6 maj 2017

 

КРИМИКРАТИЈА И ДЕМОКРАТУРА

Триумф на политичкиот примитивизам

 

Секој морал има свои пет минути. Така и неморалниот политички дилетант Зоран Заев и неговата предавничка партиска и коалициска големоалбанска клика мангупски се дограбија до својата бедна петминутна слава на владетели. Тоа штиро дрвце неоти ќе роди нешто, како што вели македонската народна поговорка, бидејќи не беше кадарно само, по природен пат, од домашна плодна семка да никне, ниту пак да пушти здрав корен и да израсне од срцевината на македонскиот народ и од неговиот богат национален хуманистички дух, туку со мачни тегавења, буткања, натегања и туркања со сите сили и севозможни притисоци и гнетења од страна на безмилосни странски замешатели што веќе со години политички ни ја копачат и ни ја преоруваат Македонија и како пијани милијардери со жолти жолтици го купуваат поткупливиот дел од македонскиот политички и медиумски простор, едвај успеа да вирне од црното приземје и подземје, опасно морално заѓубрувано и заѓубрено, загадувано и загадено до непрепознатливост од истите тие што ни го отруја народот до самоомраза и до самоистребување.

Така, како некогашните мрачни латиноамерикански хунти, државата ни ја запоседнаа криминалци и корумпирани луѓе со сомнително минато и матна сегашност. Иако тоа институционално лудило и сите ние самите со сопствени очи го гледаме сред бел ден, нема зошто исцело и без задршка да не му веруваме и на добро информираниот инсајдер Зеќирија Ибрахими од Движењето Беса кој во македонскиот парламент официјално изјави, а и пошироко образложи, дека владата на Зоран Заев е полна со корупција и криминал. А ние веднаш додаваме: првиот и најистакнат меѓу нив е Зоран Заев, кој, притоа, како премиер на само половина народ, ете, има уште и таков сериозен политички дефект да биде само полупремиер. Сите го помниме, нели, неговиот незаборавен уметнички лик на бесрамен и невоспитан криминалец и изнудувач од долгиот мачен документарен филм на струмички дијалект, ремек-дело на седмата уметност од македонскиот црн бран под оскаровски наслов „Зоран Заев бара поткуп”. Ги молам оние македонски граѓани што сеуште не го гледале, а и другите заинтересирани, веднаш да си го побараат на интернет ( https://www.youtube.com/watch?v=5ptCYSaLFRI ) каде што тој генијален филм континуирано со успех се прикажува и досега го имаат видено 205.511 гледачи, а таа бројка секој момент незапирливо се зголемува. Уживањето ви е сосема бесплатно и е многу поучно. Па, зошто таа криминална хорор приказна со Зоран Заев како главен лик, сегашен премиер на полојна народ, некој да ви ја прераскажува?

Веднаш до него ете ти го и конвертитот со уметничка брада Талат Џафери (прво ЈНА, па ОНА, а сега којзнае што), прославен со криминалното учество во државниот удар од 27 април, по што без срам и перде незаконски и комплексашки си заседна на претседателското столче во македонското Собрание, веднаш пучистички воведувајќи во пракса низа незаконски и противуставни постапки и протоколи, од топорењето на албанското знаме во официјалниот кабинет на собранискиот спикер што тој дрско го узурпира, до обраќањето на албански јазик од местото на претседател на македонскиот законодавен дом.

Затоа е сосема разбирливо што херојската галерија карикатури и креатури што едноумно, во цврст, никогаш нераскинлив меѓуетнички блок си се наредија во македонското собрание и во македонската влада зад овие двајца корифеи и високодостојници на современата македонско-албанска кримикратија, веднаш доби и одглас во познатата македонска народна песна „Шарен-паша”, која оди вака:

 

Ајде ред се редат, мале, црните пучисти,

компартијци, мале, с големоалбанци.

На чело им седит, мале, Зијадине Села,

до него ми седит, мале, Талат Џафер бегот,

а до него, мила мале, Зоран паша Заев.

Кафе пијат, молчат молкум, јадат шеќер локум.

Проговарат црни Заев: „Нема, бре, платформа,

Хуриет ви давам, браќа, с мојава програма”.

Одговарат Села јунак: „Не лудувај, Зоран паша!

Ферман дојде од Тирана, тирански тефтери,

ти ни даде љута беса - Хуриет за златна кеса!”

 

Збор збореа за барјакот в одајата на спикерот.

Тивко шептит Шарен-паша: „Ако згрешил Џафер бегот,

ќе си тргне црвен барјак со орелот со две глави”.

