16 јули 2019

 

ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР ЌЕ ОДИ НА ЃУБРИШТЕ!

 

Непоправливото не може ниту да се поправа ниту да се преправа!

 

Насловот на оваа колумна директно се реферира на изјавите на двајца политичари: прво, на онаа на новиот грчки премиер Кирјакос Мицотакис кој неодамна рече дека Преспанскиот договор не може еднострано да се поништи, и второ, на оној неколку пати, па и најсвежо повторен став на лидерот на македонската опозиција Христијан Мицкоски дека, ако се покаже волја од грчката страна, ќе се обидел да го поправи/преправи/подобри Преспанскиот договор.

Најнапред за апсолутно невтемелената и измамничка изјава на Мицотакис, која всушност во себе иманентно го содржи нескриениот и сосема оправдан грчки страв дека едностраното поништување на договорот од страна на Република Македонија не само што е можно, туку е и апсолутно неизбежно!

Ќе потсетам на зборовите на големиот мислител Волтер, непобитно докажано поумен, и благодарение на својот неодминлив и ненадминлив фасцинантен хуманистички ум, глобално неизмерно позначаен човек од купчето современи ступидни, минливи и мандатно потрошни ситно-европски, ситно-балкански и ситно-македонски политичари и квази-политичари, од типот на Мицотакис, и пречкртаните Ципрас, Коѕиас, Хан, Могерини, Заев и ним сличните, кои се убија да нѐ уверат и да ни докажат дека невидениот фашистички злостор што е извршен врз Македонија и врз македонскиот народ е за сите времиња сосема свршена работа, и оти е потребно само со уште неколку идиотски административни потези на лакејската, велепредавничка заевска власт да се закопаат и последните останки на нашето македонско национално достоинство и самопочит, и последните свети македонски национални симболи (името, химната, знамето) да се фрлат во масовната гробница на безимените жртви на светскиот холокауст и етноцид - па сѐ да си се смири во општата рајска градина. Волтер, и самиот сведок, а неретко и директен учесник во најсложената и најпревртлива европска дипломатија на неговото време, која денес е исто таква, само пософистицирана во својата подмолност и технолошка оперативност, во својата прочуена „Хроника на Карло XII“ вели: „Оттогаш откога христијанските владетели прават сѐ едните со другите меѓусебно да се измамат, и откога војуваат и создаваат сојузи, потпишани се илјадници договори, и водени се исто толку војни”. И додава: „Договорите меѓу владетелите се најобично попуштање пред неволјите додека не дојде прва нова можност посилниот да го притисне послабиот“ и сѐ да се започне одново.

Во последните сто и педесет години, во врска со судбината на Македонија на европското и на балканското рамниште се потпишани барем исто толку најразлични меѓународно релевантни и ратификувани договори - и, согласно со промената на општествено-историските околности во светот и во Европа, практично сите до еден се поништувани и заменувани со некакви други, нови договори, од кои пак повеќето, како впрочем и фашистичкиот Преспански договор, исто така ќе бидат поништени, и предадени на табиетливата и правлива историја. На крајот од краиштата, пред потпишувањето на тој беден капитулантски документ Република Македонија си беше ситуирана во општиот правен систем на меѓународната заедница врз основа на своите претходно потпишани меѓународни договори и конвенции, но ете, со фашистичката и криминална заевско-грчка безочност тие најгрубо се поништени со Преспанскиот договор. Значи, како што вели Хераклит, „сѐ тече, сѐ се менува“, па така ќе биде и со тој злосторнички документ, како впрочем и со ступидниот, велепредавнички Договор со Бугарија, штом за тоа се создадат соодветни политички услови во Република Македонија.

