9 април 2017
МИХАИЛ БАКУНИН И ЕВРОПСКАТА УНИЈА
Од анархија до организиран хаос
„Поредокот во општеството не треба да биде темел, туку круна на слободата“
Михаил А. Бакунин
Јасно е дека во моментов за нас нема поважна работа од нашата сеопшта и безрезервна борба на сите нивоа за зачувување на државноста и интегритетот на Република Македонија, нејзиното историско име и името на македонскиот народ од најгрубиот можен, дрзок, отворено агресивен и бескрупулозен атак на големоалбанската освојувачка машинерија и од бедното, невидено внатремакедонско предавништво на Зоран Заев и на неговата организирана предавничка клика.
Но подеднакво голем и едвај премостлив проблем претставува и тешкото и мачно оро во кое се фативме со Европската Унија, која денес, во контекстот на својата најголема криза и евидентна внатрешна политичко-економска и социјална дисхармонија и дисфункционалност, како и сосема загубениот цивилизациски компас, во паничните обиди да си ја закрпи својата пачавра, дупната на многу места – со исто толкаво количество на агресивност, безочно, препотентно и уценувачки ја игра својата бесрамна улога на мрачен модератор во настојувањата за целосно редефинирање на Република Македонија до нејзиното конечно исчезнување, а сето тоа и како важен тренинг за она што допрва треба на Балканот да им го направи и на Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Се рабира, Косово е сосема друга приказна.
Затоа додека институционално, но и како народ и поединци правиме сѐ да го изгаснеме најстрашниот предавнички пожар што ни ја зафати татковината, нашето внимание постојано треба да биде свртено и претпазливо фокусирано и кон Европската Унија. Од Брисел, во име на демократијата, онака како што таму си ја сфаќаат разни Флекенштајни, Могериниевки, Ханови и кои сѐ не големи „демократи“, доаѓаат најцинични фашистоидни флоскули врз сметка на македонскиот народ, на Република Македонија и на нејзините државни институции. Во своите мачни внатрешни турбуленции на преживување ЕУ се однесува како ранета ѕверка и од неа можеме да очекуваме навистина сѐ, особено затоа што во моментов во нејзиниот интересен простор токму ние сме најранливи, па нејзе ѝ е и најлесно својот стравотен порив по самодокажување и самоодржување да го вежба на наша кожа. За нејзе Македонија е и своевиден камен на искушение, но, иако засега кај нас само си ги крши забите, никако не треба да се потцени нејзината готовност да преземе и очајнички потези за да не дозволи да го загуби својот веќе запоседнат надзор над Македонија, над нејзиниот геополитички, економски и воено исклучително важен простор. Ги слушнавме веќе и нервозните закани со санкции на Република Македонија, па дури и закани за казнување на политички партии и поединци, што е невидена бесмислица и безобразлак.
А го слушнавме неодамна и агресивниот глас на претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер кој рече дека по брегзитот Британија ќе биде третирана како трета земја, а „разводот“ ќе биде толку лош за неа што ќе ги одврати сите други земји од напуштање на блокот, т.е. Велика Британија ќе зажали и дебело ќе го плати тоа што излегува од ЕУ, а тоа ќе им биде и јасно предупредување на сите други членки на Унијата ни да не помислуваат на нешто слично. ЕУ веќе го повлече и првиот одиозен потег: на денот кога британската премиерка Тереза Меи го активира членот 50 од Лисабонскиот договор, ЕУ го оневозможи спојувањето на лондонската со франкфурската берза. Итна груба одмазда, како никогаш веќе во иднината да нема да се коегзистира на тие простори! Па зарем тоа е Европа каква што ни треба и кон која тежнееме?! Велика Британија, според нејзините проценки, раздружувањето ќе ја чини над 100 милијарди евра годишно, но таа значајна европска земја со вековна државотворност и државност сепак се реши да излезе од ЕУ. И тоа не е случајно. Тоа е затоа што Европската Унија стана она што никако не требаше да стане, и тоа во секој поглед и на секој начин – своевидна зандана на народите. Ни ја продадоа европската култура како синоним за Европската Унија. Тоа е една од најголемите цивилизациски измами.
И Македонија се залепи за таа слатка муволовка. Никој не е виновен за тоа големо национално промашување. Кој не би се излажал од таква примамлива понуда каква што доаѓаше оттаму пред дваесеттина и повеќе години? А и какви други можности имавме во тој момент? Во иста положба и со исти илузии се најдоа и низа други земји со далеку поголемо државотворно и државно искуство од Македонија. И еве, сега се во истиот цврст преграб на ЕУ, од кој не можат лесно, или не можат воопшто да се истргнат сѐ до нејзиното неминовно претстојно распаѓање, барем не без грубите и сериозни закани на воинствениот Јункер и нему сличните од истата меѓународна, строго бирократски, хиерархиски, а наскоро и воено структурирана организација (неодамна Јункер, на кој и милитантното презиме симболично му прилега, најави потреба од формирање оружени сили на ЕУ!). Се разбира, кога зборувам за распаѓањето на ЕУ мислам на целосно организациско распаѓање, зашто она другото, моралното, веќе одамна се случи.
