25 август 2017

 

ВЛЕГУВАЊЕТО ВО ЕУ И ВО НАТО НЕ Е ВЛЕГУВАЊЕ ВО РАЈ

 

Во ЕУ и во НАТО не постојат одговори на сите прашања, особено не на оние од најголемо национално значење. За нив Република Македонија е „само бројка и ништо повеќе.

 

Не е злато сѐ што светка. Но таа мудра стара поговорка не важи за нашата политика кога се во прашање Европската Унија и НАТО, а сето она што така неразумно го жртвуваме за да ја добиеме нивната влезница е прескапо и сосема непотребно.

Парадоксално е и крајно апсурдно што како околу ништо друго (а имаме судбински многу поважни нешта за Република Македонија и за македонскиот народ) не постои толку апсолутно безконфликтен, целосен и неподелен консензус меѓу двете најголеми, но речиси и со сите други партии во државата, како во врска со нашата евро-атлантската ориентација.

Околу тоа прашање водечките политички партии и самите политичари во Република Македонија нагласено видливо се натпреваруваат кој ќе биде поверен, погласен и поуверлив во тоа дека нивните политики се апсолутно на тој пат и оти од него како насока кон нешто божествено и севременско нема никакво отстапување и скршнување. Прва смешна асоцијација на таа голема преданост и верност на евро-атлантските интеграции ми е она познатото: „...ми ти се кунемо да са твога пута не скренемо“, а сите го видовме трагичниот крај на тоа и такво заколнувачко ветување, што, се разбира, секогаш одново и во времето што е пред нас апсолутно може да се повтори, само со некој друг политички предзнак. Впрочем, за тоа најдобро ни сведочи веќе актуелниот мачен брегзит, со повремени сериозни најави и на некои други реално можни „егзити“?!.

Aко дури некогаш и се случи тоа Република Македонија да стане членка на Европската Унија или на НАТО, од што сме сега далеку со (светлосни) години, при донесувањето конечна одлука за тоа, во Собранието на РМ ќе имаме само еднаш во историјата на нашава држава, и само тогаш, надреално и неповторливо единство и (пленарно) едногласно „да“, иако веќе во наредниот ден тоа еднодневно евро-атлантско лицемерство ќе се расточи на нови, банални меѓупартиски натегања, нетрпеливости и тешки идеолошко-политички разидувања, обвинувања и судири околу она што ни е бескрајно поважно и што всушност бара вистински консензус за наш посреќен и попросперитетен општествено-економски живот и развој. Не знаеме која од партиите во моментот на потенцијалниот прием во едната или во другата асоцијација ќе се најде на власт и во позиција да ги преземе повелбите за прием во ЕУ или во НАТО, но сигурно е дека потоа неподносливо долго и при секоја можност што ќе се укаже, со таа „голема чест“ на сета уста ќе се фалат нивните лидери, независно од тоа колку тие лично или нивните партии „придонесле“ за таков исход или само „дошле на готово“.

За мене, пак, најголема чест и среќа ќе беше да можевме да си живееме во една модерна, слободна, независна држава, што си ги почитува благородните национални и мултикултурни тадиции, во добри односи со соседите врз рамноправна основа, и секако надвор од сите измислени и наметнати државни и квази-државни заедници и воени блокови, а никако не ова кон што сега неповратно и на сила се лизгаме, удолу.

Но, ете, како и некои други земји што ги зафати општопознатиот посткомунистички општествено-политички пресврт, така и ние, со некакви нови надежи, се најдовме на тој евро-атлантски пат, а сега нема врдање, нема враќање, и особено за нас нема „егзит“. Големо прашање е дали воопшто и имавме некаков поинаков избор, но, се разбира, тоа е една сосема друга тема.

Е сега, кога веќе имаме намера (или сме принудени) да влеземе во овие така сложени меѓународни асоцијации, би требало тоа да го правиме сосема освестени за сите аспекти на она што нѐ чека на патот до таму, и конечно таму, ако нѐ примат во членство. А, се чини, дека токму таа свест не само што не е доволно присутна во пошироката македонска јавност (а јас сметам дури и во еден значаен дел од политичките кругови), туку ЕУ и НАТО со невидена хистеризација и замајување до крајност се митологизираат и се издигаат на ниво на нешто свето и недопирливо, божествено, па постојано слушаме од европските и светски политички кругови кои се „задолжени за нас“ дека Македонија нема време за чекање, дека мора да се донесуваат брзи одлуки доколку сакаме да се исполнат условите за зачленување, дека мораме да се услогласиме со соседите кои, како што гледаме, имаат само неподносливи грабежливи и освојувачки барања, како што е редефинирање на државата, поништување на националниот идентитет и менување на името.

