СПЛИН


'

1.

Силоамска бара

 

Со денови дуваа чудни ветришта без насока и цел. Немаше снегови, но некои речиси бестелесни кристалчиња се нафаќаа по џамовите и во сите едвај забележливи пукнатини на вратите и на прозорците. Таа пајажина од студ и морничави завивања однадвор во кои не можеа да се распознаат ни ветерот, ни загубениот детски глас, ни неколкуте залудни клавирски акорди што допираа од соседната полупразна куќа, ни лаежот на изгладнетите пци, ни чкрипотот на големото напукнато дрво пред куќата, не влеваа никакво спокојство и, ако бевте сами, оооо, ќе ве голтнеше ужасот на тоа гротескно мешање на звуците што на шега го правеше големиот натприроден сомнамбул на времето.

Знам, од онаа страна на мојот ѕид што беше залепен до соседната куќа се местеше едно расипано уво на доушник. Сакаше да ја разобличи мојата самотија. Го гледав ноќе низ ролетните: во темна тренерка, со високо крената крагна, трчаше низ неосветлената улица. Всушност, тој ја воведе таа мода на месечарење. Сите чекаа самракот да ги дотурка облаците и цврсто да се стегне меѓу оџаците за да се измолкнат од своите мрачни дупки и без трошка задишаност, тивко, тихо, без шепот, скоро мртви да трчаат низ празните раздувани улици. Воздушните труби ги извлекуваа од превртените канти за ѓубре нивните шарени, лепливи содржини и долго и непредвидливо ги искачуваа над крововите како полноќни јавачи на страв. Но јас бев заштитен од тие гурмани на мракот. Лежејќи во својата апсолутна темнина, ги прелистував неодамнешните настани од мојот живот. Јасно е дека некој многу вешт незабележливо ја поместил мојата фигура од она поле на кое што очекував да се видам себеси, иако тоа не умеев да го сфатам. Всушност, можеби и сосема ме украл од таблата, добивајќи така неочекувана предност што сега требаше да се надомести, или барем да се ублажи. Секако, јас немав никаква намера да преземам нешто. Моето конечно отсуство беше сосема занемарливо. Но нешто ме нагонуваше на игра, ме скокоткаше некој црвец да ʼрчнам во огнот, да фатам некое жарче.

Она неуморно доушниче, бездруго, би сакало барем за кратко да се мушне во моите мисли, да ги легитимира, па, по можност, малку и да ги доведе во ред, но ми беше заморно тука да ја спуштам мрежата, зашто знаев дека веќе одамна се истоштува со истражувањето на мојот интимен живот со нашата заедничка малолетна сосетка Муна, наркоманка, која доаѓаше кај мене да медитира под еуфоничното озрачување на на Жан-Мишел Жар. Не настојував ни да ѝ помогнам, ни да ѝ одмогнам. Не дозволував дилери да го минуваат мојот праг, но таа ми беше нешто зад онаа врата, нешто што се прелева и бега низ сопствениот ѕвонлив повик. Таа беше вовед во едно друго царство за кое само јас ја имав нејзината пропусница.

Да, будењето е неретко само привид, а и светлината само малку ја изобличува стварноста што така извесно нѐ лади; но кога се будите со Жобим, бездуго ќе станете на лева нога и ќе го завртите замислениот телефонски број. Ете, Муна ветува дека секако ќе дојде. Ќе го донесе во крошничка и своето тигресто маче Филип. Тоа е прифатлив почеток на еден зимски ден. Треба уште само да ја кренам ролетната, пршлен по пршлен, што покротко и попретпазливо и да видам дека прочистувачката белина на снегот ги завеала дворот и улицата, по чија средина сѐ уште сонливата Муна ќе ги остави своите малечки траги.

Ха! Не ја препознав смислата на сето тоа. Мора да сум згрешил одамна, еднаш кога в шума, залутан по коритото на некакво поточе, почувствував страшна жед и се напив од најблиското вирче. Или, пак, ме залудија мирисите на оние влакнести треви во коишто заспав изморен, изморен од доверби.

Нагло ја тргнав ролетната, намерно грубо и невнимателно. Во мојата соба наеднаш се втурна сиот ужас на ноќешните сенки. Мракот само се свртел наопаку: доушникот носеше вруќ леб под мишка; соседите од карши ја туркаа својата стара кола, брзајќи на работа. Ветерот го мазнеше, го делкаше, го остреше уличниот мраз за нечија рака или нога. Еден згугурен старец, наметнат со сиво, закрпено палто, мина бргу на точек натоварен со некакви огромни црвени вреќи. И собата беше прекопана од немарни денови. Арт деко. Свеќата догорена. Муна ги заборавила своите ракавици. Во купатилото капеше вода. На радиото само пиштење на некаков недофатлив сигнал.

Знаев дека од ова морничаво трпнење ќе ме извлече единствено приказната за господин Карлос.

Бргу се облеков и отидов на работа. Буквално бев турнат во таа дупка, задушлива и нечиста, создадена за лазачи, склони кон темнина и студенило. Натрупани маси стоеја потпрени едни врз други, натоварени со пепелници преполни допушоци и нездрава пепел, која како никогаш да не била сосема изгасната, зашто од неа се извлекуваше неподносливо тешка миризма, а можеби тоа беше само природниот мирис на мемливата хартија од дебелите годишта стари весниции, што го затвораа хоризонтот до височината на ѕидниот саат. Поправо, сѐ беше некако накривено. Столовите со нееднакви нозе како да го наведуваа погледот зад завесата за можеби таму да ги пронајде нивните осакатени парчиња. Меѓутоа, таму брмчеше само ветвиот, разлабавен вентилатор, кој неуморно ја виореше дебелата прав од налудничавите вести и прокамации. Луѓето што работеа тука беа како всадени во тој стеснет простор. Поднаведнати, со виснати глави, со опуштени рамења, со скратени екстремитети, личеа на неправилни, без причина пресечени восочни фигури, кои, веројатно поради случајното присуство на едно белодробно крило, даваат некакви знаци на живот. Во тоа кутивче некој итар дал да се вгради, до самиот прозорец, уште помал стаклен кафез за стенографите, па сега и единствениот прозорски отвор беше конечно придушен. Воздухот, сепак, некако се вовлекуваше под лошо задихтуваната врата.

Некој постојано висеше на телефонот и никако не можев да го свртам бројот на Муна. Мојата работна маса беше затрупана од разни извештаи што требаше да се преработат, да се скратат, да се доведат во пристојна состојба. Една разгледница од Ангола. Опомена за неплатена струја. Стариот добар мечтателски атлас.

Под една голема коверта го најдов најновиот број на списанието со мојот расказ Интрига. Гогош, природно, можеше да дојде секој момент и јас бргу го истргнав табакот со расказот, го тутнав во внатрешниот џеб од сакото, списанието внимателно го ставив на упадливо место и излегов. Требаше некако да се забошоти тоа меѓувреме до доаѓањето на Гогош. Тука немаше промашување. Затоа морав да бидам некаде каде што лесно ќе ме пронајде, но и да му оставам доволно време да ја шифрира загатката. Навистина ме забавуваа тие сиви игри, единствениот раскош во оваа зачадена пустелија од која не се бега лесно.

Слегов во службениот ресторан, тоа задушливо дело на некој прилично мрачен архитект. Косиот простор го притискаше тромавиот устоен воздух, кој како да беше благословен за уметноста на здодевање, таа превосходна работа на која тука требаше да ѝ се препуштите. Во алиштата на нервозните службеници што се туркаа во неправилниот ред пред шанкот се вовлекуваше тешката лојава миризба од соседната кујна, миризба што го убиваше гладот и ја поттикнуваше мачната ошумоглавеност. Врз збунетите лица како да струеше некаков недефинирлив, но единствен бран на премолчен страв. Насмевките им беа штури, колку да не го нарушат редот. Личеа на замислени хипохондри што длабоко во себе се занимаваат со чудните трпки по кожата, со својата неразбирлива задишаност од која нема излез.

Неднаш пред мене искрснаа две колешки, сестри, дебелки девојки. Почнаа со хахахахаха! И така натаму. За мене тие одамна беа сведени на својот заштитен знак: кога бевме горе, во канцеларијата, секои неколку моменти од малото прирачно шифонерче дрпнуваа долги чаршафи ребреста тоалетна хартија, излегуваа во ходникот и се слушаше како цупкаат по мермерот до чкртливата врата на WC-то.

Ни пријде и Отело. Негов заштитен знак: ококорени сиви очи. Секако, Отело му беше прекар, веројатно поради очите што сега, онака влажни, лутаа по просторијата којашто веќе долго ја исполнуваше само хаосот на несредени шумови, движења, шепотења. Тој секаде настојуваше да наметне строга атмосфера што беше мошне незабавно и предизвикуваше придушено мрморење чиешто потекло беше тешко да се одреди. Некој понемтур од нас би рекол дека тоа мрмори недолжниот мебел што е принуден да го трпи овој ненадарен, таутолошки свет. А можеби и самиот Отело, како зборувач од мев, мрморел поради својата ужасна немоќ да ги разлачи софистите од љубопитните посетители на Аја Софија, зашто, еве, некој штотуку ги спомна тие чудни појмови чија магленост тој длабоко во себе ја сфаќаше како казна за некакви несторени гревови. Даваше изглед на човек кој мора нешто да каже, малку да ја помести стварноста од нејзиното место, - само, поѓаволите, ништо не му паѓа на ум.

Отело за момент се оддалечи и му пријде на еден попстар човек што го викаа Вујче. Зошто Вујче? И кому Вујче? Некако постојано бев надвор од границите на тој лажен интимитет. Се обидував и да се навикнам на тоа, да се доближам, да се идентификувам со тој народ кој, веројатно, ја знае вистинската формула на однесувањето, па според тоа и на животот, но кога ми се случи само еднаш на Вујче да му се обрнам со Вујче, почувствував како некој огромен да ми стапнал на грло, разурнувајќи ги и најзафрлените ќелии на мојот вистински идентитет.

Но, да, да, фала богу, ете, дојде редот и на Гогош. Го забележав како, речиси во глисандо, се провлекува меѓу луѓето со филџан кафе в рака. Негов заштитен знак: ненормални количества колонска вода. Се обиде како артист-аматер. Пропадна. Успеа како уредник-професионалец. Тоа е веќе познато поглавје, иако длабоко во себе просто инфантилно се инаетев на таквата судбина да се биде пропаднат артист и успешен уредник. Меѓутоа, Гогош вчудовидуваше со своето достоинствено извртување на смислата на тој неуспех. Тој сметаше дека неговиот аматерско-артистички обид претставува нешто особено нобл во неговата биографија во развој и постојано го подметнуваше на тацна. Најпосле, тоа сведочеше за неговите несомнено енормни хоризонти.

Пријде полека, го спушти филџанот на маса, се поздрави со дебелките сестри, па со мене, и седна. Сестрите почнаа со хахахаха! со него, но јас сакав да бидам брз и ефикасен и веднаш го свртев разговорот. Секако, беше вознемирен кога сфати дека сакам да зборувам за работи што се шепотат и в четири очи. Настојуваше на сестрите да им го префрли вниманието на некои тривијалности околу лошото кафе, но јас бев упорен:

„Се работи за некојси господин Карлос, Кубанец! Нели е тоа нешто мошне сериозно?“

Немаше никаква вистинска причина, никаква крстосница во разговорот за да ја насочи водата на друга страна. Знаев дека се измачува. Тоа се чувствуваше според засилениот бран миризба од колонската вода што доаѓаше некаде од под неговата милиметарски фазонирана брада. Не знам зошто еден поет на шега го нарече „Принцеза Брамбила“. Тоа никако не беше баш најсоодветно за прекар што тука секој од нас сепак помалку или повеќе го заслужуваше, но навистина, ако го погледневте малку повнимателно, ќе забележевте во неговата крутост извесна ноншаланција карактеристична за принцезите во пубертет.

Сега беше затечен, но извесно деликатно искуство му помогна да се соземе.

„Добро, ќе поразговараме за него, но сега има една поитна работа што треба да се сврши“.

Наеднаш се стемни, малку го поткрена челото и направи битна пауза.

„Треба да напишеш посмртен говор“, рече. „Немаме друг човек. Во оваа ситуација, кога сите се растрчани по непредвидени обврски, навистина немаме друг човек“.

„Посмртен говор?! Кој умрел?!“

„Всушност, се убил“, рече Гогош.

Сестрите вреснаа. Од зад шанкот излегоа двајца келнери и носеа огромен казан полн со помии. Луѓето што чекаа во редот се тргнаа на страна за да не ги зафати мрсниот раб од казанот од кој на сите страни пласкаа мали бранчиња помии.

„Куно“, рече Гогош. „Бил на вонредно дежурство. Предвидувајќи такви нешта, забранивме секакви посети на стражарските места, но тој ја повикал девојката, нешто се расправале, неочекувано стрелал во неа, а потем се убил и себеси. Знаеш, тие говори секогаш ги пишува Брада, и мислам дека нема помајстор од него за таквите траурни ситуации, но сега е на терен и, ете, ти ќе го сориш тоа“.

Тука Гогош се извлече од нокдаун. Му се врати она препознатливо спокојство и веднаш беше јасно дека одново станува господар на својот дух. Дури стана малку покомотен: го отпетла копчето под грло.

„Да… И би те замолил да ми го донесеш својот текст Интрига да го прочитам. Го видов списанието на маса, но некој идиот го истргнал табакот. За што се работи во него?“

Беше јасно дека мојата дрска шега добила сосема друга насока и веќе немав желба да се забавувам на негова сметка.

„Ништо особено“, реков. „Некој сака да стори нешто за некого кому не му е јасно зошто тој некој се зазема за  него без причина.“

Сестрите го исфрлија она хахахаха! И Гогош задоволно отпетла уште едно копче.

Значи Куно се убил! Сите знаеја дека е малку откачен и заглавен во долгови поради женски. Откога ги воведоа тие вонредни дежурства се маткаше како паун тука и таму, со пиштол, а потоа пам-пам…

Некако се извлеков од ресторанот и се качив во канцеларијата на Брада. Тој човек, очигледно, водеше голема сметка за својата дистанца спрема другите колеги, дистанца што ја градеше со години, по малку мудро, по малку грубо. Дури, по игра на случајот, откри дека може да создаде непремостлив јаз меѓу себе и другите токму со најбаналните листови хартија што пред него беа раширени на цели две службени маси. Секогаш на нога, од височина задлабочен во испишаните редови на долгите тажни говори, што ги пишуваше и ги препишуваше за починатите и загинати колеги, се чувствуавше угодно во улогата на морален судија на крајот од нивните тенки животни приказни. Но сега беше отсутен. Жезлото ми припадна мене. Неговата малечка секретарка неуморно и стрпливо ги чукаше на машина фрагментите од старите посмртни говори, што тој ги компилираше и ги адаптираше за некоја нова прилика како да знаеше дека Куно ќе ја крене раката врз себе. Негова девиза беше: „Живеј како што знаеш, но умри значајно“.