Сѐ на сѐ, светската, европската и балканската историја - тоа е всушност историја на безброј потпишани, а потоа поништени, пребришани, изиграни, или еднострано, како неважечки, отфрлени меѓународни договори. Некои такви договори дури и до ден денес во светот не се поништени ниту раскинати но не значат ништо во современата меѓународна политичка реалност, ниту некој ги спомнува, ниту некој на нив се повикува, освен, се разбира, мртвиот Санстефански договор, врз кој се темели сета бедна, крајно неинвентивна но нескриено агресивна бугарска меѓународна политичка фантазија по Македонија. А впрочем и денес, еве, секојдневно сведочиме на еднострано „излегување“ дури и од глобално најважните меѓународни договори и конвенции на најголемите светски играчи (за мирот, за разоружувањето, за натпреварот во новите нуклеарни технологии, за меѓународната трговија, за климатските промени), што само најсугестивно и непобитно сведочи за тоа колку всушност се кревки (менливи и еднострано отфрливи) меѓународните договори, и колку реално се застрашувачки и нестабилни општите меѓународни односи и прилики во кои договорите ништо не значат, или значат многу малку. Па зошто тогаш Македонија би била исклучок?

Затоа, господине Мицотакис, и вашиот заевско-грчки фашистички и криминален Преспански договор, кој и така и така на сите правни рамништа е сосема незаконски потпишан документ, ќе биде едноставно фрлен на историското буниште, и тоа несомнено само на еден и единствен можен начин - со еднострано излегување од него од страна на Република Македонија. А пак оние грчки бла-бла прикаски во врска со можноста или неможноста тоа да се стори поради НАТО и ЕУ - тоа се нешта за кои ќе разговараме тогаш кога до тоа отфрлување практично ќе дојде.

Од друга страна, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски смета дека, по очекуваната победа на претстојните вонредни или редовни парламентарни избори, ќе дојде на чело на извршната власт во Македонија и ќе има можност со грчката страна да испреговара „подобар Преспански договор“ од сегашниов. Таа своја крајно наивна проценка Мицкоски ја потпира врз уверувањето дека, како што рече, на меѓународната заедница ѝ е најважно меѓу Македонија и Грција да има договор, па каков и да е, и оти новата, конзервативна влада на Мицотакис веќе покажала дека е незадоволна од постигнатиот договор.

Прво, „меѓународната заедница“ да сакала да се постигне „каков-таков договор“, таа тоа без проблем би го реализирала, зашто тоа било многу полесно да се постигне одошто да се наметне овој најмонструозен фашистички „документ“. Но таа сакаше да го постигне токму тоа што го постигна - изворната, низ сложени историски околности и процеси создавана и создадена асномска држава Република Македонија засекогаш да ја снема, и во форма на нова вештачка квислиншка државна творба под друго име да ја претвори во апсолутно, и однадвор и однатре, поробена земја, за да може со неа и со нејзините граѓани да прави сѐ што сака. И токму тоа го постигна. Таканаречената „меѓународна заедница“ управува со Македонија на далнински управувач преку неколкуте амбасадорски намесници, губернатори, божемни „екселенции” од типот на Жбогар, Тимоние and Company и, се разбира, преку мизерната заевска слугинска велепредавничка и големоалбанска криминална организација, што тие официјално ја нарекуваат Влада.

Второ, изјавите на Мицотакис и на сите од ред грчки политичари за тнр. „неприфатливост“ на Преспанскиот договор се најобична, евтина и проѕирна грчка фарса за внатрешна грчка дневно-политичка употреба, која, ете, очекувано се покажа многу успешна во добивањето на штотуку одржаните избори. Да беше и обратна ситуацијата, Мицотакис да беше на власт, а Сириза да се бореше да го смени - и Ципрас би ја докажувал „неприфатливоста“ на Преспанскиот договор, затоа што со фашистичката (специфично грчки обоена) безобѕирна суровост, сеопфатност, и освојувачка пронижаност и заплетканост на Договорот во сите дамари на нашата македонска национална и државна самобитност Грците добија сѐ, па дури и она што никогаш ни на сон не можеа да го видат. Затоа, господине Мицкоски, не само што е наивно, туку е и смешно да се очекува дека грчката страна, на чело со Мицотакис (можеби само затоа што тој му припаѓа на десниот, сестрински политички спектар?!), ќе прифати, и тоа во интерес на Република Македонија, да го менува, да го ревидира, да го подобрува за нив „златниот, дијамантскиот договор“, договор со кој е постигната вековната црна цел на сите грчки политички генерации, од безочните фанариоти до денес - Македонија сосема да се потчини, да се освои, да се елинизира, да се претвори во кутар и немоќен грчки протекторат, што, еве, веќе го „чуваат“ грчки воени авиони, а нема долго да чекаме Македонија да почнат да ја газат и грчки воени чизми, малку поцрвсти и погруби од оние со мали броеви што Шекеринска им ги „осигура“ на нашите македонски војници од „донации“ од нечии магазински вишкови.

