ВО РАСЧЕКОР
Не верувам дека уметноста и политиката кога и да е биле во пријателски односи. Нивната привидна врска во некој таков контекст, всушност, произлегува од нивниот вечен антагонизам, од нивната крајна и трајна спротивставеност, од нивниот постојан заемен предизвик. Антагонизмот е содржан веќе во самата природа на политиката, односно уметноста: додека првата во својата суштина е агресивна, желна и настојчива да го наметне единствено својот модел, сета во грч да се институционализира и да се издигне до власта, што потоа со историски проверени средства ќе го оневозможи секој атак врз себе, втората е питома, отворена кон широкиот опфат на човековата свест и во просторот и во времето, незаинтересирана за материјалната моќ како средство за наметнување на сопствената волја на другите. Уметноста поставува вечно актуелни прашања на кои секој може да одговори според сопственото сфаќање и толкување на животот и на светот; политиката дава секогаш готов одговор на кој е ризично да се поставуваат прашања. Уметноста го умножува светот; политиката го унифицира. И политиката и уметноста бараат жртви, но притоа првата секогаш на овој или оној начин изнудува масовни туѓи жртви, додека жртвите во уметноста се секогаш индивидуални и доброволни. Политиката го загрозува човекот, уметноста го теши. Политиката бара помирливост, а уметноста е непомирлива.
Затоа и политиката се занимава со уметноста и уметноста со политиката, секоја на свој особен начин: првата би сакала да воспостави трајни рамки и прецизно да ги одреди патиштата по кои може и мора да се оди во уметноста; втората, следејќи ги секогаш своите измечтаени врвици, ја осликува политиката во нејзината вистинска светлина. Политиката настојува да освои широки простори, но во тоа ѝ пречат границите што самата ги поставува; уметноста, пак, не познава граници, а нејзиниот простор - тоа е просторот на човечкиот дух.
Не одат тие никогаш рака-под-рака. Нивното одвреме-навреме привидно согласје е само прашање на неопходната толеранција. Политиката, имено, ја трпи уметноста за оваа да ѝ пријде, а уметноста се труди да опстане во одредена политика. Но секогаш доаѓа време кога тие се разидуваат. Зашто, политиката никогаш не била толку народна колку што уметноста, всушност, секогаш била. Во историјата народите постојано мрмореле на политиката, но никогаш не и на уметноста.
Оние химерични амалгами на нив двете историјата одамна ги има поречено. Треба да ѝ веруваме нејзе, па подобро ќе ја сфатиме и секоја актуелна илузија од тој вид. Дотолку повеќе што секоја за себе има посебен однос со времето: политиката е господар на моментот, но веќе во наредниот момент мора да отстапи пред некоја друга политика; уметноста е надвор од времето што нејзе безрезервно ѝ се предава. Колку ли само нови закони и дополнувања на тие закони донесува за кусо време секоја нова власт за да може на животот да му ги даде карактеристиките на сопствениот политички концепт, но тоа всушност само ги потврдува сета ефемерност и камелеонство на политиката. Навистина, сите големи општествени системи во историјата изнаоѓаа безброј нови лица и наличја само за да опстанат пред притисокот на некоја нова политичка свест, пред надоаѓањето на новите општествени уредувања - па сепак конечно бидувале сменети. И уметноста, се разбира, е подложна на тие дијалектички законитости, но неспорен е фактот дека големите, капитални дела на светската уметност, и од најстарите времиња и овие денешни, сосема рамноправно и суверено владеат со човечкиот дух, го градат и го издигаат со изворната сила, учат за убавината и за човечноста, говорат за човекот на дамните времиња како да се создадени да сведочат за човекот денешен и секогашен. Постојаноста на уметничкото дело не ја поречува дијалектиката, ами, спротивно, ја потврдува на најоригинален начин: со својата неслутена и трајна загадочна слоевитост што допрва вековите и вековите ја дешифрираат. Промените во севкупноста на човечкиот дух најдобро се огледуваат во различните толкувања на древните дела, зашто всушност, ја толкуваат Идејата на која вековите ѝ приоѓаат од најразлични агли. Но едно е сосема сигурно: големото уметничко дело секогаш одново нѐ побудува, нѐ инспирира, влијае со негибната сила што секогаш одново ја довикуваме, на којашто ѝ се восхитуваме и врз којашто секогаш одново градиме. Во таа смисла, помеѓу древните мајстори на уметноста и оние ретки денешни како да не постои никаков временски јаз. Можеби денешната политика и би успеала да ги скара, но и Химер, и Сервантес, и Достоевски и Маркез, веројатно, барем што се однесува до уметноста, мошне лесно би пронашле заеднички јазик. А во што, од друга страна, се огледува континуитетот на политиката? Во вечното настојување да ги среди нештата што сама ги заплеткала и искомплицирала. Во таа смисла уметноста на политиката секогаш ѝ ги отворала очите, но најслеп е оној што е слеп при очи, и најопасен оној што со затворени очи мавта со сечило. Така постапува политиката.
Па, како тогаш да го разбереме фактот дека многумина творци ангажирано се занимавале со политика и многумина политичари со уметноста. Причините на тој повеќе загрижувачки одошто вчудовидувачки феномен секако се од психолошка природа. Сензибилните уметници, имено, како неиздржливо да ги привлекува парадниот шарм на политичките водачи, божемната машкост на власта, и дури оружјето; занимавајќи се со уметноста, пак, политичарите како да сакаат да го покажат своето скриено хуманистичко лице. Но да погледнеме што останува од уметноста на политичарите и од политиката на уметниците: само матен сплет на нејасни појмови за едната и за другата. Да, тоа навистина нѐ враќа на почетокот, кон оној таканаречен уметнички концепт што некое општество официјално или неофицијално го прогласува за вреден, кон оние (и денес така често спомнувани) барања на историскиот момент, итн., но и тука времето одамна го сторило своето, па знаеме дека „значајните уметнички дела“ на некогашните дневно актуелно политичари биле бргу заборавени по истекот на нивната политичка употребливост, додека многумина творци - а некои, за жал, дури и пред наши очи - се слизнаа во темната бездна на политиката, зашто во неа го побараа она вистинољубие што на уметноста едноставно ѝ е иманентно. Ако зад нив и остане нешто, тоа сепак ќе биде само - уметноста.
ВО РАСЧЕКОР
Есејот за првпат е објавен под наслов „У раскораку“ во белградското литературно гласило „Књижевне новине“ (10 февруари 1983, бр. 664, година XXXIV), а потоа под насловот „Divario” во превод на Елис Барбалиќ-Џеромела (Elis Barbalich-Geromella) е објавен во италијанското списание „La battana” (Риека, февруари-март 2000, бр. 135, стр. 79-81). Под насловот „Во расчекор“ е печатен на македонски јазик во списанието „Стремеж“ („Елзевири“, Стремеж, Прилеп, 2001, бр. 9-10, стр. 99-102), а во превод на Инес Цергол Бавчар и Милан Бавчар на словенечки јазик е објавен под насловот „Umetnost in politika v razkoraku” во списанието „Pretoki” (Горица, Словенија, 1994, бр. 2, стр. 55-57)