Всушност, тоа распаѓање започна веќе со самото нејзино втемелување, зашто таа беше поставена врз крајно тесногради основи, далеку од оние многу подоцнежни фини доработки со сосема поинаква, суптилно дизајнирана понуда упатена кон заинтересираните земји, која за жал се покажа многу поблиску до најнегативна утопија одошто до некоја колку толку можна убава стварност. Имено, главната причина, поттик и цел за втемелување на Европската заедница беше крајно банална: создавање царинска унија и ширење и заштита на заедничкиот пазар кој требаше да ѝ парира на надмоќната индустрија на САД, но и заради јакнење на Европа пред, како што се тврдеше, советскиот експанзионизам. Советскиот сојуз во меѓувреме си исчезна, но оние тривијални мотиви – царинската унија, заедничкиот пазар и натпреварот со американското стопанство, а сега, сосема спротивно од поранешната мотивација, проширено и со евро-атлантскиот експанзионизам – и натаму останаа един-ствените вистински приоритети на ЕУ. Сето тоа е премногу далеку од наивната слика за една хуманистичка, благопријатна и добронамерна Европа! Зашто, таму каде што работат глобалистичкиот неолиберален капитал и големите геостратешки интереси – духот и музите молчат.
И самата приказна за Европската заедница во моментот на нејзиното втемелување на 25 март 1957 го-дина започна како една голема и нечесна цивилизациска измама, пласирана како нешто историски ис-клучително оргинално, додека, всушност, идејата за формирање на Европската заедница беше една украдена, веќе одамна urbi et orbi обзнанета идеја, но бесрамно плагирана, потоа тотално редуцирана и деформирана, а пак, денес гледаме, во нејзината конечна реализација и сосема свртена наопаку.
Треба јасно да се каже и да се знае дека таа идеја лично ја обмисли и јавно ја искажа најголемиот европски анархист и револуционер Михаил Александрович Бакунин, и тоа пред точно 150 години, на познатиот конгрес на Лигата за мир и слобода, кој се одржа во септември 1867 година во Женева. За разлика од тесноградите, филистерски втемелувачи на современата Европска унија, на тој конгрес учествуваа сите најважни и најголеми луѓе од тогашното европско и светско револуционерно и културно милје, како и многумина најистакнати европски интелектуалци, мислители и писатели: Виктор Иго, Џузепе Гарибалди, Џон-Стјуарт Мил, Херцен, Бакунин, Огарјов, Луј Блан, Пјер Леру, Жил Валес, Елизе Рекли, Едгар Кине, Жил Февр, Литре, Бихнер и многу други. Конгресот во Женева на самото место го следеа и најголеми имиња од светската култура и литература, меѓу нив и Фјодор Михаилович Достоевски.
Сите нив во Женева ги донесе единственото, заедничко хуманистичко вдахновение и големата идеја за една нова, човечна, благородна, цивилизирана Европа на слободни и непонижени народи и држави.
Пред тој најугледен собир Михаил Александрович Бакунин ја искажа и ја објасни својата чиста и едноставна идеја дека треба веднаш да се уништат трите тогашни најголеми европски зла, трите големи апсолутистички империи и зандани на народите: апсолутистичката царска Русија, двојната хегемонистичка монархија Австро-Унгарија (создадена токму во таа 1867 година) и Отоманската Империја, и да се формира нова европска заедница на рамноправни држави и народи.
Тогаш Бакунин истакна:
„Сеопшт мир е невозможен сѐ додека постојат централизирани држави. Ние, значи, мораме да го сакаме нивното распаѓање, за да може врз урнатините на тие целини, организирани низ деспотизам и освојување одозгора кон долу, да се развие, но овојпат организирана одоздола кон горе, единствена слободна федерација на општините во провинции, провинциите во нации, нациите во Обединети држави на Европа“. Тие значајни зборови на Бакунин беа изречени исцело во духот на неговото хуманистичко филозофско учење дека „поредокот во општеството не треба да биде темел, туку круна на слободата“, а се разбира, тој во „Обединетите држави на Европа“ ја гледаше и својата сакана и страдалничка Русија.
Бакунин тогаш ја претскажа и неизбежноста на страшните светски војни со враќање, како што рече, на „ужасните времиња на Валенштајн и Тили“.