Малата секретарка беше нервозна. Додека ги прелистував старите посмртни говори, љубовникот неколкупати ѝ телефонираше, а таа молежливо го одлагаше разговорот, ветувајќи дека наскоро ќе ја заврши работата. Беше збунета поради моето неочекувано присуство. Врз широките пори на вцрвенетото лице ѝ се таложеше густа прашина, тој прекрасен и траен канцелариски инвентар. Низ завесите се пробиваше колеблива светлина од што се создаваа малечки дамки на нејзиниот подбрадок и на кусиот врат, впрегнат во бакарна бижутерија, каква што можеби носела и убиената девојка. Наеднаш јас ѝ дојдов како некаква непријатна совест. Сигурно истовремемно си спомнавме за онаа бесмислена сцена, кога на едно службено патување случајно ја видов како во еден од зафрлените, мрачни ходници се стиска со некое момче од хотелскиот персонал. Тоа некако исплашено ја тргаше главата, бранејќи се од нејзината жестина, а таа како загубена повторуваше: „Те молам, те молам, само еднаш!“

Надвор почна да паѓа снег врз оголените липови гранки и врз зачадените покриви на бараките. Токму човек да посака да биде добар и послушен.

Ги земав сите посмртни говори во две дебели најлонски кеси и некако се одвлечкав до дома. Снегот беше добредојден, зашто ги натера сите душкала од соседството да се откажат од ноќните трчања. Нивниот обид да се проверат и на вакво време им ги наежавил вратовите и како разлутени мачки фрфкаа зад вратите.

Нешто се вареше во овој град. Не, не можев да излезам од под стакленото ѕвоно и да ја разберам работата. Знаев само дека еден ден секако низ мојот прозорец ќе влета камен со врзано заканувачко писмо и го благословував секое ново мирно утро.

Во собата беше претопло. Печката беше вжарена и нејзиниот бабот како да го заживуваше оној архиговор на предците што ја фрлиле нашата заоблена коцка како успешна невкусна шега, па не можевме ни да добиеме, ниту да изгубиме.

Расоблечен до половина, излегов од годишното време. Посмртните говори беа суров потсетник. Давид го погребавме во август. Секогаш ја претрчуваше улицата на незгодно место, и беше повеќе одошто сигурно дека еден ден ќе биде смачкан. Во институтот за судска медицина не можеа да го соберат. Томас изгоре во студиото. Брада тогаш му се обрати како на жртва, но сите беа начисто дека тоа е самоспалување на еден параноик. Тоа се случи во јуни. Никој не можеше да го изгасне пожарот. Војската успеа само да го локализира. Од Томас не најдоа ни ковче. Истиот месец Ванѓел настрада од камена лавина. Имаше мала плата и никако не можеше да се задоми. Затоа бараше евтини задоволства: возеше стар точек, пешачеше покрај пруга и собираше камилица и слез, планинареше во раните утрински часови… сеедно, сите како да исчезнуваа без трага. Но сега кога се обидував да ги доловам тие ликови, како да го гледав печатот на смртта на оние вообичаени места на блесок во нивните зеници.

Нешто ме полази. Секако би требало да отидам до огледалото и самиот да се погледнам в очи, но таа брзоплета иронија веднаш ми се стори некако многу лесно изведена и недуховита.

За миг се препотив. Надвор, на скалите, снегот чкрташе под нечии стапала. Ја слушнав Муна како шепоти. Веќе стоеше до самата врата и мрмкаше во процепот:

„Отвори. Нема никого. Филип ќе се смрзне. Мјаука од студ и ме гребе“.

Внимателно ја отворив вратата. Не сакав многу светлина да се истури врз улицата. Муна беше водена до кожа. Во едната рака ја носеше крошничката со Филип, а во другата неголема икона на некој непознат светец. Влезе рамнодушно и онака сосе иконата се спушти крај печката. Надвор беше гробно темно. Веројатно ја штедеа струјата. Но, сепак, кога ја затворив вратата забележав… да, не се излажав, низ пластичниот прозорски засен кај соседите отспротива се провре некаков опасен поглед, ѕирнаа некакви страшни очи.

Муна делуваше сонливо, истоштено.

„Свети Никој патува со мене“, рече опуштено. „Се фиксавме заедно. Погледни тука, на неговите раце“.

Навистина, светецот беше боцнат во надланките.

„Ха, ха, гледаш?“ - рече Муна, „добро друштво“.

Ја ослободував од влажните алишта, не водејќи сметка за она што го зборува. Ги познавав тие состојби. Муна беше прекрасно девојче. Минуваше низ некоја своја просветленост што само ја слутев. Знаеше дека во мене сѐ е издробено, но некој жесток инстинкт ја туркаше кон мене, бараше некаква чудна закрила што само таа можеше да ја дефинира.

Го бришев нејзиното кревко тело, ја гушкав, го слушав нејзиното липање.

Во собата почна да станува задушливо. Иконата, немарно потпрена врз печката, почна да нагорува. Ја шутнав настрана и полека ја спуштив Муна на креветот. Веќе беше сосема опуштена и речиси заспана. Го сакав тоа спокојство на нејзиното тело, но сега врз него како да се ронеше грозната пепел на посмртните говори.

Наеднаш сѐ се стресе. Однадвор се слушнаа страшни пукотници, рафали, топовски истрели. Имав чувство дека врз нас ќе се преврти блиската планина, дека ќе се раскостат ѕидовите, дека ќе попукаат џамовите. Сиот бев намовнат од некој подземен страв. Муна лежеше мирно. Тоа беше сосема спротивно на целата луда ситуација.

Во таа грозоморна врева на тешки орудија некој како да затропа на мојата врата. Бев сигурен дека ми се присторило, но некој морбиден нерв ме натера нагло и ширум да ја отворам вратата. Пред мене, во сина униформа испеглана на црта и со дрско држење, стоеше соседот од другата страна на мојот ѕид. Стаписано се загледа во Муна, онака разголена, испружена на креветот, но пред да успеам да ја затворам вратата тој ја вклинчи ногата кај прагот.

„Веднаш замрачете ги прозорците! Зарем не знаете дека вечерва има голема воена вежба?“

Немаше место за грубости. Морав бргу и едноставно да се согласам. Тој ја извлече ногата, се насмевна во знак на разбирање и соработка, и внимателно стрча по скалите.

Муна спиеше. Од силните татнежи не можев никако да се сконцентрирам на говорот. Всушност, требаше да сторам како Брада: да ги спојам прифатливите делови и квит! Но, јас упорно, без успех, го орав морето.

Околу полноќ се јави Гогош да ме потсети дека закопот е во 9 часот. Дали сум готов?

„Да“, реков, „го имам говорот. Сѐ е во ред“.

Никогаш нема да бидам во состојба да ја достасам таа прецизност. Знаев дека Гогош прв ќе стаса пред капелата за да се погрижи за правилниот распоред на венците и за точната реализација на протоколот. Овој ненадеен закоп, сепак, беше само обична фраза во целокупниот ритам на неговите однесувања, нешто проверено, разработено.

Изутрината кога заминував, Муна сѐ уште спиеше. Филип беше мушнат крај нејзините стапала. Само еден чекор надвор од домот и тоа беше сосема друг свет, заумен, како исчукан во аван. Снегот беше раскашавен, излозите сѐ уште беа затемнети, колите врвеа бргу, бесчувствително прскајќи ги изѕемнатите пешаци, кои, со прокиснати чевли и вцрвенети носови, итаа кон некои свои маглени цели.

На гробиштата се собра малку свет. Патот од капелата до местото на закопот го минавме тивко, шлапкајќи низ поточињата од снегот што веќе се топеше. Во белината на снегот гробната дупка делуваше грозно, суморно, одбивно.

Сандакот не го отворија. Можеби Куно си го разнел черепот. Гогош се грижеше за спокојството на присутните. Родителите, веднаш до сандакот, беа скршени, но не испуштаа ни глас. Сега требаше да зачекорам напред и да го одржам говорот. Тоа беше бесмислица. Неприродно ја напуштив Муна, без објаснување.

Некоја роднина на Куно истапи напред и рече гласно:

„Ете, а каде се сега другарите да одржат говор?!“

„Шшшшшш! Шшшш!“ - ја смируваа од страна.

Тука се вклешти чудната претпоставка на еден од присутните кој зад мене шепотеше со некого, дека, вусшност, девојката го убила Куно, а потоа стрелала во себе.

Гробарите рамнодушно стоеја одзади со тешките јажиња в раце. Некако требаше да се почне.

„Драг наш Куно…“ - истиснав помеѓу забите.

Чувствував нездржлива потреба говорот да го завршам бргу, да ги сведам нештата на некаков едноставен но пресуден факт, на нешто препознатливо од што на сите нагло ќе им олесни.

„Драг наш Куно…“ - прозборив со мала задршка. „Со својата прерана смрт ти ни нанесе неизмерна болка и ненадоместлива загуба… Се уби…“

Тука за момент застанав, полека поткревајќи го својот (веројатно сосема безизразен и блед) поглед кон насобраните. Гледаа во мене со нескриено исчекување и љубопитство, како да сакаа да речат: „И, и…?!“

„… а ние“ - додадов малку посвечено, само потивко - „...ние ќе го следиме твојот светол пример“.

И тука настана долг и мачен молк, а погребната дружина почна полека и тивко, разочарано да си се разотидува на сите страни.

Па не знам, во секој случај докажано успешен во тие работи, Брада токму така ги започнуваше и ги завршуваше сите свои многубројни погребни говори.



2.

Limbus infantum

 

Секако. Беше чудно што веднаш по закопот отидовме на некакво предавање. Не можев никако да се искорнам од сето тоа. Тешко ја мереа секоја постапка, а сега веќе бев преуморен од сѐ. Муна ја оставив во незавидна положба, беспомошна, бев ненаспан и далеку од можноста скоро тоа да го остварам, а вестите постојано пристигаа, притискаа, немаше изгледи за здив. Седев завален во фотелјата до Гогош, сиот испотен, со мачни претстави и чувства. Предавањето, со сета своја буквална тежина, се валкаше врз нашите глави, таванот ту се спушташе сосема ниско ту се поткреваше, издолжувајќи ја растегливата темнина на малата сала, наменета, очигледно, за некакви интензивни курсеви. Со години на ред живеев така сиот истрпнат, со згаснати сетила. Тоа беше вистинско отсуство од светот. Не можев да си префрлам некаква безволност, некаков недостиг на желби и соништа, но беше сосема јасно дека тие немаат смисла во овој опустошен свет, сведен на груби и застрашувачки информации од кои, бездруго, се раѓа оној внатрешен емотивен далтонизам. Веќе нема нијанси. Сѐ е поделено и разделено на за и против, на црно и бело, на топло и студено, на добро и лошо, на туѓо и свое. Нијансите стивнуваа и стивнаа, и некој секако мораше да биде задоволен од тоа. Глобалниот распоред на задачите и обврските беше прејасно направен и немаше изгледи за исчекорување. Порано се обидував  да си го објаснам тоа мртвило, таа замреност, таа мртвост, но од тој длабок бунар на смртта, од нејзините задушливи катакомби, она малку светлина, оној единствен минлив зрак што се прекршува над нас само еднаш во животот делуваше премногу кревко за да се зграпчиме за него како за сламка. Веќе не претнуваше никаква мисла. Се чувствував како преистоштен студент, кој во полноќните саати допрва треба да почне да учи од некоја огромна, конфузна книга, набиена со формулации и дефиниции што треба да се запомнат до последната запирка. Тоа значеше одново да се испишува тој учебник, кој, конечно, можеби беше и најобична грешка на времето, нечиј инает што веќе му минал и не води сметка за него, додека некој случаен сведок е принуден да му се враќа, да го разјаснува, да го толкува. Се плашев да не разурнам нечија илузија за себеси и затоа не прашував, но одамна сакав да знам зошто сите околу мене имаат службени телефони и постојано очекуваат некаков итен повик. Што е тоа што сум го пропуштил во таа сложена математичка верига, па сега сѐ ми изгледа бесмислено? На каква задача бевме, кој ни ја доверил и кој има право да смета дека ни доверува нешто што нас не нѐ интересира? Гогош?

Сега беше до вкочанетост загледан во предавачот, кој цитираше долги тиради од нечии говори. Тоа се повторуваше насекаде… Но… да, можеби во тоа беше клучот на сите нешта. Можеби не сум сфатил дека живеам во едно благословено време на мудрости, на туѓи мудрости и туѓи прецизни постапки, поради што и не треба да се мисли, да се претпоставува. Секако без да сетам сум ја прифатил таа сонувана стварност на братољубие и разбирање. Но зошто тогаш не бев среќен? Или, пак, и тоа е нов вид среќа при што среќата и не се чувствува? Бев населен со огромно гадење кон такви досетки што веќе не ме ни забавуваа. Сакав да доживеам нешто друго, да се најдам пред некој друг излез, пред некоја порта без резе, да одберам дали да останам или да заминам. 

Предавачот, очигледно, беше стручњак за специјалн војна. Му завидував на Гогош што може да ужива во неговите зборови. Во мојата пустина од сензации и фатаморганата ќе беше сосема доволна. Јас никогаш не бев некој избирач и табиетлија. Не можев да сторам ништо со себеси. И мојата игра околу господин Карлос едноставно пласна во вода. А сега уште требаше да се стаса на работа, да се прекопаат информациите за штрајковите и демонстрациите, за опасните лизгалишта на земја што загрозуваа стотици семејства, можеби и да се појде на самото место, да се поднесат вознемирувачките вести за новите државни удари, да се касне некој залак, да се види што се случило со Муна.

Собрав сили да изберам самиот. Станав и некако се измолкнав меѓу слушателите. Гогош секако беше стаписан, но решив за тоа да мислам подоцна. Своите потези тој секогаш ги готвеше долго, ги разработуваше до најситни детали, стратегиски, со длабока предумисла. Мојот блиц-криг го изненади. Но, знаев дека противударот ќе уследи бргу.

На работа сите ритмично сркаа огромни количества кафе. Се вртеа муабети со клучни претпоставки за натамошниот развој на настаните. Информациите беа оскудни и требаше за секој случај да се пронајде некаква документација за да се разбушави малку материјалот.

