопштение за причините што му е врачена можеше само да се погодува без никаков посериозен исход во ноќта од сон го сепна силно тропање на прозорецот живееше во приземјето и им беше изложен на секакви дрскости на ноќните птици но ова беше нешто поинаку некој имаше сосема прецизна намера да го разбуди по секоја цена онака сонлив помисли дека конечно започнала долго најавуваната воена вежба и оти го повикуваат и него при што сиот истрпна собата беше во неред како да процурила низ рибјо око тешките волнени покривки светкаа од воздржаниот електрицитет што отсјајуваше по стаклата на врамените гравири и цртежи а оттаму скокаше по нерамниот таван готов да се урне секој момент тропањето се повтори сега понервозно и поупорно откако се довлечка до завесата Балдо низ замаглениот џам го виде изобличеното лице на шоферот од работа кој бревташе во утринското студенило на воздухот се случило нешто вонредно сигурно водата некаде опасно го пробила насипот или пак ја спасуваат документацијата која веќе порано беше делумно уништена почувствува ужасен глас како во сонот да минал километри и со месеци растегнувал мувлосана трошка сирење сепак се одвезе до работа по улиците протрчуваа војници и резервисти но судејќи според најнормалната радио-програма што ја слушаше по патот во колата немаше ни збор за нешто пресудно почувствува дека го зафатила треска беше наметнат само со црвениот кариран свитер од кој не излегуваше целата есен и за тоа веќе кружеа подбивни прикаски полни со мртов дух и со здодевност но тоа сега стана причина и за некакво чудно однесување на другите под влијание на неочекуваната судска покана и наглото будење вовлечен во зашеметувачкиот вител на вистинско неработење и неред во озонскиот збор со кој градеше некакво спасување од песочниот часовник Балдо не сфати дека сите околу него се облечени во црни закопни облеки и оти преку лицата им струјат бранови на невообичаена тага некој умрел но за тоа пред него не се дискутираше зашто во овој случај отпаѓаше секаков исклучок тоа се случувало и порано па сепак некако се сметало и со него овојпат му рекоа дека сега тој е единствената расположлива сила за поплавата додека другите се зафатени со оваа смрт испратени се на сите страни за да подготвуваат специјални репортажи и искажувања вѕрени во неговиот црвен свитер кој така се разликуваше од тој целокупен човечки флор го испратија во институтот за бактериологија да ја следи седницата на советот што требаше да реши за тотална вакцинација на населението негова област беше културата и помисласта дека сега е задолжен за парамециуми и за волвокси му истргна нездрава насмевка која забележана остана во воздухот како збунета мува додека ги подготвуваше материјалите за вонредната седница на советот во неговата канцеларија влезе еден колега и му рече дека можеби сега и не е време за такви разговори но оти некои нешта се одвиваат надвор од разумот и моќта да ги појми долго размислувал пред да му се обрати но бројот на неговото досие го краси апсолутна чистота таму е заведено само неговото име и ниту еден друг збор се сомневаа дека тоа е меч со две острици зашто не се знае што носи тишината и отсуството на секаков надворешен ритам меѓутоа сепак претежнаа тврдењата дека всушност сѐ е во најдобар ред со неговата картичка и оти дошло време да му се обратат за помош има такви што одбиваат но тоа подоцна вака или онака се одразува врз нивната кариера а тој е млад човек и ќе му биде потребна секаква поддршка на трнливиот животен пат не би било добро да каже не зашто тоа значи откажување на каква и да е можност за соработка а тие не би сакале да поветруваат во такво нешто зашто тоа ќе им значи многу со оглед на неговиот углед и на отсуството на секаква хипотека би требало само да каже добро ќе видиме и тоа би било сосема доволно надвор се слушаше брмчењето на хеликоптерите што вршеа итна евакуација некој довикна дека и покрај влагата се запалило буништето во дворот тоа веќе се чувствуваше и по силната смрдеа што продираше низ прозорската дрвенарија тоа мене ми е сосема туѓо рече Балдо не ги поднесувам сенките и да го прекинеме овој неприроден разговор имам работа гледано од работ на понорот во нејзината утроба можеби сето тоа добило извесна рескост што не им е природена на таквите ситуации но сосема е извесно дека Балдо тој исечок го доживеал како некое прилепено парталче свест што виси на конче се виори но не се откинува не исчезнува туку постојано потсетува на своето матно присуство петар шлемил рече во себе и тоа беше доволна причина за друга нездрава насмевка тоа се случи во големиот амфитеатар на медицинаскиот факултет каде што се одржуваше седницата на советот тоа всушност беше нејзин крај на кој тој успеа да стаса наредена е итна и општа вакцинација против цревните и други заболувања испрати информација по телефон и додека минуваше низ долгиот факултетски ходник виде како се екипираат групи лекари стажисти и студенти за веќе одредените пунктови воздухот беше исполнет со мирисот на етер и улиците беа задушливи се чинеше дека шпиритусот гори на сите страни игличките беа усвитени памукот мошне студен од алкохолот или од јодот или од којзнае што некој се обиде главата да му ја спушти пониско тоа ќе му ја врати крвта во лицето слушна студени меки раце му се лизгаа по образите со мака ги отвори очите и виде колона луѓе и жени и деца со завиткани ракави како приоѓаат кон масата наспроти креветот на кој беше положен обидете се да не заспиете го слушна повторно истиот глас ги крена клепките и дури сега го забележа нежното лице на болничарката која го држеше за рака добро е сепак ве вакциниравме не дававте изглед на исплашен човек но добро е па кога тоа се случило на улицата го сретна Тани го бакна и отрча на часови по клавир веќе беше вакцинирана наеднаш се исплаши заради болките во стомакот беше жестоко гладен но помисли дека тоа можат да бидат и симптопми на заболување душкало со црви отиде да се вакцинира знаеше дека секако ќе се онесвести и ете тоа се случило изгледате мошне изморено рече сестрата но сега ви е подобро нели добро е малку да прошетате ако сте во состојба природно дека се извлекол од тоа вакцинаторско цевче му се вртеше во главата и тој во џебот го побара инхалаторот за да се освежи малку но фати само некакво ливче тоа беше судската покана што синоќа веднаш ја тутна в џеб за да не заборави да провери за што станува збор но сега секако веќе беше предоцна за сѐ.
АНАГРАМ
Расказот за првпат е печатен на македонски јазик во книгата „Агол“ (Македонска книга, Скопје, 1980, стр. 77-83); потоа под насловот „Saplitanje” („Препнување“) е објавен на хрватски јазик во списанието „Истра“, (Пула, 1985, бр. 7-8, стр. 28-31); во превод на Лаура Маркиџ (Laura Marchig) на италијански јазик, под насловот „Inciampare” („Препнување“), е објавен во списанието „La battana ” (Риека, 1987, бр. 84, стр. 65-69); во превод на Горан Филипи на словенечки јазик под насловот „Opotekanje” („Препнување“) е печатен во списанието „Primorska srečanja” (Нова Горица, Словенија, 1989, бр. 91/92, стр. 181-183); во превод на Суат Егилли (Suat Engüllü) на турски јазик го објави турското списание „Сеслер“ Скопје, 1989, бр. 233, стр. 43-48), а истиот превод е објавен и во списанието „Düşler Öyküler” (Истанбул, 1996, str. 119-124), како и на меѓумрежната адреса http://www.mavimelek.com/anagram_aldo_kliman.htm