Тоа е затоа што во плановите и целите на ЕУ и на НАТО Република Македонија е, како што тоа вообичаено се вели, „само бројка“ и ништо повеќе. Затоа ним им е и сосема сеедно што ќе биде со нашиот државен и национален ентитет и со името, само тоа што побргу да се сврши.

Истовремено, од устата на актуелната квислиншка власт, и особено на двајцата сега најхиперактивни по таа евро-атлантска тема, Зоран Заев и Бујар Османи (секој од свои крајно подмолни причини кои на пошироката јавност веќе и не мораме да ѝ ги објаснуваме), не се симнуваат појмовите ЕУ и НАТО. Неуморно и постојано мелат: „ЕУ и НАТО ова, ЕУ и НАТО она“, „за брз прием во ЕУ и НАТО“... „забрзување на процесот на евро-атлантските интеграции“... и сѐ така со истите здодевни и празни фрази зад кои не стои никакво друго значење и толкување, со подигнат, квази-авторитетен политички тон и со незапирлива евро-атлантска хистеризација на јавноста, како божем влегувањето во ЕУ и во НАТО да е влегување во Рај.

Но тоа воопшто не е така, а за Македонија дури би можело да се рече - и токму спротивното. Затоа малку да ја симнеме таа корупка што ги обвива ЕУ и НАТО.

Прво, и едната и другата организација се втемелени врз чист воено-политичко-економски прагматизам, и функционираат исклучиво врз таа основа. Таму нема никакви волшепства, голем хуманизам и длабока цивилизациска љубов меѓу државите и народите. Едноставно, постојат конвенции, постојат цврсти правила и постојат строги, до крајност поедноставени, изразито бирократски шеми на однесување кон членките и кон третите држави. Затоа и не се ретки недоразбирањата, понекогаш и многу длабоки и сериозни, и честите напнатости дури и меѓу најголемите членки, што сега некако дипломатски и поради заедничките интереси за опстанок се надминуваат и туркаат натаму, но никој не знае што може да донесе иднината, па дури и најблиската, и какви сѐ драматични разврски се можни. Најдобар пример беше неподготвеноста, големата нервоза и хаосот во ЕУ околу тнр. Шенгенска граница, во врска со бегалската криза, при што, со хистеричното поставување жилет жици и издигање други видови пречки и ѕидишта меѓу државите, се покажа дека „најголемите“ се подготвени и имаат недвосмислена моќ бргу и едноставно да ги менуваат и веќе усвоените заеднички правила и потпишаните конвенции и за миг да го укинат и слободниот протек и движење на луѓето и стоките во ЕУ, која е замислена како заедница „без внатрешни граници“.  

Второ, безочно се применува старото (овде наведено во симболична смисла) средновековно правно начело ius primae noctis (право на прва брачна ноќ), што значи дека оние кои се зачленети најрано во организациите имаат најголеми права; оние што се влезени подоцна помали, а оние што се пред вратата на ЕУ и на НАТО речиси никакви. Привидно не е така, но всушност така е, и сите добро знаеме дека е така. Република Македонија најдиректно врз својот грб го чувствува камшикот на тоа возобновено, и на меѓународно ниво поткренато средновековно право на изживување на оние што имаат првенство. Но погледнете ги и Србија, и Црна Гора, и Босна и Херцеговина, а за Турција и да не зборуваме, бидејќи цели триесетина години чека на влегување во членството на ЕУ, изложена на тамошен перманентен цинизам, уцени и меѓународна иронија.

Трето, сликата за економско-политичката организација на држави што се вика Европска Унија не е иста и не смее да се идентификува со сликата за Европа во културолошка смисла. Тоа се сосема различни појмови. Кој би бил толку улав да не се восхитува, да не им се поклонува и да не сака да се интегрира со непрегледните европски културни вредности од земјите на Петрарка, Леонардо, Микеланѓело, Шекспир, Сервантес, Волтер, Бах, Бетовен, Гете, и со сите други неброени дострели во културата, уметноста, науката и градителството на кои се напојувал и се напојува целиот свет. Но таа идентификација меѓу државно-правниот субјет ЕУ, од една, и Европа како општоцивилизациски поим кој во себе имаментно ја содржи културата во најубава, најпречистена и највисока смисла, од друга страна - едноставно не функционира и нема никаква смисла. Многу се лаже секој оној што мисли дека со влегувањето во ЕУ, истиот час ќе нѐ преплават и во себе ќе нѐ опфатат баснословните волшебни светлини на европскиот културен imago. Не, тоа нема да се случи, особено не веднаш и не битно повеќе од она што го имаме и денес, особено на индивидуалното рамниште на одделни успешни и квалитетни автори, и околу некои повидни меѓународни културни меѓуинституционално обмислени проекти.