Жената, задолжена за документација, по полчасовно трагање низ папките најпосле се врати со еден исечок од весник со куса вест: Над Тајланд видени НЛО! Не знаев, навистина, дали тоа е смешно.

Не стасав вистински ни да седнам, а малата секретарка на Брада панично ми порача веднаш да ѝ ги вратам посмртните говори. Двете дебели сестри дрпнаа од ребрестата тоалетна хартија и излегоа во ходникот, но едната од нив, цуп-цуп, веднаш се врати и ми рече дека ме бараат на телефонот од соседната канцеларија. Не беше Муна, туку сопственичката на станот во којшто живеев. Ми дава отказ, а деталите ќе ми ги објасни вечер. Ќе ме чека во колата пред својата агенција, но…

Наеднаш во канцеларијата влегоа мојот шеф и Брада. Движењата им беа бавни и сигурни.

„Ќе видите дека имам право“, инсистираше сопственичката на станот. „Настојував некои нешта да ги превидувам, ама вие почнавте таму да довлечкувате друштва…“

Останав без зборови.

„Па, не може човек да живее сам“, реков.

„Ве молам, може, може“, рече таа, „како можам јас да живеам сама?!“

Едноставно, моето претстојно иселување беше веќе непобитен факт.

„Да, да, да… во ред… да, да“.

Ја спуштив слушалката. Брада седна на масата пред мене. Шефот запали цигара…

„Ете, гледате каква ни е ситуацијата“, рече. „Десеткувани сме, а работа има сѐ повеќе. Зарем не ви е јасно дека нема место за субјективности. Па, она што се случува со вас сосема нѐ распаметува. Прво: беспримерната дрскост во врска со случајот на Куно. Второ: постојаните употреби на службениот телефон за приватни цели. Трето: редовното доцнење на работа. И најпосле: денешниот скандал со она девојче што дојде да ве бара тука во никаква состојба. Кон што води сето тоа! Чувствувате, нели, дека прашалникот го заменив со извичник? Е, тоа е затоа што од вас веќе и не очекувам одговор“.

Брада беше задоволен.

Муна, Муна! Не го слушав веќе. Значи доаѓала тука! Секако се случило нешто битно со неа! Истрчав оттука без извинување. Ја знаев сета сложеност на тој потег, но морав нешто да сторам. Втрчав во првиот автобус, задушлив и преполн. Чувствував како се смалувам, како се спуштам до нозете, до стапалата на патниците. Сакав само да се провлечам, некако да стасам до болницата, да го надвладеам внатрешниуот грч од кој ми доаѓаше да се стресам на смрт.

Не бев сигурен, но имав впечаток дека некој само неколку чекори пред мене се обидува да ми даде знак. Настојуваше да се насмевне. Веројатно настојуваше, зашто во заматениот поглед ми се вплеткуваше некаква крива линија што потсетуваше на изнудена ведрина. Раката можеше само за миг да ја ослободи и сигурно тогаш ми се присторило дека има намера да ми мавне за да го привлече моето внимание. Не распознавав ништо повеќе од тој молежлив знак, од тој залуден повик. Знаев само дека зад таа грозоморна врата на моето отсуство можеби гргори некаква друга тежина, некаква потрескавична тегобност, но не наоѓав причина да се поместам, да го поткренам погледот, да сторам нешто што е надвор од несигурната целисходност на тоа мое мачно патување.

Во автобусот како да немаше воздух. Прозорците беа замаглени и само тука и таму, каде што минал некој палав детски прст, продираше бледилото на сомелемниот надворешен свет што трепереше на евнухоидните лица како отсјај на свеќите врз рамнодушниот подбрадок на некој оладен мртовец. Не верував во тишината што како густа крема се наточила во устата и во ушите на овие кукли околу мене. Полека, како да очекував некој да ме ѕвекне по глава со тешка гумена палка, го свртев вратот кон кондуктерот. Тој, сосема тивок, сосема обичен, сосема опуштен, чрчкаше нешто врз еден стар билет. Колку мечтаев за таква тишина во претоплите читални на библиотеките. Го крадев од себе времето за да прекопам сѐ, да му се откраднам на уморот чиешто тешко „боп, боп, боп“ постојано ми се влечкаше зад петиците. Но таму беше толку бучно. Веројатно слезени од самата пена на бранот што нѐ носеше сите, тие луѓе што доаѓаа таму за да врволат, да се мушкаат, забодуваа остри иглички во моето внимание. Доли, Гајтана, Медени, Росица - тие чудни излети на чистота, зрачеа од ведрина и миризливост, миришливост, белина. Сладникавиот, крут, врамен мирис на прашливите книги седеше на другиот крај од лулашката и точно ја одмеруваше нивната неприфатлива случајност во овој свет. Минуваа крај мене разбрборени, среќни, едноставни, совршени во својата празна ведрина, но јас не можев да чепнам ништо од тоа. Стеснет во својата клупа, со напрегнат поглед што се истегаше по нив како некакво смекнато тесто, чувствував како наеднаш станувам сосема испотен, разбушавен, мрсен, зарастен во неколкудневна брада, недостоинствен. Морав што подалеку од нив да ја држам својата мрачна палета. А, ете, сега, тука, во овој долг, долг инструмент за превоз, владее тоа мечтаено библиотечно глувило. Само ритмичното „тр-тр-тр-тр“ на бришачите од некаде далеку ги стркалува до свеста мокрите нозе на утринскиот закоп во црвената, глетава земја, што, ете, така, без многу помпа, се рони во неразумните ушни школки, заитани низ полупразните студени пазари, некаде, едноставно некаде…

Во болницата не знаеја ништо за Муна, но докторот што го замолив за информации сакаше да биде сигурен и ме одведе до една ординација со неколку нови пациенти што ги прегледуваа. Навистина, Муна не беше таму, но кога докторот се сврте да замине, го фатив за рака и тивко го замолив да почека малку. Чуден некаков леплив чешел минал низ долгите коси на тие момчиња и девојки. Како остри, усукани кикиришки нивните перчиња штрчеа неугодно нерамномерно над бледите чела и над ушите и во тој триаголник немаше други помаркантни знаци од потечените очи и вцрвенети носови. Личеа на грди ритуални маски што се уриваат во својата бесмисла од чијшто вител немаше излез. Нивното бунило, таа принудна опуштеност, таа кревка замена, тоа вовлекување во дабов сандак, беше обид упорно и силно да се трча по стрмните скалила на некоја неподвижна, полупразна пирамида кон нејзиниот врв што отстапува, што се повлекува кон некакво сѐ подалечно и повжештено јадро. Муна навистина никогаш не ја видов во таква ужасна состојба, но во надоаѓањето на сите овие преконкретни сензации, почнав полека да го распознавам и нејзиниот нагласен хедонизам што сѐ почесто ја туркаше во такви состојби. Можеби и јас бев само дел од нејзината литература, дел од нејзиниот фиктивен свет, извртена слика во нејзината camera obscura, ѕид врз кој само патем се потпира. Навистина умееше преточно да го подеси вистинскиот агол под кој го гледавме ветвиот, заморен свет, рамнодушен и бавен, уверен во својата целисходност токму тука, во ова мало кругче на ништожности, на опипливи баналности што само уште за регрутите претставуваат сериозни задачи, додека некаде високо над нив, над нивната мравја растрчаност, се виори темниот плашт на смртта, на таа корупка во која никогаш не се дозрева, од која никогаш не се излегува како што излегува набабреното зрно од изгниениот плод. Таа е прецврста, преширока и има место за сите.



3.

Неспокојство

 

Требаше да се стави точка на сиот тој кошмар. Како на поддавалник го гледав раскашавениот мозок на општото битие како полека се расточува, се прелева преку сопствените рабови, излегува од себе. Некој, секако, водеше сметка и за мене, но јас сѐ уште бев занемарлив во општиот поредок. Како на слушател од најнизок ранг, „големите“ ми донесуваа од своите фасцинантни патувања шарени кибритчиња, налепници, приврзоци и слични дребулии, кажувајќи ноншалантно за убавите цејлонски жени, за рискантните контакти во Америка и за пикантните арапски јадења. Можев со години да удирам со главата во стаклениот ѕид на ѕвоното што ме делеше од нив, сѐ додека не го потрошам воздухот што ми беше наменет, но немав никакви изгледи да најдам излез оттука. Далеку, далеку од нив успевав да владеам со сопствениот идентитет, се препознавав себеси, имав мислење и став за своите постапки. Но тоа можеше да има смисла само во некое друго време.

Конечно, нешто сепак не беше во ред. Можев да го почувствувам тоа онаа вечер кога се готвев за преселба. Студот попушти, но времето нагло сврте на дождови и не беше возможно ни да се ѕирне низ врата. Во куќата наеднаш стана морничаво влажно, ѕидовите се потеа од некој свој внатрешен оган. Зад мебелот што го преместував излегуваа огромни дамки од мувла и некакво подмолно продувче ги нишаше ламбите. Имав чувство дека ќе се изгаснат како најобични свеќи. Се чинеше дека низ куќата чекори некој мртовец, дека ги испушта последните меурчиња воздух што му се заплеткале во студените алвеоли.

Тие денови беше тешко да се најде некој што би се согласил да ме сели. Се чувствував опседнат, заузден во тоа кутивче од куќа. Морав да сторам нешто, да најдам некакво прифатливо решение. 

Наметнат со старото, црно, кусо палто - излегов надвор. Воздухот личеше на тешка водена драперија што се виори на ветерот. Улиците беа преплавени од големи порои што носеа многу кал, однекаде потсобтрани белутраци и секакви градски нечистотии. Беше речиси невозможно да се пречекорат вировите пред полумртвите дуќани, притивнати и пусти, сведени на баналноста на четириесетватните сијалици што висеа млитаво врз долгунестите, плетени, правливи каблови.

Се готвеше тешка, влажна ноќ, излудувачки шумна од дождот што ги мешаше елементите. Уличните ламби потреперуваа на ветерот. Светлината си играше со водените кристалчиња. Но сепак, така застанат за миг под силните водени бранови, чувствував дека сето тоа е далеку, премногу далеку од онаа питома игра на светлината што како дете ја гледав над синкавите снежни сметови. Стуткана во топла хермелинска бунда, мајка ми чекореше пред мене по тесното, изгазено патче. Со поставена кожена капа на главата и дебел, тежок џемпер со многу извезени еленчиња, трчкав по неа под голите гранки на дрворедот. Реката, само малку подолу, испаруваше волшебно како во приказните. Се чинеше дека еве сега! Оп! - од таа пареа ќе се создаде добрата самовила и ќе го прегрне разнежениот сонлив свет.

Но оваа вознемирена светлина, насилно втисната во дождливата зимска ноќ, се истураше како и поројот, паѓаше на земја од каде што ја одвлечкуваа брзите шурки вода. И таа беше сосема минлива, загадочна, но ја немаше онаа возбудлива приспивна магија. Сосема олабавени од упорните ветришта, некои ламби се нишаа како мандала, крцкајќи морничаво со оној познат метален звук од кој се ежави кожата.

Бев сосема воден и без никаква смисла застанат среде пустата улица. Некаде далеку минуваше автобус. Барот „Индекс“ беше најблиското засолнето место каде што можев и да испијам нешто топло. Во вакви ноќи и тој остануваше празен, но сега пред него имаше многу коли.

Додека се доближував, го видов газдата како претрчува од прирачниот магацин до настрешницата кај влезот. Двајца црнци излегоа рака-под-рака, сосема пијани и, нишајќи се во одот, нешто се расправаа. Едниот од нив беше Тачи. Го гледав тука често. Секогаш ја повторуваше својата приказна за артистката што сакала да скокне од неговиот хотелски прозорец. А таа артистка не беше измислица. Без трошка талент, таа немаше никакви изгледи за успех. Се влечкаше меѓу театарот и телевизијата, но успеваше да добие само споредни улоги. Неуспешниот обид за скок од прозорецот на Тачи беше нејзината единствена главна улога што заврши на клиниката за психијатрија. Потоа со месеци одеше на акупунктура. Таму и ја запознав. Во долгиот, темен клинички ходник таа обично седеше спроти мене и чекаше да ја повикаат. Всушност, најчесто бевме сосема сами. Таа нервозно ги гаснеше цигарите и палеше нови. Доаѓањата тука за неа очигледно беа рутински и не гледаше од нив никаква полза. Но, најверојатно, некој ја принудувал да оди на терапија. Во меѓувреме дознав за нејзините скандали за кои се зборуваше наоколу. Се прашував колку сето тоа е вистина. Таа оставаше впечаток на интелектуалка на која, можеби, успехот ѝ значи многу, но која, исто така, сите свои чекори ги темели врз сопствени ставови. Но неугодните афери со некои психоделични сликари, препродавачи на наркотици, беа премногу конкретни, премногу детално разгласени за да оставаат место за сомневање. Сепак, тие нешта беа некако чудно бргу заташкани и таа и натаму ги добиваше своите мали ролји.

Влегов во барот. Сосема изземен од надворешниот свет, така студен и непријателски, тој имаше во себе доволно непринуденост. Силен чад се виореше на сите страни. Гостите беа стуткани едни до другите. Многумина што седеа заедно сигурно не се ни познаваа. Во дното на барот газдата поддаваше шишиња. Во еден агол неколку девојки, предводени од понесениот глас на еден млад ѓуптин што свиреше гитара, ја пееја песната Чија е оваа девојка, и тука и таму можеа да се чујат тивки придружувања. Но песната постојано, речиси од миг во миг, се менуваше. Се менуваше и местото каде што ја започнуваа, а потоа во бранови таа се селеше од маса до маса.

Веќе во првиот момент видов неколку познати лица. Добрата стара Ники, опуштена во својата дебелина, пиеше вино во крупни голтки. Очите ѝ беа потечени, вцрвенети и поместени во некоја друга стварност. Сепак ме препозна и ме повикуваше да седнам покрај неа. Но газдата веќе ме влечкаше за рака кон една маса каде што веројатно уште имаше слободни места. Онака воден и смачкан, измрцлавен од долги бденија, сосема се препуштив. Ми донесе вруќа ракија и ме наметна со некакво ирамче. Во својата неспитомлива песна ѓуптинот ги вовлече сите. Наеднаш тука и таму почнуваа да се палат свеќи. Сѐ се прелеваше од гласови, препуштени на самите себе, ослободени од секакава друга смисла освен пеењето заради пеење.

Го изгаснаа светлото. Барот личеше на чудесна пијана црквичка среде налудничав океан.

„Неверојатно, неверојатно“, мислев, „сите се однесуваат како ништо да не се случува околу нас“.

Ја видов Ники како ги напрега вратните жили. Пееше на сиот глас и се држеше за слепите очи.

