19 ноември 2017

 

ХРОНИКА НА НАЈАВЕНАТА СМРТ НА ИМЕТО*

Наговор на национален суицид

 

„Браќа, дури и кога помеѓу своите ѕидови се карате,

одбивајте ги нападите однадвор“.

(Че-кинг, Голема кинеска антологија на песни)

 

Секојдневно сме сведоци дека вешто создадениот привид најчесто ја задскрива дури и најбруталната реалност. Интуицијата и знаењето на одделни поединци неретко на време сосема прецизно го детектираат сето тоа и енергично ја предупредуваат и ја алармираат општествената јавност, но опсесивната моќ на создадената илузија и пријатноста на општиот status quo кој претставува вид на каква-таква рамнотежа се толку силни што обичниот човек најчесто ја свртува главата и го трга погледот од секој „еретички“ став и слободното мислење, кои во интерес на препознавањето и осознавањето на понекогаш и најреалната закана и опасност го поткопуваат создаденото лажно спокојство и укажуваат на големата измама.

Затоа ова мое обраќање не e ерес против пошироката европска стварност што денес нѐ опкружува и на која ѝ припаѓаме и повеќе одошто тоа би го сакале, зашто не говорам како некој ладнокрвен набљудувач, туку како човек што длабоко го проживува и своето лично, но и колективното страдање на својот македонски народ кој конечно, по неговата вековна, тешка, достоинствена и херојска борба за слобода и независност, успеаја да го заведат со шарени евроатлантски илузии и лаги, го зашеметија и со безбројни дрски, отворени притисоци и уцени го наговорија на историски национален суицид. Од тие причини голем дел од македонскиот народ го загуби компасот, налета на острата евроатлантска санта мраз и се распадна одвнатре, а го загуби компасот поради тоа што пред сѐ компасот го загуби и самата Европа и залута во безумна, безизлезна евро-унитаристичка, хипербирократска магла, магла во која, доколку тоа го дозволиме, сѐ повеќе и сѐ поинтензивно ќе се гаснат суверенитетите на народите и на земјите членки, особено на оние помали, и во која дури допрва ќе се случуваат и ќе се случат уште низа национални катастрофи, несреќи и распаѓања, зашто на кормилото на ЕУ се наоѓа една препотентна, од својата моќ, благосостојба и славољубие шашардисана, апсолутно самозаљубена европска политичка елита која, како вонземјанинот од филмот „Осмиот патник“ (Alien) има само еден единствен порив и една единствена цел да преживее сѐ, без оглед на цената и на последиците, и надуено да се перчи по бриселските и други европски и светски кулоари.

Всушност, сведоци сме на едно длабинско внатрешно распаѓање на некогашната прекрасна, полетна, хумана, солидарна Европа на чиј натамошен подем на таа трага сите се надевавме, и на кутро (а)морално преживување на денешната амбициозна но сосема неуверлива Европа, залунѕана во разни насоки и кон разни ќорсокаци, зафатена од најразновидни организациски грчови, ултрабирократски кочници и внатрешни меѓудржавни уцени од разни страни на разни страни. Сведочиме на разводнување, изобличување и пораз на една уште пред нешто повеќе од два века првпат искажана благородна идеја за европско заедништво, што во далечната 1813 година прв ја сугерирал социјалутопистот Анри де Сен-Симон во текстот „Бекон и неговото време“ во кој, додуша реторички, повикува на „воспоставување политичка установа заедничка за сите европски народи која политички би ги поврзала и би ги зауздила нивните претерани национални стремежи“. Педесетина години подоцна, во 1867 година, најголемиот светски анархист Михаил Бакунин на Првиот конгрес на Лигата за мир во Женева, многу поодредено и сосема јасно повикува на уривање на трите големи централизирани феудални држави, апсолутистичката царска Русија, Австро-Унгарија и Отоманското Царство: „Сеопшт мир е невозможен сѐ додека постојат централизирани држави. Ние, значи, мораме да го сакаме нивното распаѓање, за да може врз урнатините на тие целини, организирани низ деспотизам и освојување одозгора кон долу, да се развие, но овојпат организирана одоздола кон горе, единствена слободна федерација на општините во провинции, провинциите во нации, нациите во Обединети држави на Европа“. Значи, сосема парадоксално, првото име на идната заедница на европските држави т го даде токму анархистот Михаил Бакунин. По игра на околностите, во истата таа 1867 година се роди и Валтер Ратенау, идниот министер за надворешни работи на Вајмарската Република, кој, речиси во правилен циклус од педесетина години по говорот на Бакунин, повторно ќе ја афирмира идејата за европско заедништво, особено низ економска и трговска соработка и поврзување, за да се одбегнат идните можни војни меѓу европските земји. Но тогашните европски и германски политички лидери беа сосема глуви за тие негови размислувања и тој во 1922 година е убиен во атентат. Годинава (2017) е одбележана 60-годишнината од втемелувањето на Европската заедница, како идејата за тој голем меѓународен проект да паднала само така од небо во 1957 година, цели 145 години по Сен-Симон кого, се разбира, во тој јубилеен контекст воопшто никој не го ни спомна, како врпочем ни Бакунина, ниту Ратенау, зашто е многу пријатно да се перчиш со преземената слава на првенство, колку и да е тоа незаслужено.