Се намурти Џафер бегот: „Заев паша, шарен-паша,

од Муртино сарај-село с високи чардаци,

дилми бевме црни браќа при државен удар,

ме прегрна, прв ме гушна, од синија не те делам.

Како сега така збориш: Ако згрешил Џафер бегот?

Добро да си чуваш, Заев, овој орел сос две глави!

Едната е моја, другата е твоја! Слушај што ти велам.”

 

Инаку, почитувани читатели, за оние на кои случајно не им е позната таа информација, веднаш да речеме дека големоалбанскиот качак Зијадин Села што се појавува опеан во уводниот дел од цитираната епска песна, од пијаните големоалбанци нарекуван и „нов Хасан Приштина” и хистерично поздравуван со масовно пукање во воздух (што е сосема во духот на значајната реформска најава на премиерот на „полојна народ“ Зоран Заев дека „ќе се пука!”), е многу познат и јавно докажан хиперактивен шовинист и мрзител на македонскиот народ, на кој му е мрско сѐ што е македонско: и македонскиот идентитет, и името Македонец, и македонското знаме, и македонскиот грб, и македонската химна, ама баш сѐ, освен, се разбира - како и на сите непоколебливи тираноплатформисти - македонската пратеничка фотелја и пратеничката плата во денари, печатени на македонски јазик.

Бидејќи премиерот на „полојна народ„ Зоран Заев, како што видовме, е голем љубител на македонската скриена кинематографија, ќе продолжам уште малку со седмата уметност.

За таквите како него и неговата најблиска предавничка и големоалбанска братија, кои со политичко насилство и уништувачки шарени и други дејанија привремено се искачија на власт, уверени дека од никој и ништо наеднаш станале некој и нешто, големиот италијански режисер Бернардо Бертолучи веќе одамна го сними својот прочуен филм „Дваесетти век”, кој го опишува подемот на фашизмот во Италија кога, под маска на социјална авангарда, уличниот џган, насилници, комплексаши, мрсулковци и луѓе неуспешни на секој можен начин поради некои сложени историски и општествено-политички околности преку ноќ успеваат да се издигнат во средината и да се наметнат како моќни фактори во јавниот и во секојдневниот живот на обичните нормални луѓе. Насекаде царува само нивниот, сега ослободен бес, изживување и одмазда. Но, нивниот крај е беден. Бертолучи ја даде универзалната слика на подемот и падот на таа општествена мизерија, со врвно одиграната ролја на Доналд Сатерленд. Но во случајот на Сатерленд тоа сепак беше само една уметничка ролја, за разлика од галеријата најшарени ликови и калапи од нашата кримикратија кои се апсолутно реални и застрашувачки слични со оние од славниот филм на Бертолучи.

И еве уште малку филм. Како да не се случило ништо, како да се штотуку излезени од најпрестижни светски универзитети и успешно се искачуваат по скалилата на својата јавна и политичка кариера, а не како да се тоа што се - лица кои што уриваа и уништуваа сѐ околу себе додека беа во опозиција, други, пак, со крваво оружје в рака однатре насилно атакува врз Република Македонија и го поткопуваа и го уриваа македонскиот државен поредок, а потоа сите заедно учествуваа во најгнасните валканици на меѓународната заедница против Македонија и македонскиот народ, сервилно, сесрдно, бедно предавнички трчајќи како продадени душички од амбасада до амбасада по ништителски, антидржавни и антинационални инструкции и совети и, најпосле, учествуваа во мрачниот, сквернителен државен удар во срцето на македонската државност, во Собранието на Република Македонија - тие што цело време одеа по работ на политичкиот и иниот криминал, а најчесто и сосема од другата страна на законот, сега сакаат ние наеднаш да ги доживееме како уважени граѓани, како господа во фракови и цилиндри, и со пеперутка-машни, само затоа што седнале во државните фотелји, пуштиле уметничка брада, или летале со аероплан во Брисел. Тоа ништо не значи. Не си вообразувајте дека некого сте импресионирале.

За таквите, ете, и Френсис Форд Копола има снимено филм под наслов „Кум”. Сигурно сте ги гледале сите три продолженија. Но неговите ликови, свесни за својата длабока потонатост во криминал и подмолност, настојуваат лека-полека, но дури во третото генерациско колено, да излезат од сенката на својот валкан финансиски и јавен, граѓански подем. И сепак не успеваат! Засекогаш остануваат во маѓепсаниот круг на своите безбројни мафијашки гадотии и злодела. А господата од нашиот актуелен владетелски политички филм би сакале некако веднаш, веќе денес, како ништо да не се случило вчера, да ги доживееме како наши најблагородни јавни претставници со кои сите се гордееме, во татковината и во светот! Па ние умираме од срам што ве имаме такви, а пред очите живо ни се вртат сите ваши довчерашни и сегашни предавнички гадости што ги направивте и што ги правите и натаму со цел да ја уништите нашата прекрасна земја Македонија, да ѝ го одземете славното име, достоинственото минато и иднината, и да му ги одземете името и душата на македонскиот народ. И токму за таквите расипани како вас Френсис Форд Копола го сними својот филм со универзална порака што, еве, стаса и до пред вашите врати. Но вие сеуште сте во првото продолжение на филмот, кога ги правите најподземните и највалкани работи, иако, како и кај Копола, ниту во треттиот дел од филмот никако не би можеле да станете господа, затоа што едноставно не сте тоа, туку она сосема спротивното.

