26 марt 2017

 

БИРОКРАТЧИЊА МИСЛАТ ДЕКА СЕ ФАРАОНИ

Царска забава за европската и светска политичка елита

 

Ги пишувам овие редови за најшироката читателска публика, па за оние на кои зборот „фуснота“ не им е познат ќе кажам тоа е она мало појаснување што се печати со ситни букви на дното од страниците на некоја книга или списание.

Фуснотите се многу потребни зашто, како што ќе видите, доколку случајно не биле измислени за многумина безначајни луѓе како Федерика Могерини, Јоханес Хан, Џес Бејли, Самуел Жбогар, Питер Ван Хојт, Кристијан Тимоние и куп други бесмислени европратеници и амбасадори што збеснаа и препотентно ни ја гнетат Македонија никогаш во иднината, па ниту во најскорешната, ништо не би се знаело, а и нема да се знае. Тие ситни бирократчиња си вообразуваат дека се фараони, а само се најбезначајни извршители со црни торби на терен на еден стравотно валкан грабеж од страна на неолибералните политичко-банкарско-воени центри на моќ на кој денес му сведочиме, и директно на своја кожа го чувствуваме. И колку што повеќе ги третираме толку се побезочни и подрски!

Само јасно да кажам: треба да се знае дека до тие свои „работни места“ тие бирократчиња не стасаа со наследство од своето старо благородничко семејство, ниту пак затоа што се некакви нобеловци и мудреци. Дојдоа од никаде и од ништо, а таму и ќе си заминат. Тие се најобичен нуспроизвод на одлично организираната најбирократска контрареволуција во историјата на човештвото, засводена со една измислена бирократска државна творба што се вика Европска Унија. И ги има ужасно многу, како африканските марабунту мравки (знаете, оние најалчни сеждери!), растрчани на сите страни, добро исхранети и бескрајно агресивни, па само Господ може од нив да нѐ спаси... Или ние самите ако ни дојде умот.

Замислете! На насловните страници на сите македонски медиуми пишува: Хан доаѓа во Македонија! Па што ни е гајле?! Кој е тој? Еден од оние безбројни и безбојни кариеристи што случајно се нашле во таа божемна важна приказна, и тоа на оној најбанален начин, само на малку повисоко ниво: преку избори за европскиот парламент, а потоа него и таквите никој веќе оттаму не може да ги тргне ниту да ги испади, зашто тој бриселски бирократски пандемониум без прекин како најцрн општествен карцином само продуцира нови и нови работни тела, миротворци, комисии, одбори за разни теми и прашања, агенди за разни земји што треба да се гнетат и да се суредат како Македонија, и за сите нив таму има дебело платено место за уживанција, а ние на својот грб тоа треба не само мачно и понижувачки да го трпиме и да го тегнеме, туку и да им ги заработиме синекурите. Кафка!

Е, тој политичко-банкарско-воен џган јас го нарекувам луѓе-фусноти.

Дозволете ми врз еден најочигледен пример да ви покажам колку се навистина ништожни и безначајни, а ние (им) ги титраме како на кралеви и кралици.

Во таа смисла е многу поучен случајот на големиот руски писател Фјодор Михаилович Достоевски. Заменети се само местото и времето на настаните. Сето друго е сосема исто.

Ако земете во раце која и да е посериозна биографија на славниот писател, во поглавјето за Петрашевците сосема сигурно ќе наидете на една едвај забележлива „фуснотичка“ со имињата на грофот Орлов и генералот Набоков. Но, кои воопшто биле тие двајца? Па, биле мошне видени личности во блазираната камарила на царот Николај I. Грофот Орлов бил началник на Фонтанка, поточно на „Треттото одделение на канцеларијата на неговото височество“, а генералот Набоков командант на Петропавловската тврдина. Можете да ги замислите колку само се перчеле на царскиот двор, по баловите и во своите административни бастиони. Беа страв и трепет за Русија. Обичните смртници во Петроград, Москва, во Сибир и низ целата трагична Русија за нив зборуваа со шепот и само подалеку од несигурни уши. Со еден збор беа главни, како денес за Македонија, Бог да чува(!), Могерини, Хан, Бејли, Жбогар, Ван Хојт, Тимоние... и другите.

