ОСЛОБОДУВАЊЕ НА ПОЛИТИЧКИТЕ ЗАТВОРЕНИЦИ

ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

 

Луиџи Ди Мајо, министер за надворешни работи и меѓународна соработка на Република Италија

 

Почитуван,

како македонски и хрватски интелектуалец и јавен деец, слободен сум да ви се обратам со молба да ги вложите сиот свој дипломатски и политички авторитет и влијание Република Италија пред највисоките инстанци на Европската Унија да побара итно стопирање на сите натамошни дејствија околу приемот на Република Македонија во тоа високо европско друштво, и да издејствува целосен мораториум врз сите натамошни активности во таа смисла, сѐ додека во Република Македонија безусловно не бидат пуштени на слобода сите политички затвореници, осудени во монструозните монтирани политички процеси во врска со настаните од 27 април 2017 година за наводен тероризам, со драконски затворски казни во вкупно траење од 211 години, како и сѐ додека не им се организира и не се одржи праведно, објективно судење за учеството во настаните на тој ден, кои, всушност, беа на нивото на инсценирани нереди и груби туркања во просториите на Собранието, предизвикани поради апсолутно антиуставното и вонпроцедурално, насилно конституитрање на македонскиот парламент.

Актуелната власт на премиерот Зоран Заев тогаш бескрупулозно се послужи со своите политички и партиски сосема потчинети и узурпирани тела на највисоките судски власти во државата, за да може со тие, во поновата историја на Европа невидени политички процеси и пресуди, на сите граѓани на Република Македонија да им втера страв во коските и да го оневозможи секој натамошен отпор кон неговата безобѕирна авторитарна моќ која, како што сигурно ви е веќе добро познато, длабоко е потоната во корупција и криминал, во безобѕирно поништување на медиумските и на човечките слободи, во бројни молионски корупциски афери, од рекетирањето на видни деловни луѓе и претпријатија, па сѐ до директна цврста поврзаност со балканската и другите мафии и нејзините најопасни босови, по кои се распишани европски и светски потерници, а на кои токму властите на Зоран Заев, на сите од ред, им издале македонски пасоши со лажни имиња и дури со нив биле во најблиски и најдиректни контакти, за што сведочат низа документи и документарни фотографии, со што им овозможиле на тој начин слободно да се движат низ разни европски држави, и им осигурувале и престој и криминално дејствување во и од Република Македонија кон други земји.

Република Македонија денес е единствената земја на просторот на слободна и цивилизирана Европа во која постојат политички затвореници, кои притоа се држат по македонските затвори во нехумани и животно загрозувачки услови. Станува збор главно за луѓе од помлада и на средна возраст, меѓу кои некои се и со позначајни здравствени проблеми, а повеќето од нив се истакнати македонски интелектуалци.

Под силниот притисок на јавноста и за да ја намали политичката штета на своја сметка пред домашната и пред светската јавност, Заев беше приморан да ги пушти на слобода неколкуте исклучително видни македонски уметници и интелектуалци, меѓу кои беше и македонскиот баритон со светска слава Игор Дурловски, откако неправедно одлежаа во затвор по половина година или подолго, а на останатите им понуди „да се покајат“, што тие, не чувствувајќи се виновни, енергично и со индигнација го одбија. Меѓу нив најистакнато име е Јане Ченто, внукот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ (Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија) Методија Антонов – Ченто, првиот претседател на Демократска Федеративна Македонија (од 2 август 1944), легендарен македонски национален патриот и политичар, кој во повоените југословенски политички чистки доживеа токму таква судбина: на монтираниот политички процес е осуден, и како политички затвореник и осуденик е грубо одстранет од тогашниот политички и јавен живот, за потоа, во тие нехумани услови, во 1957 година да згасне и неговиот живот.

Неговиот внук, тириесетидвегодишниот адвокат, татко на малолетно четиригодишно дете, кое досега лично не го видел, бидејќи токму толку долго се наоѓа во строг политички затвор, Јане Ченто, осуден на 15 години затвор под обвинение за тероризам (на апелациониот суд казната му е намалена на 13 години), се најде на чело на македонските Уставобранители, и стана симбол на македонскиот бескомпромисен национален отпор кон срамната, ненародна, авторитарна, корумпирана и криминална власт на Зоран Заев.

За в недела, на 25 април 2021 година, во Македонија е закажан голем народен протест, и тоа без политички обележја, со барањето Јане Ченто и сите Уставобранители безусловно да се пуштат на слобода, и да им се организира праведно судење за учествувањето во горе спомнатите немили настани.

Почитуван, ве молам, заземајќи се, од наведените причини, во самата Република Италија и пред највисоките инстанци на Европската Унија за мораториум на сите натамошни активности околу започнувањето на преговорите со Република Македонија за нејзино примање во ЕУ, како и за итно ослободување на македонските политички затвореници, да го искажете демократскиот дух со кој со право се гордее италијанскиот народ, со кој македонскиот народ и сите граѓани на Република Македонија негуваат одамнешно, длабоко и посведочено пријателство и заемна благонаклоност.

Однапред ви благодарам за заземањето за оваа важна и неодложна хумана работа која најдиректно се однесува и на нашето сфаќање на Европа и на нејзините држави-членки како цивилизациски простор на непоматени човечки слободи, во кои поимот политички затвореник денес е и мора да биде само еден мачен историски анахронизам.

Примете ги изразите на мојата длабока почит.

Алдо Климан,

македонски и хрватски писател

 

25 април 2021, Denesen.mk Online

Алдо Климан со писма до европските политичари:

Ослободување на политичките затвореници во РМ, осудени за „27 април“!

https://denesen.mk/aldo-kliman-so-pisma-do-pettmina-evropski-politichari-osloboduvanje-na-politichkite-zatvorenici-vo-republika-makedonija-osudeni-za-nastanite-na-27-april-2017/