На ова место на нашата црна фарса низ мислите наеднаш ми прелета и онаа историски важна порака на демократорот Заев, искажана само неколку минутки пред да стане премиер на „полојна народ“, кога авторитетно, дури авторитарно, а секако демократурно им порача на оние што ќе бидат на високите, како и на оние на пониските, па дури и на оние на најниските функции: „Да ми водите грижа за граѓаните, оти ќе има оставки и разрешувања”. И така, со еден мал граматички детал, со една банална заменка „ми”, Заев како некаков си царски баќушка, уште непрогласен за премиер на „полојна народ“, си ги присвои македонските граѓани.

Е, во тој момент во пленарната сала на парламентот наеднаш се слушна стравотно тропање, клопотење, чкрипотење и тресење на коските на сите потенцијални високи функционери, функционерчиња, и функционерченца заради таа голема и застрашувачка закана од страна на малото македонско предавниче Заев, кое само пет минути подоцна, пред црната полноќ на Македонија, ќе стане премиер на „полојна народ“. А особено страшно се исплашија неговите големоалбански партнери, од една страна затоа што си спомнија колку беше ептен тешко да се преговара со него за Тиранската платформа која тој едвај ја прифати за една минутка, а и затоа што некои од нив или читале од книгите во кои за тоа пишува, или пак некои меѓу нив, како, да речеме, бившиот офицер на ЈНА Талат Џафери, дури ги имаат и во живо сеќавање историските зборови на Слободан Милошевиќ кога пред триесет години во Косово Поле на илјадници Срби кои викаа „бију нас!” им порача: „Нико не сме да вас бије!” (иманентното продолжение на таа реченица беше: Ја сам ту да вас браним! - А општопознато е како ги одбрани).

Затоа би било подобро Заев да не ја користи онаа присвојна заменка и да не нѐ брани од себе и од своите продадени и големоалбански министри, иако сега знаеме дека барем полојната македонски граѓани некое време ќе можат да си живеат безгрижно, во мир, зашто се под директна партиска и партнерска закрила на шарениот државник Зоран Заев кој, видовме, на сите страни се заканува со страв и трепет. Другата половина народ нека му мисли. Веќе се виде дека треба да му мислат дури и зградите, и спомениците и оградите што ќе се уриваат. Нека му мислат и писателите и стотиците книги, новинарите и весниците печатени во последните десетина години, надвор од досегливото креативно време на демократорот Заев! И притоа особено се изложени на погубна опасност старите весници по градските библиотеки, по таваните, по контејнерите и секаде каде што ги има, зашто според примерот на товариш Сталин, се очекува премиерот на „полојна народ“ Заев наскоро да формира и стручно тело (таен проект „Ножици”) за сечење на сите непожелни написи и фотографии на омразените луѓе во досега објавените годишта. Гнилата конзервативна национална историја на Македонија мора итно да се уништи и да се тргне од пред очите на новите шарени граѓански поколенија без идентитет. Тој прочуен сталинистички метод за бришење на неподобната историја истакнатиот српски есеист Јовица Аќин го нарече Фотоморгана.

Е, под оваа и вака склепана власт на полојна народ, власт однапред евтино продадена на меѓународните центри на моќ и на големоалбанските планери, Македонија може да стане само таква Фотоморгана: исечена од историјата и од стварноста.

Многу нѐ избламираа, нѐ понижија и натаму нѐ понижуваат тие уличарски неранимајковци. Но, сакан мој народе, крени ја главата. И ова зло ќе помине. Што и да се обидат да ни направат, па дури и да успеат да направат уште поголем зијан од овој што досега го направија - ќе најдеме сили тоа да го поправиме. И особено доколуку и онаа таговна „полојна народ“ што сѐ уште слепо му верува на Заев итно се свести и сфати колку е прекрасно чувството кога, по понижувањето, стануваш од коленици.

 

06 мај 2017, Дневник Online

Кримикратија и демократура

 

Македонски збор, Детроит, 07.05.2017

http://www.bukovo36.com/435276682