Фашистичкиот Преспански договор едноставно мора да се фрли на ѓубриште!

Тоа треба да му биде изборен слоган на секој оној што сака да ги добие наредните парламентарни избори во Република Македонија, а не некаква си бледникава и млака идеја за негово „подобрување“, па потоа да си останеме „фини соседи“ со оние што така исконски нѐ мразат и не нѐ признаваат.

Ако господин Мицкоски верува во можноста за „подобрување“ на Преспанскиот договор, тогаш треба веднаш јавно да обзнани и да наброи, точка по точка, што е тоа „добро“, кој тоа член, кој параграф, која ставка, која буква, која запирка во договорот би требало да се задржи во него за тој, како цивилизиран меѓународен документ да ѝ стане сосема прифатлив и на македонската страна. Ако господин Мицкоски верува во демократијата, а ние му веруваме дека верува, тогаш тоа не би требало да ни го таи, да го чува за себе, зашто во тој случај ќе биде само на чекор до истите методи, до истите тајни и нетранспарентни постапки на Заев, кој тие прашања со другата страна си ги решаваше во четири очи. Никој од нас не се плаши веднаш да ги чуе тие идеи на господин Мицкоски; напротив, таквата негова отвореност, особено ако станува збор за црвсти и несоборливи аргументи дека воопшто има нешто „добро“ во Преспанскиот договор, кој би требало само уште да се „подобри“, ќе му донесе масовна, плебисцитарна поддршка од македонскиот народ и од сите граѓани на Република Македонија, која, замислете! - во тој „договор што треба да се подобри“ воопшто не се ни спомнува.

ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР ПРЕТСТАВУВА СИЛУВАЊЕ, најгрубо и највулгарно, најодвратно меѓународно силување на македонската држава, на  македонскиот народ и на душата и на националното и човечко достоинство на секој Македонец поединечно!

А силувањето, господине Мицкоски, е секогаш само силување! Најмрачен злосторнички чин! Силувањето никако не може да се „подобри“! За силувањето треба да се оди во најстрог доживотен затвор, а не да се преговара за негово „подобрување“ или „преправање“.

Неприфатливо е Мудроста (ако е мудрост!) да се натпреварува со Глупоста во смалувањето на сторената глупост и зло. Мудроста може само да постапува мудро. Ако пак се обиде да ги преуредува, да ги дотерува, да ги поправа глупоста и злото што ги сторила Глупоста, тогаш веќе не станува збор за Мудрост, туку само за некој друг вид Глупост (со исто име, само со поинаков предзнак), која е уверена дека е барем малку помудра од својата конкуренција Глупоста (со исто име, но со поинаков предзнак). А јас... јас сум склон кон тоа волтеровски да верувам во мудроста на Мудроста, сѐ додека не се уверам дека таа се изневерила себе си.

На македонските граѓани веќе им е мачно и им се лоши од секаква кабинетска, компромисерска, колеблива бла-бла политика, и внатрешна и надворешна. Македонските граѓани сакаат да видат и да препознаат еден национален политички лидер што јасно и недвосмислено врз здрави основи ќе ја радикализира македонската национална и државна политика, со тоа што и на дело, а не само со патетични зборови, и особено не само во прво лице (често повторуваното „Јас ќе те победам“!), ќе ја покаже и ќе ја докаже силата на националната и моралната самобитност.