Ми донесоа уште една чаша. Сега беше потопло.

Не можев да си го објаснам тој неочекуван пресврт. Песната не стивнуваше. Гостите се мушкаа низ полутемнината, преминуваа од маса на маса.

Во еден момент ми се пристори дека меѓу нив ја видов артистката на Тачи, Розе. Да. Се влечкаше меѓу масите, обѕрнувајќи се лево и десно. Очигледно тука познаваше многу свет. Изгледаше така пожелно и не можев да ја сместам меѓу овие случајни луѓе. Но таа немаше талент, не можеше никако да ги сврти своите изгледи кон некаква иднина. А и тој збор им беше премногу матен на луѓето што ги познавав. Закопани во своите мали, влажни станови, сутерени и поткровја, осудени на чести преселби, тие оставаа впечаток на библиски страдалници што се влечкаат низ некоја нова, сѐ уште неименувана пустина. Можевте да се свртите околу себе и да видите многу необични нешта што никнуваа одден-наден како чудни знаци на времето што го забрзуваше чекорот. Духовната котлинка во којашто живеевме, ете, на самиот раб од столетието, од милениумот, сѐ уште беше зарастена во едно поинакво време, многу поинтимно, кротко, исполнето со опојноста на таинствените миризби од старите ковчези, од глатките, сјајни овошки по шифонерите во малите студени собичиња со накривени фотографии и газиени ламби по ѕидовите. И историјата како да ни беше под рака, сосема наша, присна. Го чувствував сопственото учество во неа. Но сега - нешто битно беше изменето. Некој моќен прст нѐ исфрлил од кругот каде што таа се одвиваше. Наеднаш сѐ стана така неизвесно. Бевме како изземени од главното збиднување што се одвиваше некаде далеку, во јадрото на целисходниот свет околу кој кружевме како папсани частички.

Низ главата ми прелетаа раздробените слики на натрупаниот и расклатен мебел, калливиот гроб на Куно, кревкото, седефно, таинствено тело на Муна, колебливиот крцкот на разнишаните улични ламби, разулавениот дожд, вестите, вестите што се истураа како споулавени, миризливиот Гогош. Сакав да подвлечам црта, да сумирам нешто, да ја разберам смислата или барем причината на тој вртолум од кој не можев никако да се извлечам. Но песокта тонеше под мене низ тесното грлце на времето и можев само наоколу да ги поддавам рацете, грчовито да ги забодувам прстите во несигурната и лизгава падинка на стварноста. Ова зачадено место беше вториот, можеби третиот круг кон дното. Сѐ како да беше пламнато, подгреано, разблудено од опуштеноста на светот кој не очекува ништо повеќе од себе самиот. Песната стануваше шуплива, како да доаѓаше од некој длабок заговорнички бунар. Се напрегаше до еротско кричење, до инцестуозна заводливост. И артистката веќе беше тука, сосема блиску до мене. Бев убеден дека по ʼрбетот ѝ лазат зелени мравки и оти, ако ја допрам, во раката ќе ми остане цел еден возбуден, растрчан мравјалник.

Но не се случи ништо особено, иако необичноста на нејзиниот поздрав нагло ја изостри сликата што ме имаше опфатено во својата деструирана многудимензионалност.

„Не очекував вечерва да те видам во ова атомско засолниште“, рече таа со еден изненадувачки интимен тон.

Таа посредна контаминација на ионака контаминираниот надворешен свет ми ја направи многу поблиска одошто воопшто можев да поверувам.

Ѝ понудив да седне, но таа одмавна со главата.

„Кога си веќе тука, би било подобро да излеземе од оваа дупка“, рече некако замислено.

Бев затечен. Иако не можев да најдам никаква причина за тоа, нејзината непосредност се чинеше сосема природна и разбирлива. Нашите болнички разговори, бездуго, беа патемни и занемарливи. Но сепак, таа некако постојано ме интригираше и сега наеднаш ми се пристори дека, всушност, знам премногу интимни нешта сврзани за нејзиниот живот. И веќе не бев сигурен дека тоа е само банална случајност.

Надвор истураше. Претрчавме до едно такси и веќе прокиснати до кожа се втурнавме на задното седиште. Мислев дека повторното излегување на дожд ќе ме разбуди од гротескниот сон на животот, но сѐ беше попусто. Возачот беше жена со лице на средовечен маж. Се насмевна како за утеха и рече дека се надева оти нема да ни пречи нејзиниот пес. На седиштето до неа, како фосфоресцентен Кербер, седеше големо куче без крошна на муцката и сосема упорно и испитувачки гледаше во нас. Кога ја промрморе адресата, и самата Розе ми се пристори поинаква, подисплашена и премногу тивка. Жената-маж сѐ уште не го палеше моторот. Се врткаше нешто на своето седиште и најпосле го запали помошното ламбиче кај ретровизорот. Од еден преградок изваде план на градот и почна да го раздиплува.

„Всушност“, рече таа со некаков португалски акцент, „јас вечерва ја започнувам оваа работа, па сѐ уште не ги знам добро улиците“.

Го изгасна ламбичето и конечно тргна.

Улиците беа празни. Тука и таму болснуваа неонски реклами и по некој неприродно осветлен прозорец во долгите редови заспани куќи. Дождот пласкаше врз шофершајбната и во крупни млазови леташе на сите страни.

„А кучево?“ - реков.

Розе сосема се впи во мене.

„Што кучево?„ - праша жената-маж. Притоа нагло се сврте и една случајна ламба блескотно ѝ го осветли грдото лице. „Па тоа е заради арамии“, рече едвај отворајќи ја устата.

„Значи дотаму дотуркавме“, помислив и низ главата ми прелетаа најнеобични слики врз кои се истураше многу снег, божествено бел, светликав, крцкотлив, кристално прозрачен, со снегулки врз чии врвови невино болснуваа златни ѕвездички како на старите божиќни честитки. Сестра ми Бубе хукаше во скрежот на прозорецот, а долгите, разнишани плетенки ѝ беа посипани со тој гримовски укит. Од маглата што се движеше во големи меури како да врие, наеднаш излезе Унгарецот Токоди Вилмош со убав бел гулаб и нагло му ги ослободи крилјата и нозете, ширејќи ја вцрвенетата од студ дланка. Перчејќи го паунесто својот додворувачки опаш, гулабот малку се провртка, скокна на неговото рамо и одлета меѓу врвовите на боровите што повремемно изнурнуваа од маглата. Тоа беше сосема чудна слика. Зашто, Токоди Вилмош беше ловец на змии. Правеше одлични тенгала со и без чатал и, чекајќи ги на присојни места, кон змиите се однесуваше со праисториска почит. Во својата детска омаеност воопшто не се сомневав дека Вилмош е еден од ловците што ги гледав во книгите насликани по пештерските ѕидишта. Отепуваше многу змии и ги собираше на едно место, а потоа, посипувајќи ги со бензин, ги спалуваше како на жртвеник. Бубе и јас воопшто не го сфаќавме тој ритуал, но сосема сигурно знаевме дека тој не ги мразеше змиите. За него тие беа суштества до кои омразата не допира.

Посредноста на тие мисли не ми беше јасна, но имав чувство дека Розе сега сѐ повеќе се впива во мене, дека неверојатно се издолжува и со своето веќе мразно тело сиот ме обвиткува. Лазејќи пругоре, од петиците кон вратот и челото, таа го истегаше долгиот шарен опаш, настојувајќи да го голтне и да го затвори мистичниот круг на сопственото постоење.

Со ужасна нелагодност нагло ги отворив очите. Сиот бев намовнат од студенило и некаков неразбирлив страв. Розе, како да ги презела моите морници, жестоко се стресе покрај мене. Се почувствував глупо заради таа неочекувана инфантилна дремка.

„Изморен сум“, простенкав тивко, загледувајќи се тапо во фосфоресцентниот Кербер што упорно зјаеше во мене, крлајќи се на предното седиште при секое влегување во кривина.

Но бесмислената приказна со таксито заврши нагло.

„Тука сме“, рече кратко жената-маж, запирајќи го автомобилот крај еден осветлен киоск.

Дождот стивнуваше и не моравме да претчуваме до куќата на Розе. Во далечината болснуваа неми секавици. Не знам зошто, но нашето преминување на тротоарот ми се стори предолго. Всушност, сѐ како да имаше продолжено траење. Барот „Индекс“ веќе ми се чинеше како далечно минато. Веројатно некаква пребрза мисла ги оставила зад себе елементите на стварноста - нашите гласови, нашите чекори. Уличната акустика, така натопена од ѕвонкиот озон, сосема извесно ги забавуваше звуците и шумовите и чувствував како од нашите суштества се издвојуваат две сплотени сенки и се упатуваат кон некое друго, негибнато време.

Застанав за миг и се обѕрнав. Сосема во длабочината на улицата нешто се случуваше. Низ густиот мрак што ја притискаше населбата ваму-таму претрчуваа некакви брзи суштества. Се чинеше како да се мушкаат меѓу живите огради и со хукање ги гаснат проретчените ламби. Кога нагло го свртев погледот, ја видов Розе како спокојно исчекорува од чудесниот, трепетлив светлосен круг што, чиниш, незабележливо ги следеше нашите движења. Истрпнав, зашто таа наеднаш повторно ми заприлега на онаа иста претприемлива артистка, готова да се заплетка во мачни афери или да скокне од хотелски прозорец. Ми идеше да се свртам и да избегам. Но, исчезната за миг во сенката на влезот, Розе веќе чкрапна со клучот во бравата. Ја отвори вратата, и во длабочината на станот, како да бегаа пред неа, по аглите се палеа притивнати румени ламби. Зачекорувајќи во тесното влезно ходниче, затворајќи ја речиси несвесно зад себе вратата, само почувствував дека тука нешто не чини, оти нешто ми пречи. Сето тоа беше неодредливо и секако беше само дел од мачната депресија што како големо тркало се вдаваше врз овој разнишан свет, но чувствував како ме растревожува нешто препознатливо, нешто во мене што воспоставуваше однос со таа питома атмосфера. Тоа беше тивок дом, чист и уредно наместен, со многу слики по ѕидовите и без одвишни дребулии наоколу. Но нагласената одмереност како да упатуваше на страв од поместување на рамнотежата. Имав чувство дека мебелот е причукан за подот. За малку ќе посегнев по фотелјата пред мене за да ја поместам, да се уверам дека не се наоѓам во офицерски салон на некој голем, прекуокеански брод. Доколку беше така, ништо немаше да ме разувери во тоа дека врз нас секако ќе се истурат жестоки бранови и оти бродот ќе го пресечат надве.

Еден неочекуван телефонски повик, на кој Розе одговори кратко, нагло ја подвлече сета несоодветност на моето присуство во нејзиниот живот. Не знам, можеби беше обратно. Не се разбирав себеси, па не можев да ја разберам ниту нејзе. Што, всушност, бараше таа од животот? Под овој покрив сѐ беше така беспрекорно дефинирано. Бев сигурен дека и во прирачниот телефонски именик имињата и броевите се запишани со калиграфска вдахновеност и прецизност. А јас, како некој панаѓурски магионичар, од секој џеб можев да извадам поткинати опомени за неплатени сметки, предмети мрсни од долга употреба, конфузни писма од Муна, недопишани текстови, магнетофонски ленти со измислени соговорници, огласи за станови…

Ѕидовите беа тивки, не слушав никакво шушкање на непожелни уши од другата страна. Тешките завеси господареа над спокојот. А Розе, сепак, бегаше од сето тоа, бараше нешто друго. Ја замислив како во афект, по некаква глупава караница со Тачи, притрчува до прозорецот од хотелот и бргу се искачува над бесмисленото велеградско сивило, над длабокиот, нечист, каллив тротоар, готова да скокне, да се прости со своите амбиции и за последен пат да го привлече вниманието на некои завјасани минувачи. А ете, сега, штотуку извлечена од вресокот на барската атмосфера од која неочекувано изнурна пред мене, таа оставаше впечаток на стамена, млада жена, стопанка, желна и пожелна, господарка на сопствените мисли и постапки. Настојував да мислам бргу, да ги дофатам тие нејзини фасцинантни мутации, но сѐ ми се чинеше попусто. Просторијата беше затоплена и, опуштајќи се во лагодноста што ме опфаќаше, знаев дека прашањата и одговорите што ми се маткаат во главата се дел од раздробениот сон од кој, ете, безуспешно се бранев.

Но сепак, лежејќи подоцна во полутемната, топла бања, буквално потопен во тривијалната сласт на капењето, наднаш сфатив дека во мојот живот е сѐ така испрекршено. Настаните, очигледно, немаа никаква смисла ни последователност. Ништо не доаѓаше до својата цел. Сѐ остануваше на полпат, без конечна дефиниција и разврска. Збиднувањата само се трупаа во мојата свест што се напрегаше да ги поврзе, да ги оправда, макар со некаква проекција некаде во иднината. За миг не можев дури ни да си спомнам зошто воопшто се најдов во барот, па во необичното такси и, најпосле, во овој туѓ и непознат дом. Навистина, тоа беше само секавична амнезија, но од напорот да се присетам изнурна едно одбивно чувство на нелагодност, што ме полазуваше некаде под самата поврвнина на телото, речиси под кожата, како некоја бесмислена јанѕа од која нема куртул. Ги напрегнав мислите, но знаев дека сѐ е попусто. Постојано ми се наметнуваше само една празнина во која како да отчукуваше некој фантастичен телеграф врз белата лента на бесконечното, развлечено глувило. Бев изморен и решив за тоа да мислам утредента. Но ни тоа воопшто не ми помогна. Мачнината не можев да ја испуштам со нечистата вода од кадата.

Излегувајќи од бањата, ги слушнав неколкуте последни слогови што ги изговори Розе во телефонската слушалка што веднаш ја спушти. Се разбира дека тоа не беше момент за загадочни телефонски разговори и се чувствував раздразнет.

„Неспокоен сум“, реков.

Тоа ми се откачи нанесакана, но на Розе тоа веројатно ѝ зазвучи како тивок протест на љубоморен маж. Веднаш ми пријде и ме гушна како што тоа го прави суштество сосема опуштено во спокојството на интимниот живот. Сега веќе знаев и што, всушност, ме вознемирува, но тоа беше глупава безначајност и не сакав, изговарајќи ја, да ја нарушам неочекуваната рамнотежа што ја создаде Розе со својот нежен, емотивен гест.

„Будалче“, се насмевна таа. „Па, сѐ е во ред“.

Сфатив дека неме разбрала.

„Всушност, што е во ред?“ - ја прашав, загледувајќи ѝ се право в очи.

Ѝ беше сосема јасно оти знам што мисли и се почувствува глупо. Повторно се насмевна и ме повлече кон спалната соба.