Четврто, што се однесува до стопанството, тоа е преширока и пресложена тема за оваа прилика, но треба да се рече дека отворањето на заедничкиот европски пазар ќе биде предност (и главно сѐ во таа насока ќе се движи) само и исклучиво за гигантските европски и светски концерни и за неизмерно далеку поорганизираното, финансиски подобро следено и подржувано и поконкуретно европско и светско стопанство, со широк и немилосрден помор на малите македонски претприемачи во сите стопански сфери, а сето она што е покрупно, со ретки исклучоци, ќе си отиде под европска стопанска капа. Тоа е единствената вистина. За европските фондови ќе правиме муабет тогаш кога ќе бидеме во Европа, а дотогаш - се разбира дека и кај нас некој ќе се очеша.

И на крајот, уште пред влегувањето во полноправно членство во ЕУ постои долг, непрегледен и речиси непреоден, исцрпувачки пат, посипан со најразновидно правно-политичко и друго трње, крв, пот и солзи, при што тој пат за Република Македонија ќе биде и баснословно скап. Којзнае дали Македонија воопшто и ќе го дооди до крај додека сеуште постои ЕУ. Признавам, јас сум многу скептичен.

Што се однесува до НАТО, па нема белки и тука да зборуваме за големо културно наследство, меѓународна љубов и емоции. Нив ги интересираат нашите геостратешки предности, територијата и природните и човечки ресурси за своите воено-политички активности и мисии. Колку вистински СКАПО ќе нѐ чини влегувањето во НАТО, и тоа не само материјално, веќе сега е сосема јасно со ужасните условувања од страна на Бугарија, Албанија и Грција, кои, треба да се земе во предвид, сѐ уште ни оддалеку не ги исцрпија сите свои можности за уценување, понижување и поништување на нашата државна и национална самобитност.

Затоа, во контекстот на овие евро-атлантски хистерии и комбинации треба јасно да се знае и да се запомни дека она што во некој историски момент некои држави го договориле и го потпишале како цврсти меѓудржавни договори, секогаш многу лесно може да се изневери и да се поништи (историјата и современа политичка стварност се преполни со докази за тоа!), но последиците за оние што непретпазливо влегуваат во некои меѓународни асоцијации, притоа радикално менувајќи ги карактеристиките на својот државен ентитет, својот национален идентитет и името, како во случајот на Република Македонија, можат да бидат апсолутно најтрагични и непоправливи.

Во најцрното сценарио што, всушност, на Република Македонија и на македонскиот народ им е подготвено во овој евро-атлантски филм и што предавничката влада на Зоран Заев безумно, безмилосно и хиперактивно го спроведува, ќе се случи токму тоа: веќе на патот до членството, од кое, повторувам, сме уште бескрајно, бескрајно далеку, во име на таа измислена, исхистеризирана и политички воспеана „највисока општетсвено-политичка цел: евро-атлантска интеграција“, сите најважни државни и национални интереси и вредности да ни бидат тотално погазени и поништени, иако можеби веќе во некоја најскора или малку подалечна иднина воопшто и ќе ги нема ни ЕУ ни НАТО, или пак евентуално ќе егзистираат во некаков поинаков состав и структура. Но не е тешко да се заклучи дека во тој и таков случај, по сите сегашни надреални меѓународни глупости низ кои минуваме и што несфатливо сами дозволуваме да ни се случуваат, само да се дограбиме до патот за ЕУ и НАТО, Република Македонија и македонскиот народ, ќе ги нема дури ни „како бројки“.

Драги и почитувани мои сограѓани, Европската Унија и НАТО се само две меѓународни организации, а не никакви небески божества пред кои треба да се влечкаме на коленици.

Затоа сѐ уште пред себе имаме неограничено многу време (ноторна измама и најобично застрашување е дека некаде ни се брза!) малку да ја поткренеме „интегративната“ рачна кочница, сите нешта што нѐ чекаат и што нѐ обврзуваат консензуално на национално ниво да ги претресеме, и тогаш разумно да одлучиме. Оние пак што вака до лудило ги забрзуваат тие процеси имаат недвосмислено највалкани и најподмолни политички и освојувачки мотиви, цели и планови. Тоа „забрзување“ е знак за лесно препознавање на нашите ништители, сеедно дали се во прашање збеснатиот Зоран Заев, безобѕирниот Бујар Османи, или европските архибирократи Федерика Могерини, Јоханес Хан, и кој сѐ не од таа шарена меѓународна фела. Но сепак, мора да ни биде сосема јасно: од сите нас заедно најмногу зависи дали ќе им дозволиме така лесно и успешно до крај да ги спроведат своите деструктивни цели кон Република Македонија и кон македонскиот народ.

 

25 август 2017, Republika.mk Online

Влегувањето во ЕУ и во НАТО не е влегување во рај

http://republika.mk/814259

 

26 август 2017, Јади бурек Online

Влегувањето во ЕУ и во НАТО не е влегување во рај

http://www.jadiburek.com/sodrzina_detalno.aspx?id=3060