Неодамнешните изјави на Мицкоски, пред да ги добиеме последните, сосема очекувани, одбивни „крошнички“ од ЕУ, кога, понесен од заевскиот илузионистички „моментум“, речиси егзалтирано најави дека „заедно со владата ќе лобира за датумот за почеток на преговорите“ - беше една сосема непотребна и бесполезна, страшно, ужасно погрешна политичка порака на водечкиот опозициски лидер. Со која тоа и каква влада? Зарем со велепредавничката „влада“ на Заев? Со тие ординарни криминалци ли? Со таа изјава Мицкоски истиот момент ја дезавуира својата лична, но и севкупната партиската битка за Македонија, и целосно ја ревалоризира „владата“ на Заев во очите на неговите „пријатели“, во очите на тој гнил „меѓународен фактор“ што ни го инсталира истиот тој беден велепредавнички разбојник. Неприфатливо е и претставува најгрда порака и одењето на челниците на ВМРО-ДПМНЕ Николовски и Ѓорчев на „аџилак“ кај отпишаниот примитивец Јоханес Хан, човекот што беше најотровната мирудија во сите мрачни пресвртнички настани во Македонија, кој за државниот удар во македонското Собрание рече дека „тоа е мало поттурнување на демократијата кон напред“, човекот кој се „прослави“ со низа глупи, фашистички твитови против демократијата во Македонија и против нејзината слобода и самостојност, меѓу кои секако „блескоти“ оној најмрачен криминален повик до Заев по пропаднатиот референдум: „Применете балкански методи!“ А како изгледаше „примената на хановските балкански методи“ и што остана од Република Македонија по нив - тоа сите го видовме и добро го запомнивме.

Вистински нов, храбар и уверлив политички лидер во Македонија, и сигурен добитник на наредните избори ќе биде оној што јасно ќе каже и ќе вети дека штом дојде на власт, со најостра правна закана ќе им забрани на Јоханес Хан, Федерика Могерини, Метју Нимиц, Никос Коѕиас и Алексис Ципрас воопшто да стапнат на нашата македонска почва, и оти веднаш ќе побара отповикување на неколкуте амбасадори што најдиректно и најгрубо учествуваа во уривањето на правниот систем на Република Македонија и во незаконското донесување на власт на криминалната заевско-големоалбанска организација.

За оние што се лулкаат и се нишкаат на заводливите политички прогностички рејтинг-илузии, треба јасно да се рече дека резултатите на претстојните избори воопшто не можат да се „прочитаат“ од повремено објавуваните рејтинг-листи. Во медиумите често спомнуваната предност од некои десетина па и повеќе насто на ВМРО-ДПМНЕ во однос на СДСМ, па дури и да се оствари на денот на изборите, воопшто не е доволна и значи само едно: релативна, Пирова победа, а тоа недвосмислено значи натамошен опстанок на власта на сегашната заевско-големоалбанска криминална коалициска клика.

Оној пак што вистински сака разлеаната трагична судбинска река на Македонија да ја врати во нејзиното нормално цивилизациско и демократско „корито“ и во нормален „тек“, треба да оствари апсолутно чиста и со ништо непоматена, ГОЛЕМА ИЗБОРНА ПОБЕДА, за да може да формира суверена мнозинска влада без какви и да е идиотски, бесрамни, одвратни уличарски уцени и бедна меѓупартиска, етно-битпазарска криминална трговија од сите видови, на што во изминативе три години со гнасење сведочевме и сведочиме секој ден и секој час. Само еден таков апсолутен победник на изборите, ако притоа во себе носи и вистински надпартиски национален капацитет, ќе има можност да воспостави нова, цивилизирана меѓуетничка рамнотежа во Република Македонија, и за министри (и тоа не според некаков си лажен комуњарски етнички клуч) во својата влада да избира само најквалитетни професионални и морални луѓе, независно од тоа дали се Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми, Срби, или пак од некоја друга етничка припадност. Само тогаш Македонија ќе биде Швајцарија за сите.

