ГОДИШНИНИ

 

Уште не така одамна, кога лажниот академизам и емфатичната политика одеа рака-под-рака, одбележувањата на високите годишнини претставуваа повод за општи културно-политички ритуси, за своевидни соцреалистички елеузинскии мистерии. Блескотните фанфари им годеа на ушите, а големите зборови на срцето. Но, за жал, сѐ уште не сме доволно далеку од тоа време: сѐ уште, ете, се слушаат фанфарите, сѐ уште одекнуваат големите зборови... Опојниот мирис на елеузинските мистерии повторно би сакал да обвие сѐ, сѐ да изедначи.

Лажниот академизам и емфатичната политика, се разбира, повторно одат рака под рака, понекогаш глатко затанцуваат, додека возбуденото множество се турка наоколу за да ужива во тој класичен танц, на место да ги ниша колковите, егзалтирано да ракоплеска, не увидувајќи дека тоа сепак не е негов танц и оти, по сето тоа, по емфатичната политика во нејзините тајни одаи ќе се стрча само лажниот академизам, внимавајќи - Господ да чува! - да не ѝ стапне врз шарената кринолина.

Тивко, скромно, на страна од сето тоа – автентичната култура и уметност се остваруваат на сосема поинаков начин. Политичкиот, воајерски ерос за нив е сосема непривлечен. Навистина, од големата општествена торта по гозбата ќе добијат само безначајни трошки, но затоа, во озрачјето на новите демократски перспективи, веќе никој нема да може да ги натера да потхрануваат било чии политички радости.

Автентичната култура и уметност се радост сами по себе.

Во својата полна цивилизациска зрелост, аскетски, на страна, без фанфари и големи зборови, тие знаат дека кога-тогаш ќе им се врати и по некој од растрошните синови што ги привлекла вревата на општополитичкиот циркуски чадор.

 

Пула, 14 октомври 1993


ГОДИШНИНИ

Есејот е објавен во списанието „Стремеж“, Прилеп, 2001, бр. 9-10, стр. 98-99.