„Треба да се одмориме, нели?“ - рече.

Пуштив да ме поведе. Имаше во тоа препуштање и малку ненамерна итрина. Но кога дојдовме до вратата, застанав и ја привлеков кон себе. Повторниот допир на нејзиното тело, нежните рабови на гаќичките под ноќницата, благата ослободеност на нејзините гради - сето тоа проструи низ мене како еден прекрасен, препознатлив опит. Почувствував жестока потреба веднаш да ја затвориме вратата и да се затрупаме во белината на постелата, токму онака како што тоа во дамнешните младешки соништа го правев со мојата интактилна Вањичка Вомбек од едно зафрлено планинско село. Тогаш бев премлад за да ја сфатам привидноста на нејзината недопирливост. Лунѕајќи тоа рано лето низ околните кории, прескокнувајќи ги брзите планински поточиња, спростирајќи се во сенките на бујните хортензии што ги имаше насекаде, јас едноставно чувствував како растам, како ми се издолжуваат нозете и израснуваат од ногавиците што стануваа сѐ покуси. Но сеедно не бев во состојба да ги појмам тие промени, иако бев свесен дека со мене се случува нешто битно и оти станувам инаков. Дури во аскетската скудност на собата во којашто престојував нештата почнуваа донекаде да се дефинираат. Во самрачните саати, по доцните спокојни попладниња натопени од сеприсутниот омаен мирис на двете стари липи во дворот, кога во селото се палеа првите ламби, а светлината ги менуваше улогата и смислата на нештата што ме опкружуваа - се случуваше нешто што за долго на моите мисли и постапки им даваше значење. Никогаш не разбрав зошто, но секоја вечер во исто време на вратата од куќата во која живеев се појавуваше Вањичка. Прозорецот од мојата соба беше сосема длабок и не можев да видам дали донесува или зема нешто, а односот што од првиот ден го воспоставив кон неа не дозволуваше ни да помислам да се наведнам и да ѕирнам. Ги слушав само измешаните гласови што допираа одоздола сосема придушени и неразбирливи, а по единственото јасно изговорено „насвидење“, Вањичка заминуваше низ широкиот двор со чекор на суштество свесно дека го следи нечиј упорен поглед. На самиот излез од дворот, затворајќи ја зад себе портата, таа неизбежно се свртуваше кон куќата и се загледуваше во мојот прозорец. И тоа беше сѐ. А сепак, меѓу нас се случуваше нешто многу побитно. Низ самракот, со тие погледи што никогаш не се пронаоѓаа, ние си упатувавме тајни пораки на чудесна бестелесна интимност. Навистина, таа се одвиваше во фасцинантните и неповторилви соништа, но со првата светлина на студеникавото планинско утро заминуваа само возбудливите ноќни претстави. Сета друга возбуда остануваше длабоко во нас.

За момент таа слика со Вањичка како да немаше смисла, но јас наеднаш сфатив дека препознавам едно мое дамнешно, сподвижничко, еруптивно чувство што, низ разводнетите години низ коишто минував сѐ позбунето, полека ме напуштало како што се напушта добар другар во кој, ете, веќе се нема доверба. Беше неверојатно како воопшто не сум ја забележал таа страотна промена. Сета моја огромна љубов што така, речиси заканувачки сум ја давал, барајќи исто толку многу, сега ми заприлега на тешко, сиво и влажно утро во мочурливи предели низ кои, како последен знак на интимност, татни далечна камбана.

Зарем навистина сѐ било така студено?

Да, со малку храброст тоа мораше да се признае. Па тоа беше долг период на истрпнатост, на живот под морање и насилна целисходност на постапките. Со години не сум исчекорил од редот чиишто правила се пропишуваа сами и што од несфатливи причини ги прифаќав како свршен чин. Бев свесен дека живеам со запуштени чувства, но сепак, воопшто и не помислував дека разурнувачката рамнодушност се вовлекла и во мојата исконска потреба од љубов.

Секако, со Муна тоа беше нешто друго. Таа беше белег на времето што го живеевме и ние едноставно бевме упатени еден кон другиот, опстојувавме така над некој неодредлив раб, кревки и несигурни над неговата понорна длабочина.

Но сега, тука, во заводливата, топла полутемнина, ја чувствував Розе како ме преплавува, како ме обзема со сета неспитомлива сила на растреперено младо суштество што го отфрла тапото значење на причините.

Речиси незабележливо ја затвори вратата зад нас и неочекувано исчезна во мракот. Додека се обидував да го наслутам просторот, нејзината сребреста рака пронајде некаков залутан зрак однадвор и се поддаде меѓу тешките пердиња. Нивното шумно повлекување само малку ја измени атмосферата, но дождот одново нагло запласка и Розе повторно се впи во мене. Стоевме загледани во темниот, каллив, депресивен двор, но таа можеше и дури неочекувано да седне крај своето пијанино, што како да изнурна од опскурното катче крај прозорецот, и да засвири нешто сосема полетно, заносно, а јас сепак ќе знаев дека во сето ова што се случува или има нешто одвишно или, пак, нешто секако недостасува.

Како однекаде далеку исфрлена, пред мене нагло пласна одбивната слика на претстојното изнудено селење. Знаев оти токму тоа, како подмолно заканувачко петно, тук-таму се јавуваше со сета мачнина на неизвесноста, раздробувајќи ја немилосрдо секоја едвај воспоставена смисла. Во тоа време од годината беше и тешко да се најде некаков покрив над главата, но јас имав среќа, и во најзафрлениот и најнечистиот крај на градот најдов едно неголемо станче. Стопанката, кутро женче со три дечиња што ваму-таму се тегнеа по неа, рече дека ѝ е жал што во бањата сѐ уште не е поставен бојлер. Го купиле одамна, но мажот ѝ  неочекувано го однесле во затвор и, ете, си остана така ненаместен. Меѓутоа мене местото и не ми се виде така лошо. Куќите отспротива изгледаа малечки како на разгледница, па и прозорчињата некако им беа питомки. Не гледав ништо заканувачко во нив. Но, едноставно, не можев да најдам никого што по вакво време би прифатил да ме сели. Зимата, дождовите, моето очигледно неспокојство, црното ветво палто - сето тоа не им влеваше никаква доверба на неколкуте нерасположени камионџии. Господ знае што подобра работа очекуваа.

„Ми студи“, рече Розе. „Ајде да си легнеме“.

Нејзиниот глас ме сепна од таа вкочанетост, но не реков ништо.

„Опушти се“, рече таа. „Немој сѐ да расипеш“.

Сега веќе исчекорив од својата отсутност. Смислата на тонот со кој ми се обраќаше беше точно дефинирана. Не, во никој случај тоа не беше онаа вистинска Розе што скока од хотелски прозорци. Бев сигурен дека и она што го изговори потекнува од некоја нејзина подобра ролја. Таа мисла ми беше поблиска од неочекуваната илузија што за кратко ме подгреа. 



4.

Предзнаци

 

Ни утредента Муна не се појави. Загубив секаква нејзина трага и веќе бев загрижен. Од многу причини таа беше готова на сѐ. Но, малку по малку и мене ме опфаќаше такво расположение и не знаев што да сторам со себе. Празнината во којашто попаднав се чинеше како без дно и единственото нешто што ме подгрејуваше однатре беше ветувањето на Розе дека околу селењето ќе ми сврши работа со некој нејзин пријател. Оттаму, навистина, можеше да започне нешто ново.

На работа, пак, не ми се ни привираше. Како на тајна вечера таму бездруго ме чекаа Брада, Гогош, Отело, шефот и Вујче. Можеби си придавав многу значење, но знаев оти моето однесување не може да заврши туку така, иако тоа беше сосема апсурдно, зашто со таа средина јас веќе немав ништо заедничко.

Дождот беше упорен. Бев сосема неподготвен да ја преживеам таа зима. Не беше доволно да се оди по рабовите на стапалата. Дупките на чевлите беа преголеми, а невремето устојчиво. Истураше во големи порои и улиците беа преплавени.

Чекајќи го својот автобус, сосема сам на станицата пред која на двете страни се проѕеваше бесконечниот пуст булевар, бев уверен дека тоа што се случува со мене е само бесмислена околност што секако еднаш ќе мора да мине. Меѓутоа, зградите отспротива наметливо владееја со замаглениот простор и нивната нездржлива тежина со сета неизвесност на тоа доцно зимско утро одново се вселуваше во мене.

Тоа чувство цврсто ме држеше во онаа препознатлива истрпнатост што веќе не се поднесуваше, но токму таа ми помогна безболно да минам покрај запрашаните погледи на суштествата од мојата канцеларија и од задушливото стенографско кафезче. Тие секако знаеја многу повеќе за нештата што ја одредуваа мојата натамошна судбина и најверојатно беа збунети што така мирно седнувам крај својата работна маса. Јас, меѓутоа, одамна ѝ припаѓав на една сосема друга стварност и, токму спротивно на нивните очекувања, ги уочував само нештата што за нив, несомнено, беа наполно безначајни. Видов, имено, дека некој го чепкал мојот атлас и оти тој веќе не е отворен кај Хамерфест; ѕидниот часовник на батерија беше запрен; дактилографката Сундус ја скратила косата и сега ја немаше онаа своја ориентална загадочност што никогаш не можев да ја дефинирам.

Хари, стариот добар и чесен Хари ме гледаше со сожалување. Тоа, навистина, не можеше да ми промакне, па му се насмевнав утешително. Знаев оти нема да ме разбере, но можев да го сторам само тоа.

Тој стана од своето место, ми пријде, се наведна како да се загледува во хартиите пред мене, и сосема конспиративно ми шепна: „Горе нешто ти варат. Биди внимателен“. Потоа, поднаместувајќи ја патем завесата, се врати на своето место, ги стави очилата за читање и продолжи да ѝ диктира на Сундус.

Излегов од канцеларијата. Ходникот во кој се најдов беше долг и темен. На една страна продолжуваше кон техничкиот оддел, а на друга водеше кон горните катови. Неколку застаклени бочни врати фрлаа малку скудна светлина врз големите плочи со знаци за тревога над кои се протегаше стрелката со натпис: пат за евакуација. Тук-таму се слушнуваа нерамномерни отчукувања на машини за пишување. Чекорев полека кон скалите, не знаејќи ни самиот што, всушност, би требало да сторам. Сосема блиску беше излезот од зградата и во воздухот наеднаш се почувствува студенило и влага. Излегувајќи од една просторија, покрај мене се мушнаа двајца мајстори, влечкајќи некаков радијатор.

Малку понатаму, на огласната табла, видов неколку некролози со ликот на Куно. Зафатен 

од мачна меланхолија, се доближив до таблата. Некролозите беа невкусно распоредени врз празните простори меѓу долгите списоци за распределба на станови и некакви стари покани за состаноци. На некој од состаноците веројатно присуствувал и Куно и, којзнае, можеби токму таму и му се родила таа суицидна идеја. Свој оглас имаше и едно планинарско друштво што ги покануваше заинтересираните на повеќедневен излет на Татрите. Цената и датумот, меѓутоа, беа прекриени со горниот раб на некрологот на Куно, и некој љубопитен - очигледно сосема внимателно и, речиси, суеверно - го имаше поткинато на едниот крај.

Тоа со Куно ми беше толку туѓо што за миг се запрашав дали навистина јас сум бил тој што требало да одржи говор на неговиот закоп. Дури ме вџаши сознанието дека не се сеќавам на ниту еден детал. Во ушите ми остана само она: „Каде се сега другарите да одржат говор?“ и, потем, смирувачкото „Шшшшшш!“ - но тоа беше сѐ и сосема недоволно да ми одговори на прашањето што некако потсвесно постојано ми се наметнуваше: зошто таа смрт не ме растревожила на некаков поинаков начин? Таа, навистина, ги имаше придушено моите други сензации, но, едноставно, не ме трогна како што прилега при една таква трагедија. Беше ли тоа моја интимна подготовка за некој потажен живот што го слутев?

Од некое далечно студио сѐ погласно се разлегаше морничавиот Oxigène. Се стресов. Во ходникот беше студено и пусто.

Излегов надвор и низ валкано-жолтеникавата светлина на дождливото зимско пладне претрчав во соседниот административен блок. Можеше да се случи таму да ја сретнам Марија. Беше душичка, ѕвездочатец што умееше да ѕирка во туѓи судбини. Постојано демнеше низ пукнатината на својата подотворена врата и, ако ѝ бевте близок, ќе ви дадеше скришен знак да дојдете во нејзината канцеларија. Тоа беше мало собиче, затрупано со некакви странски списанија. Всушност, никогаш не разбрав што работи таа и зошто ѝ се сите тие книги. За тоа, впрочем, и немав можност. Секогаш кога ќе ме довлечкаше таму, шепнешкум и очигледно соблазнето, ми кажуваше за несекојдневните искуства на својот бисексуален маж. Имав трпение и разбирање за нејзината чудна потреба така да се доверува. Бев сигурен дека секој збор ја надразнува до лудило и не може да се рече дека и самата не беше привлечна со таа своја чудна изместеност.

Но сега, помислата на таква сеанса ми беше крајно одбивна и гледав само како што потивко и понезабележливо да се мушнам кон скалилата што водеа до вториот кат.

Кузма, правникот, ме прими без збор во својата пространа работна соба. Во тој безмалу министерски кабинет, во кој сите нешта беа на своето единствено можно место, владееше совршено, речиси параграфско спокојство, мир во кој, за чудо, немаше ништо неприродно.

Имав чувство дека Кузма воопшто не е изненаден од мојата неочекувана, наврапита посета. Таа, судејќи според сѐ, не беше ништо необично во таинствената шема на односите во коишто попаднав и коишто несупешно се обидував да си ги протолкувам себеси.

„Те очекував“, рече тој тивко. „Но немам ништо особено да ти речам… Впрочем, и тебе сѐ ти е познато. Си исчекорил од редот и сега е тешко да се вратиш. Речиси невозможно. А работите, гледаш, незапирливо одат напред“.

Ме понуди со пијалак и втона во својата фотелја.

„Не знам што оди напред и што стои“, реков замислено.

Тој се насмевна.

„Па, тоа е последица на твојата изопштеност што самиот си ја одбрал. Но сепак е добро што дојде кај мене. Погубно е да одиш наоколу како мува без глава“.

„Да. Можеби навистина сум дошол по совет“, реков помирливо.

„Слушај“, рече Кузма, подисправајќи се, „можам да ти дадам само еден разумен совет: обиди се одовде да заминеш што побезболно“.