И дојде време трите големи царства како кули од карти да се урнат во прав и пепел, сосема да се распаднат во крв до колена, и засекогаш да исчезнат од лицето на земјата, зашто тоа беше историска неминовност. „Ужасните времиња на Валенштајн и Тили“ се вратија и големите војни што ги претскажа Бакунин трагично се случија, однесувајќи милиони жртви. Но Европа и светот ништо не научија од тоа.
Зашто еве, пред наши очи во европскиот простор денес незапирливо се создаваат три нови апсолутистички царства – се разбира, со поинакви агенди и малку поинакви имиња. Првата империја, неоколонијалистичката и хипербирократизирана, централизирана Европска Унија, со три и повеќе развојни брзини ги остварува своите последни иронични тактови кон таа цел. Ултрацентрализираната Русија (прво и право име за Руската федерација), за ЕУ крајно непожелна и надвор од дамнешните бакуниновски „Обединети држави на Европа“ каде недвосмислено ѝ беше местото, денес е веќе големо моќно царство за себе. Турција, пак, која очигледно еднаш засекогаш раскрсти со апсурдното европско бирократско царско лудило и безобраштина, исто така станува царство за себе, засега во евидентна, официјално непосведочена алианса со Русија, а којзнае, наскоро можеби и во некоја друга новоотоманска заедница која, со оглед на брзиот и изненадувачки развој на настаните во секоја смисла, воопшто не изгледа како нешто неостварливо.
„Совршениот ред и совршениот неред – тоа се двете најголеми зла“, вели големиот француски поет Пол Валери.
Според логиката на нештата, совршениот државен неред – тоа би требала да биде анархистичката Ев-ропа на Михаил Бакунин. Совршениот ред, пак, – тоа би требала да биде државата на најголемата и најсофистицирана светска бирократија – Европската Унија. Но дали е така?
Треба само да се погледне каде и кому Михаил Бакунин му создавал апсолутен анархистички неред. Па, на најцрната црна апсолутистичка држава во тоа време, на Русија на безмилосниот цар Николај I и на неговите тогашни сосема еднакви апсолутистички европски партнери. Сите тие заеднички смртно го прогонуваа, го апсеа, го ставаа во железни пранги зачукани на ѕид, дури и на крајот од светот, во Сибир, само затоа што енергично и неустрашливо ја пронесуваше идејата на слободата, хуманизмот и заедништвото. На кој апсолутист не би му се треселе коските од сето тоа? Од друга страна, кој хуманист од тоа време не би бил понесен од неговите благородни идеи за едно подобро и посреќно општество? Познато е дека и врз великанот на македонското револуционерно дело Гоце Делчев силно влијаеа идеите на Џузепе Гарибалди, Михаил Бакунин и Огист Бланки. Нашите солунски гемиџии заминуваа во смрт носени на крилјата на анархистичките хуманистички идеи за слободна и среќна Македонија. Зашто, во тоа време на најцрни апсолутизми воопшто и немало никакви други можности за продуктивен отпор кон бескрајното насилие, освен преку организирани и индивидуални, па и анархистички проекти и лични саможртви? Но сите тие идеи беа насочени исклучиво против мрачните, ненародни и неподносливи феудални царства со цел да создадат траен, општочовечки мир, правда и хармонија.
Европската Унија, пак, во услови на мир, далеку од драматичните, пред сѐ социјални антагонизми од феудалниот XIX век, тргна од сосема спротивни позиции од погоре истакнатата идеја на Бакунин, т.е. за неа бирократски совршено уредениот општествен поредок е израз на човечката слобода. И така неколкуте најмоќни европски држави, и притоа некогашни светски колонијални велесили, започнаа да го прават тој „совршен поредок“ според сопствениот софистициран неоколонијалистички терк, и еве, дотуркаа до таму каде што се наоѓаат сега, до внатрешна разнишаност и хаос: Велика Британија си заминува. На работ од тоа е и Холандија, која на последните избори само за влакно ќе добиеше екстремно евроскептична влада со крајна цел да ја напушти ЕУ. Франција, пак, е на прагот тоа наскоро и навистина да го оствари со Марин Ле Пен, која неодамна изјави: “Европската унија ќе умре, бидејќи луѓето не ја сакаат. На арогантните хегемонистички империи им е пишано да загинат“. Истовремено, ксенофобијата се шири на сите страни. Понижувањето на народите и презирот кон националните посебности и потреби, и тоа не само на економски план, туку и на сите други општествени полиња, што сега најболно се гледа и се чувствува во случајот на Македонија, ѝ ја одзедоа на Европската Унија сета онаа волшебност и магија поради која сите на времето се упативме таму со кренати глави.
