8 јуни 2019

 

ВАДЕЊЕ НА КАМЕНОТ НА ЛУДОСТА

Писмо од Хиеронимус Бош до Алдо Климан

 

Драг мој и почитуван пријателе,

морав да ти се јавам и најискрено да ти се извинам што при неодамнешниот наш (прислушкуван) разговор едноставно не ми се веруваше колкаво политичко лудило сеуште владее таму долу во Македонија. Мислев дека претеруваш сѐ додека во европските медиуми не видов дека тамошната актуелна власт на македонските гранични премини поставува големи државни табли со пеколниот натпис: „Во оваа земја откажи се од надежта“.

Сега многу појасно гледам што се случува таму, но, од друга страна, исто така многу добро знам и што се случува овде – во Европа, па сакам од сѐ срце да ве охрабрам, и тебе лично, но и благородниот пријателски македонски народ, и да ви порачам дека мрачниот меѓународен велепредавнички проект „Заевштина“ е на издишување. Можат колку што сакаат наоколу низ европските кафкијански лавиринти на разни ситнобитократски врати да тропаат и да цимолат бедните циркузанти со црни очила Димитров и Османи, забревтани и испотени со некакви велепредавнички „куфери полни со аргументи“ – но знајте, мили мои, нема ништо од тоа. Овде никој не ги е... ни за сува слива. А пак онаа заевски „уметнички“ засладена „блескотна балканска слика“ за божемна „модерна“ држава, „држава лидер и фактор на стабилноста на Балканот“, во која и од која течат мед и млеко, со сите успешно спроведени деформи, никако и никому нема да можат да му ја продадат на моментално стопираната евро-пристапна аукција, која, еднаш кога тоа повторно ќе дојде на дневен ред, ќе се одвива во новиот, многу поизострен и позаострен бриселски политички "Sotebi's", со далеку поконкретни критериуми од бејлиевско-заевскиот квислиншки критериум на безочно велепредавство и понижување на сопствениот народ и на сопствената држава.

Имено, со штотуку завршените избори кај европските 28-темина „страшен камен е фрлен во мочуриштето на европарламентарните жаби“, да го парафразирам историчарот Албер Матие, и сега едноставно настапува една нова, „Трета Европа“, а ишчезнува онаа гнила унитаристичко-глобалистичка Европа што, заедно со САД и НАТО така подмолно ви ја инсталира таа црна велепредавничка и големоалбанска банда, тој морален џган и кримоген општествен херпес.

Тоа дека каменот на лудоста им е длабоко заринкан во мозоците воопшто не е тешко да се заклучи, само ако се погледнат нивните очајнички, мизерни пекања и изјави во врска со „денот на отпочнувањето на преговорите со ЕУ“, како и бедните квази-дипломатски лигавења дури и пред оладените европски политички мртовци од типот на Јоханес Хан, кој - човек да не поверува, а Господ да чува! - дури и првенци од македонската опозиција сѐ уште си го титраат и му одат на исповед и „молитва“, како некој вид „лобирање за ЕУ“.

Еве какви сѐ панични крикови ечат од владините кругови;

Заев: „На потег е Европа да испорача одлуки! Датум летово!

Димитров: „Ја ставаме ЕУ на тест!“

Пендаровски: „Ни треба фер шанса!“

Шекеринска: „Ја испорачавме државата, не заради ЕУ, туку заради нашите граѓани!“

Нелегалниот спикер на Собранието Џафери: „Очекуваме Извештајот да биде надополнет со датум за преговори!“

И ечи, ечи, ечат крикови..:

„Европа мора да покаже дека си стои на зборот“; „Европа мора да докаже дека ги почитува европските вредности“; „Европа не смее да нѐ излаже!“; „Ако Европа не го исполни ветеното сите европски процеси ќе се доведат во прашање!“

А еве каква е всушност европската стварност кон која летаат тие залудни лудачки крикови:

Хан се збогува со ЕУ, Могерини се збогува со ЕУ, си заминува Жан-Клод Јункер. Коѕиас падна, Ципрас Падна, Курц падна, а и бергзитерката Тереза Меј падна и си замина со солзи во очите. Меркел, со целосно разнишана позиција по изборите и со уште поразнишаната голема коалиција со СПД по оставката на Андреа Налес, сосема јасно каже „НЕ за брз датум“. Ставот и позицијата на Макрон, пак, кој исто така претрпе значителен пораз на изборите, а сериозно е разнишан и поради внатрешните општествено-економски напнатости во Франција, по однос на проширувањето на ЕУ е одамна познат и повеќе пати повторен: „Прво средување на состојбите (читај: хаосот) во ЕУ, па потоа проширување“; тоа неодамна го повтори и еден висок дипломат од Елисејската палата, изјавувајќи: „Секогаш сме биле јасни дека избрзување во проширувањето е ризично, зашто за тоа треба многу време; всушност, секогаш станувало збор само за тоа дека продлабочувањето на ЕУ е на прво место“. Сликата во ЕУ радикално се промени и со јакнењето на позицијата на суверенистичките партии на Салвини, Марин Ле Пен и Орбан. А дека Холандија е апсолутно против проширувањето во оваа фаза на сосема несредени состојби во ЕУ е едноставно општопознато.

Па затоа се прашувам кому воопшто му се обраќаат сиве овие заевски и други политички лудаци, мислејќи дека тоа со датумот за преговорите е битпазарско уверување и наддавање за арпаџик, и тоа со евтини моралки и „страшни“ закани дека Европа ќе се изневерила себеси? Па тоа е крик упатен кон најобични политички сеништа, како со оние што веќе воопшто ги нема, и што и натаму ќе ги нема, или пак веќе нема ништо да значат во политичкиот живот на ЕУ, така и со оние што сеуште ги има, но сега имаат со бубаќ затнати уши, затоа што работата со Македонија за нив за долго време е свршена, а од заевските „балкански методи“ и плитки муртински уценувања им се тресат коските; па, тие европски „балкански методи“ се измислени само за еднократна употреба во Македонија, така што ЕУ, таква каква што е во моментов, всушност би се изневерила себеси кога неочекувано би „паднала“ на примитивниот велепредавнички „шарм“ на Зоран Заев и на неговата матна и недоветна, мангупска братија.

Но, драг мој и почитуван пријателе, има и една алтернативна медицинска техника, која таму долу кај вас во Македонија, во која, како што видовме сеуште е сосема можна примена и на стари европски, инвазивни, "балкански методи", би можела сосема добро да се покаже во решавањето на овој проблем. Таа техника се вика "Вадење на каменот на лудоста", и бидејќи ние во Европа со тоа имаме вековно искуство, би можеле да ви помогнеме да им се извади каменот на лудоста на вашите сосема збудалени и зашеметени политичари, па македонскиот народ и Република Македонија пак да си заживеат нормално и убаво како некогаш.

Затоа, еве, ти го испраќам и ова сликовно упатство за целосната постапката при вадењето на каменот на лудоста што го насликав уште пред неколку стотини години, и кое со лудаците од типот на овие вашиве безумници се покажа многу лековито и навистина полезно. Упатството може да се најде и во секоја монографија за моето сликарство, а го има и на интернет, се разбира, ако господин Берија Спасовски веќе не го забранил и тоа.

Да си ми жив и здрав, и срдечен поздрав до македонскиот народ и до сите граѓани на Република Македонија.

Твојот Хиеронимус Бош

 

Република, 8 јуни 2019

Вадење на каменот на лудоста

https://republika.mk/kolumni/vadenje-na-kamenot-na-ludosta/