Тој стана, отиде до прозорецот и се загледа кон надвор. Стоеше така неподвижно вѕрен во дождот. Воздухот во канцеларијата почна да натежнува. Кузма молчеше. Врз глатката, лизгава површина на таа тишина јасно се слушаше тропкањето на дождовните капки.

Со тоа, конечно, завршуваше нешто. И немаше веќе причини да се чепка по некакви инакви можности. Но, колку тоа и да беше грозно, самиот тој чин на нагло свртување на грбот - јас почувствував олеснување. Таа среќа на изопштеник веќе ми беше позната од едно друго, невино време, кога зачекорив во животот, кога го одбрав ризикот како свое уточиште. Тогаш пролетта доаѓаше бавно, самоуверено, и речиси можевте да јас чуете реката како тивко шепоти. Воздухот беше мазен од нејзината питомина. Чаршијата врвулеше. Вљубени во едно единствено девојче што - не дај Боже! - не ви ја испушташе раката како да знаеше дека е вистина оти сѐ е така минливо, ѕиркавте во бочните улички, влегувавте во малите задушливи дуќанчиња преполни ветошини, толку тажни со својата ларпурлартистичка излишност, купувавте карирани кошули што веќе не се носеа и тиролки што токму тогаш се носеа, и бевте убави како ангели. А велигденските празници се истураа врз разбудениот простор и, неверојатно, околните ридови бидуваа толку опсипани со шарени лушпи од јајца што и самите заличуваа на големи купови празнични подароци, достојни за еден вистински необичен сон. Навистина имавте причини да се чувствувате како некој кому му подариле огромна крошна време што може да ја носи со себе и од неа да зема колку што сака. А кога ќе ги видевте првите циганчиња како се спуштаат низ реката, нишајќи се врз брановите, завалени во големите внатрешни тракторски гуми, и сладејќи се со огромни резени лубеница - тоа беше знак дека наближува фаталното летно глувило, чудесната непојмлива празнина во која се лебди низ случајности како меѓу златни панделки, препуштени на синкавиот развигор. Едноставно, опфатени од некаков блескотен светлосен балон, се кревавте кон горе, кон својата тишина, кон својата слобода.

Одден-наден, од миг до миг, можевте да почувствувате како одумира и последното, и најзанемарливото движење на воздухот. Градот стануваше пуст и правлив и само тук-таму, на кејот, по надреално празните стоковни куќи со големи ладила, како авионски пропелери по плафоните, низ тесните стрмни улички, по парковите, можевте да видите луѓе што ви беа слични - осамени, загледани во некој друг, само нивен свет, вљубени и кутри.

Но сега тоа беше нешто друго. Грбот на Кузма, дождот, зимата што си заседна така цврсто, преселбата, отсуството на Муна… сето тоа доаѓаше со сосема други предзнаци.



5.

Пораки

 

„Чекај ме вечерва“.

                     Розе

Во писменцето што го најдов вденато во пукнатината на влезната врата тоа беше сѐ, но доволно барем малку да ја помести стварноста што ми се чинеше така цврсто вкопана во некој мрачен литерарен мотив. И навистина, речиси магбетовски, наеднаш целата населба како да се придвижи со длабок шум. И не само што се чинеше оти се ниша горе-долу како врз вознемирена вода, туку се движеше и некако однатре кон надвор. Со клавирските акорди од соседната полупразна куќа се случуваше нешто страшно. Беше повеќе од сигурно оти ја надвладеале стрпливата, истражувачка игра на прстите и оти нараснуваат како озрачен инсект што сега станува огромен, исполин што ќе го крене врз себе покривот и нема да запре ни кога сосема ќе ја заглуши баналноста на лажната тишина што преплавуваше сѐ наоколу.

Застанат на платформата пред влезот, збунето го диплев писменцето. Навистина не можев да запрам ништо. Сѐ си имаше свој пат, своја логика и оправдување. Дури и потреперувањето на ѕидот од куќата на мојот непосреден сосед-доушник беше сосема природно. Со исконската сила на Кери тој како да ги разместуваше тулите и сепак успеваше барем малку да ѕирне во мојот живот. Нашата малечка сосетка Муна, меѓутоа, веќе не беше тука, кај мене, а тој го знаеше тоа и навистина немаше никаква причина сега да доаѓа и да ме вознемирува.

Но, за чудо, тој сепак го стори тоа. Не се ни свестив кога наеднаш изнурна пред мене сиот задишан.

„Во каква состојба е вашата воизба?“ - рече, голтајќи воздух.

„Мојата визба?“

„Па, зарем не сфаќате?! Сѐ плива во вода. Дојдете, дојдете ваму“.

Тој ме зграпчи за ракавот од палтото како некаков виновник и ме повлече кон својот двор. Под тесната настрешница од еден балкон се вовлековме во еден уште потесен и задушлив простор и тогаш со вчудоневиденост почувствував дека шлапкам низ вода. Соседот-доушник со напор отвори една врата пред нас и ние влеговме во темна просторија во којашто владееше апсолутна тишина. Чувствував дека водата веќе ми допира до коленици, но ништо не се гледаше.

„Почекајте, почекајте“, рече соседот и бродејќи енергично низ водата отиде уште подлабоко во просторијата. Потоа подотвори уште една врата низ која се провлече малку светлина. Но и така јас веќе се навикнав на мракот. Глетката пред мене беше морничава. Секаде наоколу пливаа празни затнати шишиња. Не можев убаво да видам, но бев сосема сигурен оти во секое од нив се наоѓа по една бродоломна порака. Нивната смисла беше сосема определена. Тие не можеа никаде да отплутаат. Само едвај уочливо ја следеа благата струја на подземниот воздух што почна да ми се вовлекува во коските.

„Не знам што да правам“, рече соседот. „Со денови се борев со дождот, но сношти и изутрината ме совлада. Не успеав да ја извлечам ниту помпата пред да биде поплавена. Сѐ е така бесмислено. Погледнете ги тие шишиња сега“.

Тја! Помислив на куферите со стари писма и фотографии што беа во мојата визба. Таа беше подеднакво длабока.

„Како е кај вас?“ - промрморе соседот, поттурнувајќи ме кон надвор. Меѓу нозете ми се маткаа шишиња со бродски пораки, од кои некои можеби се однесуваа и на мене. Доаѓав во искушение да зграпчам едно од нив и да се уверам дали навистина во него има писменце. Но тоа беше прерискантно во овој час и јас само кротко и податливо се упатив кон излезот.

Дури кога излеговме надвор, вџашено забележав оти соседот на нозете има длабоки рибарски чизми.

„А, знаете“, рече тој, сфаќајќи ја мојата збунетост, „па јас со ова се борам веќе многу години“.

Ми студеше. Ногавиците од пантолоните ми се слепија околу нозете. Дождот уситни како прскалица што неугодно ви фрла вода в лице. Се чувствував одвратно.

„Да видиме кај вас“, рече доушникот и, сега без оној тон на резигнација, повторно ме поттурна кон куќата во којашто живеев. Беше сосема разбирливо да попуштам, но знам дека и огромните клавирски акорди отспротива придонесоа за таа одлука.

Излеговме од неговиот двор и, додека ги правевме оние неколку чекори до мојата капија, во далечината ми се пристори нешто чудно. Една жена и две дечиња туркаа една стара кола, обидувајќи се веројатно да го запалат моторот. Тоа го уочив само така секавично, но кога добро се загледав, во дното на улицата веќе немаше никого. Соседот ме поттурна уште еднаш, но влегувајќи во дворот сепак забележав дека таму во улицата со тие луѓе нешто се случува. Автомобилот сега работеше. Во дождовната измаглица ритмично се истураше белузлав чад од издувната цевка. Токму во моментот кога зачекорив напред, кај колата немаше никого, но наеднаш од еден близок двор истрчаа и мажот, и жената, и дечињата, и сите во рацете носеа големи перници.

„Мора и кај вас да е страшно“ - рече соседот, нестрпливо провирајќи се крај мене низ портата така што речиси се заглавивме. Не ми ни паѓаше на ум во визбата да го воведам низ станот како што тој веројатно очекуваше. Всушност, тој и се упати кон влезната врата, но јас минав низ дворот и слегов под скалилата за да ја отворам надворешната врата од визбата.

Во прв момент не можев да го најдам прекинувачот за светло и додека соседот се туркаше да распознае нешто во темницата, јас шарав со дланката по ѕидот. А потоа чкрапнав.

„Па тоа е неверојатно!“ - се вџаши доушничето. „Тоа навистина е неверојатно! Ниту капка вода! А истовремено ги копавме темелите и истовремено ги градевме куќите! Мора кај мене да има некаква пукнатина, можеби некаков извор“.

Тоа навистина беше збунувачко, но јас бргу се соземав и задоволно ги гледав своите два куфера околу кои кружеше соседот. Ги допираше како ковчези со некакво богатство, веројатно врз нив барајќи барем малку влага, барем една капка вода. Но тие, онака тврдоглаво суви и недопрени, носеа, очигледно, потрајни пораки од шишињата од неговиот темен брод.

Оваа случка сама по себе беше толку цинична што си ги простив дури и мокрите пантолони и чевли. Стутулен, малу подоцна, под тешките покривки за да се стоплам, почувствував дека нешто во мене како да се насмевнува. Тешко можев да си ја одредам суштината на таа ненадејна реакција. Од некој друг агол, од некоја друга перспектива и време, можеби навистина сето тоа и би било смешно. Во оваа вклештеност, пак, меѓу расфрланите нешта и мебелот подготвен за преселба, во студеното собиче во коешто веќе немаше смисла ни да се запали оган, веројатно можев и морав да се чувствувам поинаку.

Се пристоплив малку и ми се чинеше оти попаѓам во сон. Меѓутоа, никако не можев да заспијам. Мислата за наглото исчезнување на Муна не ме оставаше на мир.

И тогаш нешто како да ме полази. Неколку секавични слики нагло се сложија една врз друга во мошне морничава претстава. Сето тоа сѐ уште беше наполно раздробено. Некоја огромна празнина како да ме опфаќаше со сиот мебел, со сета куќа, со сета улица, со сиот град… Низ густиот мрак што ја притискаше населбата ваму-таму претрчуваа некакви брзи суштества. Се чинеше како да се мушкаат меѓу живите огради и со хукање ги гаснат проретчените ламби… ПАТ ЗА ЕВАКУАЦИЈА! ПАТ ЗА ЕВАКУАЦИЈА!... Каде сум го видел тоа?!... Од еден близок двор истрчаа маж, жена и дечиња, и сите во рацете носеа големи перници…

Речиси исплашено скокнав и нагло ја отворив влезната врата. Врз мокрите покриви на околните куќи се истураше тешка опална светлина и се чинеше дека низ облаците секој момент ќе проблесне она заборавено сонце, некаква јарка и топла светлина што ќе промени сѐ, што ќе ги озрачи куќите-мравјалници од кои наеднаш, подгреани под своите лушпи-крлушки, ќе се раздвижат луѓе-инсекти, вообичаено завјасани на сите страни. Но овој мравјалник беше мртов, како исцицан од некоја огромна муцка и исплукан некаде далеку од каде што не допираа звуци. Во потполна штама се слушаше единствено бавното но неизбежно спуштање на облаците што одново донесуваа предвремен мрачен самрак. Воздухот тромо се придвижуваше, носејќи однекаде топол и мачен здив. Бев сигурен дека ако млацнев со јазикот ќе го почувствував и неговиот вкус, но немав храброст за таков опит. Тој, бездруго, донесуваше нешто неодредливо и заканувачко. И, иако можеби тоа беше само од прелевањето на штурата светлина, околните стебла личеа на големи лакмусови јазици што, мавтајќи околу себе, се обидуваат да го доловат и да го одредат тој неодгатлив вкус, изложувајќи се на опасноста да станат вжештено црвени, лилави, или сосема да потемнат.

Се свртев околу себе. Нештата беа така половични, како расколени надве. Имав чувство дека сосе нив се лулам од оваа страна на некаква чудна вага што не претежнува ни ваму ни таму, но во тоа неизвесно лебдење над ништожноста ниту ветува нешто добро, ниту пак остава место за некаква надеж. Всушност, со тоа сивило на чувствата имав само изнудена врска што, ете, трае и трае, зашто сѐ уште, иако некако оддалеку и само одвреме-навреме, ја чувствував онаа понорна сила на својот некогашен младешки полет. И сега, за миг, сосема неочекувано, дури поверував оти многу скоро, можеби веќе утредента, во сета таа исколченост ќе откријам некоја сосема нова, поинаква смисла, ќе ја пронајдам чудесната нишка на нивната префинета шеговитост што, едноставно, ми промакнала.

Но улицата беше пуста и мокра. Некаде далеку, над ниските покриви, видов перче чад. Веројатно таму некаде сѐ уште имаше трошка живот. Таа асоцијација беше навистина чудна, но нејзината наглост наеднаш како да ме расони: оваа населба веќе беше напуштена! Да, си спомнав за нелагодноста што одден-наден ја чувствував одејќи низ нејзините тивки улички. Бев уверен дека тоа е затоа што кон мене, од своите дувла, животинесто ѕиркаат недоверливите соседи. Сега, меѓутоа, знаев: зад матните прозорци, со спуштени ролетни или прекриени со ветви хартии и весници, зјаеше една огромна празнина, студена и онеспокојувачка. Тука веќе немаше никого. Јас, всушност, сум останал сам со пијанистот-фантаст отспротива и со доушничето што имаше непоправлива фикс-идеја оти мора да устрае на своето - да ја црпе водата од својата визба и да ме има на око.

Сиот намовнат влегов во куќата и го зграпчив телефонот. Тит-тит-тит… Можев да свртам било кој број, некого ќе добиев. Но што да му речам? Дека нема никого?! Дека сите избегале некаде?! Сосема будалесто и неверојатно.

Ја спуштив слушалката. А можеби едноставно сите си се дома, седат спокојно крај печките и ги читаат своите вообичаени весници. Можеби само јас сум преуморен и попаѓам во неподносливо тешко глувило и мачна осаменост…

Се наметнав и излегов. До вечерта имаше уште доста време. Решив да каснам нешто и да се проматкам низ градот кој сѐ уште имаше каква-таква суштина.

Но, најнапред требаше да се мине низ населбата. За миг заборавив на тоа и дури се почувствував лагодно, како веќе да сум опфатен од уличната врвулица. Минав покрај неколку куќи, не воочувајќи ништо необично. Сѐ си изгледаше така спокојно и нормално, освен пустината што незапирливо се разлеваше врз куќите како врз огромно гробиште.

Одев така кон крајот на улицата како низ некоја макабрална алеја. Сѐ беше втонато во својата неизбежност…

И тогаш, изненадувајќи се и самиот од својата постапка, неочекувано свртев во едно ќорсокаче - во уличката на Муна. Тоа беше навистина ризичен чин, но не можев а нејзиното исчезнување да не го доведам во врска со испразнувањето на населбата.

