КАРПАТИ
Најпосле, рано в зори стасавме до Мрачните села во подножјето на Карпатите. Тоа беше необично сликовит и простран предел со многубројни и, чиниш, на времето мошне богати селски населби и големи самостојни имоти, но општата беда ги погоди и нив, а новиот бесчувствителен режим им ја исклучил електричната струја и едноставно ги именувал Мрачни села, поради трајната непроѕирна темнина што сосема загосподари над нив и над целиот тој крај. И тоа не беше само хир на властите или некаква привремена санкција на теренот, блокада на услугите или закана со судски тужби додека под присила не се наплати целиот создаден долг; тој тотален мрак на црна дупка ноќе се разлеваше над селата и над куќиштата, како и над целиот амбиент, и во недоглед потопуваше сѐ како црн густ туш што му се истурил на некој невешт цртач. На крајот од секој ден најцрна невиделина преплавуваше сѐ, и поденакво така црно и непроѕирно се огледуваше во длабокото, застрашувачки самрачно небо. И не само тоа, туку, како што ни рекоа некои плахи селани на кои наидовме, по тие Мрачни села, во придружба на жандармериски тројки, се растрчаа и многубројни агресивни групи до заби опремени техничари кои со денови и со недели безобѕирно и претприемливо ги одстрануваа сите подземни и надземни инсталации, столбови и каблови од далноводите и трафостаниците, грубо и немилосрдно уривајќи ги, корнејќи го и кинејќи од нив и каде и да извиреше било што што би им заличило на жици или на електрични каблови. Целта им беше денот да го претворат во темна ноќ, засекогаш да завладее само Апсолутна Црна Невиделина.