Во спортивното, секое, сега присутно, компромисерско, тесно-партиско надмудрување и наддавање во fake-парламентот и околу него, лидерски средби ти-реков-ми-рече и други глупости, кабинетското и квази-дипломатско пимплање и лигавење со оние осведочени ѓубриња од „меѓународната заедница“ што ни ја уништија Македонија, води кон сигурен и длабок изборен пораз, а еден од неонски осветлените патокази во таа погрешна насока е и безидејната идеја на господин Мицкоски со новиот грчки премиер Мицотакис да преговара за „подобрување“ на Преспанскиот договор, тој најцрн, силувателски и силеџиски, најсрамен и најпогубен документ во историјата на македонскиот народ.

На ова место морам уште еднаш да потсетам на зборовите на Волтер: „Договорите меѓу владетелите се најобично попуштање пред неволјите додека не дојде прва нова можност посилниот да го притисне послабиот“.

А во нашиов трагичен македонски случај „прва нова можност“ фашистичкиот Преспански договор решително и краткопотезно да се фрли на ѓубриште, каде што му е и местото, ќе бидат наредните, по сите овие тековни драматични разврски во заевското криминално милје најверојатно предвремени парламентарни избори, а пак најсилен, па и многу, неизмерно посилен од сите црни домашни и надворешни моќници, непријатели и предатори, може да биде само оној што околу себе ќе го има обединет сиот македонски народ, со кој заедно и слободно на сиот глас ќе ги пее народните стихови: „Ништо не те плаши Македонијо!“ Само со таа и со таква народна и морална сила Република Македонија може повторно достоинствено да застане на своите нозе.

Но за тоа не се доволни вообичаените компромисерски политички методи за козметички зафати на Преспанскиот договор, и префинети деск-разговори со оние бедни и безначајни човечки сурогати по амбасадите и низ Европа што ни ја растурија државата, што ни ги скараа очите во главата, и кои и натаму ни го држат заринкан насилничкиот политички нож во нашите национални дробови. За тоа е потребна стамена, храбра политичка личност на која народот безрезервно ѝ верува, личност способна веднаш, овој час, да направи радикално, решително свртување кон изразито освестена проевропска но истовремено суверенистичка политика, со сигурен и прецизен компас насочен кон вистинските цивилизациски вредности кои го подразбираат универзалното право на секој народ на свое име, јазик и на своја суверена национална држава; политика која слатките, лажливи, заводливи, корумпирачки, подмолни зборови за нашата божемна „блескотност“, за „блескотниот, нобеловски грчко-македонски пример“ и слични европски глупости и лигавења што од европската уста одвратно ни се цедат во ушните школки за да ни ги затнат за вистината (кои, еве, веќе рутински ги презема и Урсула фон дер Лајен, инаку, политичарка со крајно опасни, милитаристички намери) - значи, политика која таа сладникава „однегувана хипокризија“ ќе ја прими без каква и да е егзалтација, туку со ширум отворени очи, со смирени мисли и со студена глава, способна достоинствено кичмата да си ја држи исправено, и јасно да им каже: „Не, не, господа, тоа едноставно не е вистина; тоа што со вашата квислиншка хистерична алатка Заев им го направивте на македонскиот народ и на Република Македонија се најобични свинштини и невидено насилство! Ајде да ги ставиме нештата на своето место и да започнеме одново, онака како што им прилега на цивилизираните народи!”

Да, знам, овој баран политичко-лидерски стандард е многу висок, зашто станува збор за политика и политичар со јајца како кокосови ореви. А притоа има и уште нешто многу важно: македонскиот народ не е собран само во една партија!

Така јас гледам на нештата, а вие видете.

 

16 јули 2019, Republika.mk Online

Преспанскиот договор ќе оди на ѓубриште!

https://republika.mk/kolumni/prespanskiot-dogovor-kje-odi-na-gjubrishte/