Уличката свртуваше во вид на неправилен прашалник, а куќата на Муна се наоѓаше на самиот крај. Навистина не знаев што ќе речам ако излезе некој, но сепак упорно одев напред. Влегов во дворот и се искачив по неколкуте басамаци што водеа кон пространиот трем. И тогаш… нагло го почувствував она чудно забавување, она развлекување на сликите и времето што се стопуваа во нешто неодгатливо. Да, таа состојба веќе ми беше позната, тоа веќе ми се случило некогаш порано… Ги слушнав своите чекори во тремот како да доаѓаат од некој неовдешен свет. И допирот на бравата, студен и разбудувачки - тоа беше нешто веќе доживеано…

Но вратата беше заклучена, а прозорците затворени. На ѕвончето никој не одговараше.

Ја обиколив куќата. Неколкуте обоени глинени џуџиња, расфрлани меѓу голите грмушки во задниот двор, беа така сурово сами и молчаливи. Наоколу владееше чуден неред на нештата што како некоја нагла помпејска судбина да ги затекнала неподготвени да сторат било што друго со себеси освен да останат така скаменети и пусти. На плетеното бавченско масиче стоеше голема кригла за пиво полна со дождовница. Еден од столовите беше одвлечкан под лозницата, а малку подалеку, до една лопата заринкана среде недовршена бразда, лежеше малечка градинарска мотика со голема грутка кал на сечилото.

Од оваа страна на куќата имаше широки, светли прозорци. Меѓутоа, сега и тие беа некако на брза рака затемнети однатре. Но вратата што водеше во дворот, за чудо, беше малу подотворена. Некој, очигледно, намерно така ја оставил, зашто одоздола беше вклинчена со едно штиче. Се обѕрнав, но соседните куќи и натаму длабоко чмаеја во своето несфатливо глувило. Не знам, можеби некој од некаде сепак таинствено го следеше моето сомнително маткање низ туѓ двор, но јас сеедно решив да влезам во куќата. Впрочем, на тоа имав и право. Муна за мене не беше само обична случајност. Навистина, не оти кога и да е сум замислувал семејни слики сврзани со неа, но такво нешто сосема природно можело и да ми се случи. Граѓанската удобност, со топол дом, палави дечиња и драги пријатели, со сета таинственост на возбудливите интимни мигови и соништа - сето тоа сепак не беше само некаква недоловлива, трансцедентна мисла кон која не би можел да се приклонам.

Во куќата беше темно и студено. Сите внатрешни врати беа подотворени и скудната светлина се прекршуваше токму врз разиграните поврвнини на салонскиот мебел. Тој беше совршено распореден, сосема модерен и светол, дури блескотен, со откачени, стаклести поврвнини и со чудни стилски решенија, но сепак, во себе имаше нешто крајно одбивно и мачно, Не, не можев во него да препознам ништо од душата на Муна. Сите нешта, сите нивни односи навистина фасцинираа со својата непојмлива чистота и рационалност, но предумислата беше очигледна и непобитна.

Во атмосферата на тој дом, во крајната децентост на сценографијата имаше нешто филмично, нешто што вртолумно се разлистуваше како возбудлива книга на снимање во која беше ужасно и да се погледне.

Се стемни уште повеќе. Низ подотворените врати влегуваше непријатен влажен здив. Во тропкањето на гранките од некоја овошка врз џамовите од предниот дел на куќата се вплетка и некаков нејасен шум. Сѐ беше така неодредливо и тегобно и ни самиот не знаев зошто ја продолжувам таа неподнослива состојба на исчекување и истрпнатост. Но, имав чувство дека нешто сепак ќе се случи, дека нешто ќе одгатнам. Помислата да душкам низ собите, да се загледувам во семејните портрети и групни фотографии по ѕидовите беше бесмислена и одбивна, зашто тоа мое претчувство во себе носеше нешто сосема друго, речиси спиритуелно. Едноставно, како да очекував некаква порака.

Шумовите зачестија, менувајќи го одвреме-навреме интензитетот. Доаѓаа одблиску, па се оддалечуваа, речиси излегуваа од дворот и кружеа низ празнините на околните куќи.

Во таа гробност на нештата наеднаш се почувствував како некоја студена бронзена скулптуричка што со страотна брзина се завртува в место, згуснувајќи ја нагло темнината околу себе. Не беше тоа ошумоглавеност, зашто со ширум отворени очи бев загледан во предметите околу себе и не само што можев да ги видам, туку ја знаев и нивната намена. Можев и да чекорам ваму-таму без да паднам. Го знаев и своето име и името на Муна… Но, сепак, нешто се случуваше во тој простор. Шумовите зачестија и нагло се забавуваа како некаква звучна лента што споулавено се врти наназад. Низ главата ми прелетуваа неверојатни слики од кои само некои беа сосема разбирливи. Ги препознавав своите стари, мачни соништа што сега се лепеа едни врз други како на некаков тридимензионален колаж.

Светот, несомнено, се поместуваше. Го знаев тоа, но не можев да дефинирам како и зошто. Нешто незапирливо нѐ влечкаше кон некаков крај кој можеби и ќе објаснеше сѐ, но можеше да се случи неочекувано да нѐ повлече и во онаа страотна ништожност, во апсолутот на празнината.

Надвор тресна гром и нагло се истури невиден порој. Запласка така силно што низ отворените врати насекаде по подот се разлеаја мали кривулести поточиња. Зачестени дождовни бранови, понесени од ветерот, удираа врз џамовите со подмолна бучава што потсетуваше на стихија, на водишта што корнат сѐ што ќе им се испречи на патот. Само еднаш, во детството, доживеав нешто слично. И тогаш сѐ се збидна исто така чудно и нагло, и можеби тој дамнешен настан сега добиваше свое појаснување… Додека игравме топка на малото игралиште покрај пругата, одеднаш се крена неподносливо силен ветер. Нѐ поткреваше и нас како ветрушки и сета наша игра за миг се претвори во мачен грч. Се обидувавме да избегаме од лединката, но ветерот како да сакаше да нѐ задржи токму тука, и само тука, за да ја видиме огромната долгунеста и црна пијавица од прав што се креваше од другата страна на пругата. Таму се наоѓаше стар склад за јаглен што по целата поврвнина имаше дебели наслојки црна прашина. Ја познававме нејзината врелина кога во усвитениот август, одејќи на капење на недалечната река, претрчувавме боси низ складот што не беше ограден. Но овој неочекуван есенски ветер со сурови движења го разбуричка просторот и ги избриша сите наши спомени. Со вџашени очи гледавме како пијавицата станува сѐ поголема и сѐ поцрна, како се доближува, полека, сигурно, како минувајќи ја пругата потсобира најразлични отпадоци меѓу нејзините прагови и, еве ја, се вдава врз нас, нѐ засипува со темнина и со горчлив вкус, со крцкот меѓу забите и со задушлива сувост на воздухот. Една по друга зачкрипаа и трите големи липи, а средната силно запраска и едноставно се расчатали надве како огромен јадец. Оковани во ветерот, чувствувавме како нѐ засипуваат откинатите гранки и лисја, некакви вреќички, хартии и ситни камчиња. Пијавицата веќе ги корнеше и грмушките по работ од игралиштето. Се чинеше дека, еве, секој час и нас ќе нѐ вовлече во својата долга правлива труба и оти како пердувчиња ќе нѐ вцица во широкиот дел од својата развиорена лејка. И тогаш наеднаш се случи нешто така неверојатно: ветерот нагло папса, а врз земјата тапо затропкаа крупни дождовни капки, и додека успеавме и да помислиме дека ќе заврне, врз нас веќе се истураше вистински порој, црн и валкан, порој што го размачкуваше просторот со тој гареж измешан со земја. Кога малку се соземавме, растрчувајќи се накај куќите, можевме да видиме како насекаде се слеваат мали црни реки. Го помнам уште и исплашеното лице на Цоко - мојот најдобар другар од детството - тоа лице беше знак, црн и сосема неразбирлив, знак од кој гледаа две исто така црни исплашени очи…

И еве, сега, го имав истото чувство. Бев речиси уверен дека водата надвор ќе ги исполни улиците како големи кади и, кревајќи се до прозорците, со сета своја тежина ќе ги раздроби сосе рамките, и ќе ме потсобере и мене со тој бран од срча и нечиста пена…

Секако имаше начин да се уверам дека тоа е само мрачна претстава. Дождот беше реален и, доколку истрчав надвор, несомнено ќе ме разбудеше. Но јас направив грешка…

Подотворив една врата… Така и очекував - таа водеше кон визбата. Ме полазија морници при помислата да слезам долу, но слутев оти таму се случува нешто необично. Слушнав сосема јасен шум на шлапкање на водени бранчиња. Долу беше темно, меѓутоа додека неуспешно се обидував да пронајдам некаков прекинувач за ламба, успеав единствено да го навикнам погледот на темница. Удолу водеа само неколку скали. Водата беше висока, а кога слегов чекор-два видов дека низ ниските прозорчиња на визбата и натаму се слеваат матни водопади. Но водата ќе беше сосема занемарлива доколку, како во визбата на мојот сосед, насекаде не пливаа затнати шишиња меѓу кои, навалено како темна санта, се лулкаше и едно винско буре.

Со ужас ги гледав шишињата, очекувајќи, како во некој морбиден филм, наеднаш врз рамото да почувствувам нечија непозната, студена рака. А сиот овој грозомор можеше да заврши и така што меѓу шишињата наеднаш да исплива шареното телце со слепени влакненца, мачето Филип, со вкочанета, зината муцка и отворени очи… А по него, меѓу бесмислените нешта, од дното на визбата можеше да изнурне и заспаното кревко тело на Офелија, на Муна, што го одбрала сонот меѓу тие мрачни пораки на времето.

Вџашен од самата помисла, истрчав од куќата како збудален. Поројот се навалуваше ту ваму ту таму, пласкајќи врз студените и празни куќи. Ја чувствував неговата сила врз лицето, но морав да го издржам, морав да истрпам да ја измие од мене црната јаглена прав…



6.

Бестежинска состојба

 

Благонаклоноста на времето беше неповратно замината и непредвидливостите сега имаа други, мачни предзнаци. Онака исплашен, до кожа накиснат и стутулен во полупразниот автобус со кој панично бегав од сивиот аквариум на населбата што сѐ уште шумеше, шумеше зад мене, како налудничави слики ги отфрлував и последните спомени. Загледан во темнината што постапно се скрутнуваше околу нас, знам, го гледав лицето на ништожноста. Но тоа за мене веќе немаше никакво значење. Човек што не знае како и од каде да започне одново, клони кон ништожноста и таа не го изненадува, не го вџашува со својата непојмлива празнина. Меѓутоа, празнината - тој матен простор што и зад мене и пред мене се протегаше во бесконечност - имаше своја содржина. Таа содржина, таа празнина бев јас самиот - голема темна сцена по која протрчуваат чудни актери, меѓу кои повремено се препознавав и себеси како некој што за миг застанува збунето затоа што го заборавил текстот. Но немаше никого да ми шепне нешто, да ми припомогне. Ми остануваше само веднаш да се тргнам од сцената и играта да им ја препуштам на оние што знаат да ја играат. А сепак, беше тоа некакво чудно двојство на отстапување и настапување во исто време. Зашто, колку и да се повлекував од местото на настаните, некако постојано пак таму се наоѓав. И не беше тоа само последица на некаква си поопшта инерција. За своите постапки сепак одлучував самиот. Но тие беа како обид на непливач да се извлече од силата на речната матица - секое ново вирче ме туркаше наназад, кон неизбежноста на течењето.

Автобусот нагло застана во една од главните улици. Ме сепна неочекуваната турканица што наеднаш ја преплави неговата внатрешнина. Тука беше многу бучно. Разбрборени луѓе се разбуткаа меѓу седиштата, а однадвор градската бучава се мешаше со аморфните гласови на раздвижените граѓани. Рекламите ја играа својата примамлива игра што се истураше во нерамномерни наплавини светлина што како да се кристализираше во исплакнатиот воздух, и доколку не го чувствував студенилото на своите влажни алишта, за чијашто неугодност не би можел да смислам никаква придавка, ќе бев сигурен оти долгиот, мачен сон е веќе зад мене.

Решив тука да слезам и се протуркав до излезот, но токму кога стапнав на тротоарот, пред себе, онака полузавртен, го здогледав Гогош. Изгледаше незаинтересирано и беше некако неприродно всаден меѓу луѓето што, очигледно, за разлика од него, сепак имаа причина да бидат тука. Нагло се свртев да се вратам на своето место, но, наеднаш вкличен меѓу оние што се качуваа и оние што слегуваа, се почувствував така базнадежно, зашто Гогош веќе ме фати за раката и ме гледаше со упорните метални очи, студено насмевнат и спокоен.

„Кај си, бе?“ - рече речиси ноншалантно, влечкајќи ме кон себе. Некако ме измолкна од врвулицата на самиот станичен тротоар и, држејќи ме сѐ уште за раката како да сме се упатиле во некаква заедничка прошетка, ме поведе низ улицата.

„Хм, сакаше да ме одбегнеш, нели?“ - рече тивко и самоуверено. „Па, нема никаква причина за тоа“, додаде. „Кажи, што имало лошо меѓу нас? Ти си одбра свој пат и квит. Јас ги разбирам тие нешта. Но, зошто и натаму да не бидеме пријатели?“

Ми се обраќаше со така непринуден тон што за миг речиси се посомневав дека тоа воопшто е Гогош.

„Слушај“, рече малку подоцна со глас на човек кој ужива во својата редовна вечерна променада, „и самиот гледаш како се збудалија луѓево, па не знаат веќе ни што сакаат, ни што прават. А времињава се тешки. Ќе им се разбие тоа од главата, ќе видиш. Не може туку така да се сврти грбот и да се замине. За сѐ постои одговорност и за сѐ некој ќе мора да поднесе сметка“.

Воопшто не знам зошто продолжив да одам со него, но тој неочекувано како да успеа да воспостави некаква рамнотежа меѓу нас како да сме двајца воени ветерани што се нашле по многу години и, ете, сега расправаат за минатото и за иднината. Можеби и ќе го скандализирав со грубо одбивање натаму да го придружувам, но во тој час навистина никако не можев да најдам причина за тоа.

„Ова со тебе многу ме изненади“, рече наеднаш сосема суво.