Идеално организираните бирократи во Европската Унија, до лудило посветени на апсолутниот (читај: апсолутистички) ред, како некакви сатирични аптекари, за сите нешта смислија и најстрого создадоа добро чувани, брендирани рафтови, пегради, мусандри и фиоки. А ако случајно ги нема, секојдневно ги измислуваат за секоја евентуалност. Непрегледната книга досијеа и најразноврсни агенди што без прекин ја испишуваат и ја пополнуваат илјадници дебело платени бирократи, отворајки сѐ нови и нови поглавја, е толку прецизна до најситни детали и дребулии што практично е опфатено сѐ на светот. Сѐ е дефинирано и ништо не смее и не може да се преклопува со нешто друго.
А сепак, погледнете во каква состојбата им е „аптеката“. Секој прави што сака. Грција (перманентно должна како Грција!) не признава ниту едно национално малцинство во својата држава, и со тоа дрско покажува дека не ги почитува законите на ЕУ. А тие закони постојат, и токму затоа на Република Хрватска пред да влезе во Заедницата како последна членка, таму ѝ ги извадија очите не само да ги усогласи своите со европските закони за правата на националните малцинства, туку и најстрого да ги почитува и да ги спроведува. Бугарија исто така не ги признава националните малцинства и така, „по европски“, си тера, а пак од аспектот на финансиската несреденост и справувањето со корупцијата е крајно неприфатлив пример, па сепак е во ЕУ и ништо не ѝ се случува. За Романија да не зборуваме. Хрватска и Словенија водат апсурден и банален спор околу името „Теран“, еден вид локално вино кое всушност со векови се произведувало под тоа име на целиот простор на Истра, се разбира, во тоа време неподелена со државни и политички граници како денес. Имено, брендирањето на производите е еден од хистеричните и хистеризирани модели на внатреевропскиот пазарен натпревар. Покривајќи ги големите долгови на одделни растресени национални економии ЕУ пресипува од шупливо во празно. Нема ама баш никаква идеја во врска со бегалската криза, туку само состаночи, ги навлекува на грешки и маки земјите на Балканската рута, ја измамува Турција со ветувања и договори кон кои ниту се придржува, ниту има намера тоа да го стори. Сета е испресечена со жилет-жици и огради, па сега сосема е доведено во прашање и опстојувањето на шенгенските граници. И притоа оттаму, од Европската Унија, постојано стасуваат само разни закани и високи тонови. Совршено организиран хаос!
Деновиве целата светска јавност сведочеше и на еден ступиден, лицемерен и сосема анахрон карневал и навистина смешен меѓународен циркус, со некакви крајно патетични средновековни алузии на царско- папинските големи завети и алијанси од времето на Пипин Мали, Карло Велики и папите Захарие и Стефан II, како и другите европски цареви и папи пред нив и по нив. Имено, по повод одбележувањето на шеесетгодишнината од втемелувањето на Европската Заедница, лидерите на 27 членки на ЕУ се собраа кај папата Франциск да ја потпишат новата заедничка свечена Декларација за иднината на Унијата, во која едни на другите искрено си ветија дека Унијата „ќе остане неподелена и ќе напредува со различни брзини во ист правец“. Какво чудесно вдахновение бараа кај папата Франциск само Господ знае, бидејќи уште пред да стасаат кај него, тој човек со навистина високи морални критериуми сосема јасно и недвосмислено ги предупреди дека, без нова визија за иднината, на Европската Унија ѝ се заканува одумирање. А таква нова визија за иднината едноставно не постои. Европската Унија е неповратно заглавена во своето бескрајно бирократско, нехумано самољубие до тотално слепило. И тоа е единствената тажна вистина.
Затоа во сите сегашни и натамошни фази, и на сите нивоа на нашите преговори со ЕУ, треба најенергично, беспоговорно и трајно да се отфрлат сите нејзини нецивилизациски и без преседан во меѓународното право барања и очекувања за промена на името на Република Македонија, за редефинирање на нејзиниот уставен поредок и доведување во прашање на нејзината унитарност и државниот и територијален интегритет, и, се разбира, по однос на ступидните и невидени очекувања и посред(ува)ни барања на ЕУ да го смениме нашето историско национално македонско име, и тоа само затоа да влеземе во една нехумано организирана неоколонијалистичка заедница на нерамноправни држави и народи која всушност не знае ниту каде оди, ниту (до) каде ќе стаса.
9 април 2017, Дневник.мк Online
Михаил Бакунин и Евроpската Унија (прв дел)
http://www.dnevnik.mk/?ItemID=1F21FF64CD1A874D96832023081A1CAA
17 април 2017, Дневник.мк Online
Михаил Бакунин и Евроpската Унија (втор дел)
http://www.dnevnik.mk/default.asp?ItemID=E242B1F90ACE084E97FD7A6118B9BDBE