 

Јоханес Хан, безобѕирен, ладнокрвен и бескрупулозен евро-извршител на невиденото меѓународно насилство и злосторство над македонскиот политички систем, над македонската уставност, над независноста на Република Македонија и над македонскиот народ. Тој е непожелно лице во Република Македонија, и секоја пост-заевска власт мора тоа да го има на умот.

А сепак, да го немаше она мало, безначајно, за нив сосема бедно човечко црвче по име Достоевски, кого можеа кога ќе им текнеше да го смачкаат со петица, да, да го немало Фјодор Михаилович Достоевски тие би останале сосема заборавени како и безброј, безброј други слични кои исто така се перчеа по руските и европските балови и салони, безгрижно и синекурантски учествуваа во интригите на дворот и, без сомнение, одвреме-навреме ќе згазнеа и по некое бедно човечко црвче како нашиот писател. Во аферата околу Петрашевски кој околу своите револуционерни идеи ја собра тогашната интелектуална и творечка елита на Русија, грофот Орлов и генералот Набоков се прославија со тоа што го уапсија Достоевски и го осудија на смрт со стрелање, а потоа, кога тој некако ја преживеа таа, всушност инсценирана, царска забава, го испратија во десетгодишно тешко прогонство во Сибир. Но, ете, ако не му го направија тоа на Достоевски, ниту грофот Орлов, ниту генералот Набоков ќе ги имаше во онаа спомната фуснотичка, најмала можна, и никој за нив не би слушнал, ниту со нив би се занимавал.

Со такви појави е преполна историјата на човештвото и на современата стварност. Природата на историјата е таква да ги помни и царевите, и кралевите, и крволочните диктатори, и препотентните политички домнашни и странски подлизурковци и кариеристи, но сепак, многу дворјани и тогашни државни апаратчици, и покрај сѐ, останаа дури и без своите најбанални фусноти. Некои затоа што го немаа својот личен Достоевски да го испратат на губилиште или во Сибир, а некои пак затоа што едноставно не заслужија ни „ф“ од фуснота.

И ете, на сосема ист начин и денес ја гледаме таа невкусна царска фарса, само што, како што тоа се прави во сите театри а високата политика е театар, и тоа тетар на најниски страсти и на најлоша глума сега се заменети оние царски руски кулиси со овие современи, империјални политичко-банкарско-воени европски и американски, а наместо грофот Орлов и генералот Набоков, како паунки и пауни се перчат некои други луѓе-фусноти: Федерика Могерини, Јоханес Хан, Џес Бејли, Самуел Жбогар, Питер Ван Хојт, Кристијан Тимоние и други гзоглавци. Сосема распаметени и изгубени во сопствената бескрајна автолатрија, нарцисоидност и препотенција, мавтаат со показалецот и ни држат предавања за демократијата и за неприфатливото однесување на политичките елити, попрецизно, на една македонска политичка елита, зашто другите актуелно коалициски елити според нив се супер кооперативни! А на сите нам ни е многу добро познато дека тие европски тепајмајковци не се спуштија на бели крилја од облаците како ангели спасители, туку како луѓе-фусноти и неканети гости се довлечкаа и се вовлекоа во нашиот роден дом од само малку повисокиот бирократски кат на кој гнијат душите на европските и светски политички елити, и смислуваат како да се направат многу умни и, да речеме, да му држат предавање на еден суверен, на еден претседател на држава, на претседателот на Република Македонија, како и тоа како да ги гнетат македонскиот народ и Македонија, за чија историја и за чија душа знаат исто толку колку што нам ни се познати нивните семејни забари.

Заради таквите ништители на сѐ што е умно и хумано Томас Мор ја напиша „Утопија“. Аналфабети низаедни од тоа не научивте ништо! Заради таквите уривачи на сѐ што е цивилизирано, благородно и мудро Еразмо ја напиша својата „Пофалба на лудоста“. Аналфабети, па аналфабети! Заради таквите неистребливи општествени гадинки големиот Волтер ги напиша својот „Филозофски речник“ и „Кандид“, за да ги наслика, да ја осветли длабочината на нивната морална мизерија, и да ги разголи до кожа такви какви што беа тогаш и какви што се, еве гледаме, и денес празни и бездушни, со стаклени безживотни очи и мразни бирократски души. 