Свртевме зад еден агол, влегувајќи во тесна уличка што во прв момент ми заприлега на ќорсокак. Гогош застана да запали цигара. Чекор-два подалеку, сосема спонтано застанав и јас и, изненадувајќи се и самиот, се загледав во него како во најнепознат странец. Всушност, кој беше тој човек и што сакаше од мене? Онака белузлав и гладок во лицето, оставаше впечаток на некој што добро ги знае своите ингеренции. Тие несомнено ги надминуваа границите на можноста на било кој начин да бидат разбрани, а најмалку загатката: кој, каде, како и според кои критериуми му ги доверил. И, ете, можеби токму затоа така триумфираше и неговата самосвест на овластено лице за кое зборот слобода беше лишен од секаква сентиментална содржина.

Повторно ми се придружи. Продолживме до крајот на уличката која, неочекувано, низ еден долгунест безистен излегуваше на друга уличка што исто така ми беше непозната. Движејќи се во истата насока во којашто одевме до пред малку, таа како да се спушташе некаде кон реката… И тука, едноставно, ја загубив можноста да се ориентирам. Сега тоа беше и сосема разбирлива состојба. Целиот тек на овој настан несомнено беше истргнат од нечиј туѓ дневник, од нечиј туѓ живот. Јас немав ништо со тоа. Ниту сакав, ниту имав причина да бидам тука, со Гогош, со тој туѓинец со кој ме поврзуваа чисти случајности што тој така лесно ги претвораше во свои цели. А можеби токму тоа ја овозможуваше и онаа кревка, едвај воспоставена рамнотежа меѓу нас: бесмислата на нашата ненадејна средба за него имаше сосема друго значење.

Но сепак не додаде ништо што би се однесувало на мене. Тоа најмногу ме збуни. Поведувајќи се по него во тоа излишно одење кон никаде, попаднав во чудна бестежинска состојба во којашто беше јасно оти нештата секако и натаму ќе се одвиваат според своите несфатливи законитости. Затоа и ме ужаснуваше помислата разговорот да го сврти на мојот случај. Но тој деликатно прејде преку тоа и преку својата патемна неугодна забелешка дека е изненаден.

Бев истоштен и гладен. Студеникав ветер, што се засили кога слеговме до реката, ги разбркуваше облаците, но темнината и натаму сѐ поопскурно се цедеше по фасадите на недалечните расфрлани солитери. Некои чудни споменици, што дотогаш не сум ги забележал, чемрееја во зимурливата скудност на паркот низ кој минувавме. Едно куче истрча однекаде, нѐ обиколи, потоа се доближи до нас душкајќи нѐ од растојание што му се чинеше некако прифатливо, и одново исчезна во темницата.

Ветерот се вдаваше во сѐ понеугодни налети, но само неговата непобитност, само неговата несомнена разбудувачка присутност ме разуверуваше оти чудните растреперени светла, што како да пламнуваа насекаде зад околните голи грмушки, никако не би можеле да бидат гробни кандилца или свеќи. Си спомнав наеднаш за грозната поплава од пред повеќе години и можеби сепак тоа беа бележани места каде што се удавиле некои несреќници. Булдожерите потоа гровнатите куќарки ги срамнија со земја. Но можеби тоа го направија пребргу, пребргу, пред да се кренат душите.

Забележав оти и Гогош се сепна. Го збуни ирационалноста на настанот и, загледувајќи се во мене, како да очекуваше одговор. Но, нагло изместен од рамнотежа, и самиот ја почувствував несоодветноста на таквото очекување.

„Да побрзаме“, рече наеднаш, речиси со деловен тон. Неговиот глас нагло ме повлече наназад, во онаа само негова реалност во којашто тешко се снаоѓав и којашто немаше никаква врска со чудните знаци на таа загадочна вечер. Вџашен, се фатив себеси како го забрзувам чекорот, но дури и помислив да речам нешто, да се спротивставам или едноставно да се свртам и да си заминам, ние веќе излегувавме од паркот, а во темниот простор што само до пред малку ми се чинеше така празен и глув наеднаш изнурнаа некакви високи, стари зданија, како опачина на огромни кулиси.

Гогош повторно ме фати под рака, чувствувајќи веројатно дека исчекорил доволно од мрачната ирационалност во којашто јас, пак, сѐ повеќе попаѓав.

Зградата пред нас беше сосема затемнета од оваа страна, но зад нејзините рабови како да се ширеше некаков бледникав светлосен ореол. Таму, на другата страна, нешто се случуваше, но сепак, наоколу сѐ беше тивко и мирно. Одејќи кон средината на зградата каде што, очигледно, имаше некаков влез, можевме да ги чуеме само своите чекори. Одѕвонуваа студено и метално врз старата и нерамна калдрма. Тој звук ме потсетуваше на нешто дамнешно, од детството, можеби на она сонливо трчкање зад татко ми додека, втегнат во офицерска униформа, со одмерен и самоуверен чекор одеше во обиколка на градските ноќни стражи. Понекогаш така ме водеше со себе, и тој отпечаток од спомените сега како да се стркала пред мене, неочекувано и по малку болно.

На широките но ниски скали Гогош се искачи со еден скок и веќе ја туркаше огромната дабова порта. Бев сигурен оти е заклучена, но таа се подотвори кон некаков чуден внатрешен простор што како да трепереше од придушена светлина и измешани звуци што се надгласуваа некаде во длабочината на зградата. Минавме неколку полуосветлени ходници и, како да се искачувавме низ внатрешноста на некое огромно уво, звуците и бруењето сѐ повеќе се артикулираа во притивнат џагор низ кој се провлекуваше долгиот глисандо на нечиј говор.

„Сето тоа е чудно и сомнително“, прошепоте Гогош. „Баш како да одат со врзани очи и не сакаат да знаат што се случува околу нив, хм“.

Поминавме низ еден долг и сосема затемнет ходник. Од десната страна имаше многу врати и тоа веројатно беа некакви училници. Од левата страна, пак, темницата ја разредуваше слабата светлина што влегуваше низ високите и тесни прозорци. Џагорот стануваше сѐ погласен и беше сосема веројатно оти на крајот од ходникот се наоѓа некаков поширок хол или голема просторија од каде што допираше. Веќе се распознаваа и одделни зборови од непознатиот говорник… Но Гогош одеднаш застана до еден прозорец, нервозно го отвори и се поднаведна.

„Дојди, дојди да видиш“, рече со доверлив глас, мавтајќи кон мене со дланката.

Се наведнав.

„Гледаш? Гледаш?“ - ме праша нестрпливо.

„Што?“

„Па, долу. Таму, лево“.

Навистина, таму имаше нешто, некакво мушкање низ темнината, некакво итање на лица што не можеа да се распознаат во мракот, некакви придушени ламбички, чад. Значи сепак оние чудни секвенци што одвреме-навреме ми прелетуваа пред очите не биле само моја опсесија…

„Да, таму има некој“, реков. „Но зарем тоа не е природно?“

„Те молам, не прави се на удрен. Па, сосема е очигледно дека тие имаа некаква намера“.

Се повлеков од прозорецот, а Гогош и натаму настојуваше да види нешто. Грозно ме болеше главата. Розе можеби веќе беше дојдена кај мене, а помислата некако да се довлечкам до дома беше така далечна и нестварна. Имав чувство дека некаква понорна магнетска сила ми ги корне жилите од вратот и ме раздвојува на глава и труп. И трупот сакаше да избега далеку од главата во која сѐ беше така испремешано и матно. Се потпрев врз ѕидот и бев готов да се спуштам на подот и навистина да се направам на удрен и да заспијам. Но Гогош беше побрз. Одеднаш се најде пред мене и ми ги тресеше рамениците.

„И кажи дека тоа е случајно. Гледаш ли дека сѐ е поместено? Тоа е нивно масло. Сакаше да се подбиваш со мене во врска со оној господин Карлос, но не си ни свесен дека од тебе, всушност, проговара една несекојдневна интуиција. Тој ни ги меша конците… Ќе речеш и дека ништо не знаеш за твојата населба… А? А?“

Го гледав збунето.

„Не знаеш дека е речиси сосема испразнета, нели? И тоа е природно за тебе?!“

„Чекај“, реков. „Пушти ме“:

Му се истргнав од рацете и се упатив кон крајот на ходникот. Можеби Гогош и не претеруваше. Но тоа немаше никаква врска со мене. Мојата потреба да ги менувам нештата веќе одамна беше потрошена. Што имав јас со тоа?

Ме стаса пред самата двокрилна врата.

„Слушај“, рече, „тоа си е твое право на нештата да гледаш како што сакаш, но не би смеел да бидеш така рамнодушен“.

„А зошто не?“ - реков изморено.

„Па, белки човек има и некаква мисија во овој свет…“

Тој секако очекуваше одговор, но јас нагло ја отворив вратата и влегов во холот во кој низ придушената светлина можеа да се распознаат неколку групи млади луѓе. Некои од нив се маткаа околу двете подотворени врати што, бездруго, водеа во некаков голем амфитеатар од кој сега, веќе сосема јасно, се слушаше емфатичниот глас од пред малку.

„Денешниот ден“, рече гласот, „претставува пресвртница во вашиот живот. И не само затоа што одовде ќе излезете со диплома в рака, и не само затоа што ова е уште една несомнена потврда на вашата зрелост, туку и затоа што од овој час и вие врз себе преземате дел од одговорноста за овој свет, дел од чесната обврска новите генерации млади луѓе да ги подготвувате за живот во една уште поубава и уште посреќна иднина…“

Се слушна силно ракоплескање. Некои од момчињата што беа во холот се доближија до вратите и ѕирнаа внатре. Аплаузот не стивнуваше. Бргу стрчав по скалите што, веројатно, водеа кон главниот излез. Низ ходникот сѐ уште одекнуваше ракоплескањето, но јас веќе бев длабоко потонат во ритамот на својот шумен здив што нагло се пресретна со студениот и влажен здив на улицата. Некаде далеку светкаа секавици кои не можеа да нарушат веќе ништо во поредокот на неочекуваната улична тишина што така слатко се втиснуваше меѓу мене и стварноста од којашто, ете, постојано безуспешно се обидував да истрчам и да се спасам.

Кога повторно се најдов во својата темна населба, насекаде наоколу владееше исконско глувило и молк. Можеше дури да се забележи и обликот на небескиот свод што сега, како заоблен од ноќта, некако млитаво се спушташе до самите улици, до крововите на куќарките и до нивните мали, пусти градини. Во воздухот, и по дождот, се ширеше некаков накиселникав зив, зашеметувачки и мачен.

Застанав за миг. Ми се пристори дека слушам нешто…???... Не.

„Тоа е само од напнатоста“, помислив.

Но по неколку чекори пак ми се пристори истото. Како затнат со бубаќ, просторот не впиваше ништо. Моите чекори нараснуваа до неподнослива еуфоничност и беше ризично да побрзам зашто лесно можеше да се случи со својата бучност да ја надминам можноста на сводот да ги поднесе тие вибрации.

Звукот од пред малку сега се повтори сосема јасно. Во некоја од куќите на другиот крај од улицата ѕвонеше телефон. Тоа беше нечиј упорен повик, зашто ѕвонењето воопшто не престануваше, станувајќи сѐ погласно… дрин… дрин… дрин…

Потрчав. Знам, тоа беше чудна реакција и тешко би можел да ја објаснам. Но во тој час помислив на Муна. Само таа би можела да има таков мотив.

Од трчањето почна да ми татни во ушите. Телефонот како да ѕвонеше сѐ побрзо: дрин, дрин, дрин…

Трчајќи по средината на улицата, некаде во слепите очи како да ми фијукаа нејзините рабови, одземајќи му ја сета смисла на времето. Сигурно беше само тоа дека тука некаде, недалеку, исчезнуваа во прождрливоста на црната ноќна дупка што, чиниш, нагло втонуваше удолу како неочекувано понорно место.

Бев сосема блиску.

Дрин, дрин, дрин, дрин…

Се стрчав угоре по скалите. Сѐ уште ѕвонеше. Беше неподносливо темно и задушно. Очајно се обидував да ја пронајдам клучалката.

Дрин, дрин, дрин…

Втрчав во куќата.

Дрин…

Ја зграпчив слушалката.

„Ало, ало! Ало! Муна!“

Тит… тит… тит…



7.

Преселба

 

Господе Боже, во каква самотија попаднав! Во опипливоста на таа празнина од којашто исчезнуваа сите подробности што ја сочинуваа општата рамнотежа на нештата, сега останаа само тие неколку бесмислени парчиња мебел, собрани тука пред мене како мртва природа, како студени траги на некаков голем далечен крш. Така прекриени, втонати во мртвилото на своите геометриски форми што се истакнуваа врз темната гама на ноќта, прилегаа на астероиди од мраз што долетале од некое непознато време и простор, не донесувајќи со себе никаков знак на минатото, никаков предзнак на иднината.

Почувствував како наеднаш ме фаќа паника. Се обѕрнував околу себе, се загледував во себеси, само да пројадам барем делче од оној интимен, невин и топол свет во кој бездруго сум престојувал. Но насекаде налетував само на длабока и непроодна белина. Сѐ како да беше премачкано, стерилизирано со некаква обеспокојувачка излишност што им ја одземаше сета волшебност, сета орфичност на суптилните детали од животот врз кои се потпирав.

Не знам, можеби конечно веќе бев готов и да се помирам со таков бледникав крај…

Во темнината јасно се гледаа флуоресцентните рабови на мојата собна коцка. По аглите во сите насоки нечујно лазеше белузлава студена пареа. И натаму сѐ остануваше така загадочно, но знаев оти наоколу секако завладува некаков метафизички неред во кој, ете, и самиот учествувам.  Вчудовидуваше апсолутот на таа тишина што своето студенило како да го скрутнуваше околу немуштите предмети, правејќи невозможни, грди калапи на ништожноста, некакви чудни отисоци што, чиниш, можеа да се умножуваат до бесконечност. Но таа бела слика беше однекаде украдена. Однадвор, надвор од времето заробено во неа, допираше некаков обид за довикување што не се слушаше: Гертаааа! Каааај!!! И големата неочекувана санка со последните дребулии што ми останаа во животот поаѓаше кон некаде, оставајќи ја зад нас беспредметноста  на едно време што требаше да се заборави. Седнат на врвот од тоа купче на интимни ништожности, бев свртен со грбот кон кочијашот што така цврсто ги држеше уздите. Не се обѕрнував ниту кон коњите. Нивните, секако како мраз бели прапорци ѕвонеа тишина што се мешаше со шумната тишина на сѐ покрупните снегулки што нѐ испраќаа засекогаш од пустината на оваа населба, од пустината на ова бело време зад кое, меѓу остро врежаните траги од санките, неочекувано затропкаа неколку топчиња топли коњски лепешки.

'