Разбуричканото море на современата историја и на силните општествени пресврти што се случија на размеѓето на двата милениума ги исфрли на европскиот брег тие луѓе-фусноти како нужно зло, како отпадоци од распаднатиот европски морал и хуманизам што брановите ги дотуркале од сите страни на едно место, во Брисел. Би можеле барем малку да се свртат околу себе и да видат колку нови луѓе-фусноти како нив секојдневно, како печурки, се продуцираат и се појавуваат од избори до избори, или на некој друг бирократско-кариеристички проверен начин, и тоа на сите нивоа, па така сѐ поперфидната и полажна европската демократија страда од стравотна инфлација на луѓе-фусноти. Проблемот е навистина комплициран, зашто на тој европски политички бал под маски со тие луѓе-фусноти врие од глупост и препотенција, од лудило на секојдневно измислување и усвојување илјадници ступидни закони што треба да им ги наметнат на малите народи за да можат полесно да ги ограбуваат. Старите мудри Римјани рекоа: многу закони лоша држава.

Но, треба да се рече дека тие луѓе-фусноти ги има насекаде, и не само на ниво на Европската Унија, туку и на пониските, национални нивоа. Погледнете ги само нашите македонски луѓе-фусноти што бесрамно ни ја предаваат и продаваат Македонија на некои други луѓе-фусноти. Сите тие како вонземјани живеат во својот паралелен свет, а со нашиот свет имаат само „материјална“ врска. Се разбира, тие домашни ситни трговци на големо, бидејќи тргуваат со татковината и со судбината на нашиот народ, се само недоработени политички полупроизводи, всушност клонирани луѓе-фусноти што како програмирани роботи работат за оние оригиналните европски и европарламентарни луѓе-фусноти.

А бре, луѓе, да бегаме од тоа лудило! Да се откачиме од тој пијан европски воз што ита кон никаде, кон пропаст, а и ние кутрите со него!

Еве, погледнете, и унгарскиот премиер Виктор Орбан штотуку повика на бунт против „безбожниот сојуз на бриселските бирократи, светски либерални медиуми и незаситни меѓународни капиталисти“. И тоа воопшто не е случајно, затоа што тоа е вистина. Велика Британија си заминuвa. А наскоро ќе чуеме уште многу такви панични повици како тој на Орбан, бидејќи народните во Европа почнаа да се будат од оваа евроатланска омаеност и ужас. А ние?

Но од бриселското морално мочуриште од кое допира силна мор(т)ална реа сето тоа со индигнација од високо го наречуваат популизам. Баш чудно! Зашто за нив, кога тоа на нивните големи ступидни сметки-сплетки им одговара, воопшто не е популизам, да речеме, новокомпонираната хипермитолошка глупост за Македонија како некаква Илирида, што најагресивно urbi et orbi се обзнанува од парламентот на Албанија, како најголема научна вистина! Притоа и со хистеричен повик на војна! И сето тоа истовремено врз фонот на една подеднакво бесмислена и подмолна освојувачка големоалбанска платформа, од неколкумина бескрупулозни луѓе-фусноти потпишана во главниот град на Албанија, во Тирана, во кабинетот на големоалбанскиот премиер Еди Рама и со поддршка на големоалбанскиот косовски премиер Хашим Тачи. А на Европа тој и таков хипермитолошки(!) популизам воопшто не ѝ пречи. Токму спротивно, настојуваат својата и големоалбанската фикс-идеја на сметка на Македонија на сила и на брзинка да ја истуркаат до крај, сега и веднаш, по секоја цена и спротивно на сите демократски принципи и цивилизациски стандарди, длабоко уверени дека во тоа и ќе успеат, се разбира, потпирајќи се и врз неизлечливото предавничко бунило на безумниот од Муртино и слепилото на неколкуте негови еднакви предавнички луѓе-фусноти.

Гледате, за овој куп спомнати и уште многу неспомнати европарламентарни и домашни ступидни луѓе-фусноти би ни требала цела една книга. Но, запомнете, многу битно е да не им придаваме голема важност. За нас тие се само банални гнасни меѓународни и домашни политички тавтабити. А кој може да ги сака нив, освен домашните предавнички будали што како што бива со тавтабитите страшно ги чеша да ни ја растурат државата?

Треба еднаш за секогаш да ги деинсектизираме од Македонија. А тоа воопшто не е така тешко, само ако си ги присобереме главите заедно, и излеземе на нови парламентарни избори, со многу нови, независни лица!

 

26 март 2017, Дневник.мк Online

Бирократчиња мислат дека се фараони

http://www.dnevnik.mk/?ItemID=B394BF3DE6CFDB48B0FA175EB69A993B