Но што од сите тие релевантни примарни идеи е вградено и што воопшто од тоа остана во Европската заедница. т.е. денес во Европската Унија?

Што се однесува до идејата на Сен-Симон, од неа остана само она „зауздување на претераните национални стремежи“, така што денес сѐ што не е ултраевропејско - е „националистичко“. Што се однесува пак до Бакунин, неговата идеја само ја свртеа за 360 степени. Исчезнаа тогашните големи царства, а денес речиси на истите места пак имаме новоцивилизациски империи: Европската Унија, со една, две или три брзини, која се создава токму деспотски одозгора кон долу; ја имаме големата отфрлена Русија на чело на современата воено-стопанска империја во настанување под името Руска Федерација, и ја имаме испонижуваната и отфрлена Турција која има потенцијал за создавање некаква новоотоманска стопанска и политичка империјална асоцијација. Што се однесува до идеите на Ратенау за поцврста економска поврзаност, поради нивната евидентна прагматичност на тоа поле се отишло најдалеку, се разбира, со низа проблеми што и денес на сите нивоа на системот ги има премногу, но и во тој поглед нештата главно одат сѐ побавно и потешко, поправо со брегзитот на одреден начин се тргнало и наназад, што сега во ЕУ настојуваат да го забрзаат (или да го закрпат) со нешто сосема друго и поатрактивно: со сѐ поинтензивното одбрамбено (читај: воено) внатрешно поврзување, за што од поодамна гласно сонуваше милитантниот Жан-Клод Јункер. Она, пак, што Бакунин им го префрлуваше на Кабе, Луј Блан, фуриеристите и сенсимонистите дека се „преокупирани со страста да ја измислуваат иднината, и оти сите се помалку или повеќе етатисти“ е, во таа 150 години стара но сугестивна слика современите европски лидери сосема се вклопуваат: врз неоетатистички основи измислуваат некаква неостварлива, утопистичка, унитаристичка иднина на европските народи кои, според американскиот урнек (Американци), еднаш би требало да се чувствуваат, а веројатно и да се наречуваат само Европејци. Јас лично воопшто не сакам да бидам Европеец во поголема мера од она колку што со своето културно и духовно наследство мојот народ придонесе кон создавањето на европската култура и цивилизација, ниту во некоја мера поголема од она што пошироката европска култура и цивилизација влијаеа врз обликувањето на културното и духовно наследство на мојот народ и на мене самиот. Јас не сакам да бидам никаков европски граѓански надпатриот и надкосмополит, без национален идентитет, туку само тоа што сум и што сега перфидно ми го грабаат и ми го одземаат, и никако не она што таму во некој оттуѓен европски кабинет некој си бирократ замислува дека би требало да бидам. Но, што се однесува до Република Македонија и до останатите земји на нашата бивша федеративна држава, процесот е исклучително прогресивен: еден помал, југословенски унитаристички хегемонизам брзопотезно се заменува со друг, многу поголем и пософистициран, европски унитаристички хегемонизам, кој, за волја на вистината, сеуште не се разбашкарил до крајност, во сета своја бесрамност, заради многуте внатрешни грижи и несогласици во ЕУ, но веќе јасно си го покажа вистинското непријатно лице.

Цената на таа евроатлантска забава е превисока за сите народи кои не беа присутни при првото качување на евроатлантскиот воз, туку почнаа постапно да се приклучуваат дури по распаѓањето на големиот соцреалистички блок, но никој немаше понеблагодарна и потешка позиција од македонскиот народ, зашто предисторијата на негирањето на неговото постоење, на неговиот идентитет, на неговиот јазик и на културното наследство, предисторијата на грубите денационализаторски грчки, бугарски и српски атакувања во текот на целиот, и особено во вториот дел на XIX век, додека Македонија сеуште била една целина во рамките на останките на европскиот дел од Отоманското Царство, како и историјата на делењето и грабежот на македонските историски, географски и етнички територии, трае цели 150 години, до денешниот ден.

Тоа е предолг период за да можеме некој неупатен без многу објаснувања и толкувања да го проведеме низ длабоката шума на сложените историски вистини, грубо контаминирани и крајно испреплеткани со речиси непроодниот честак од полувистини, лаги и псевдоисториски фантазмагории, креирани во освојувачките пропаганди и политики на соседните земји, што сѐ повеќе ќе се засилуваат, забрзуваат, усложнуваат и хистеризираат сѐ до денес, до овие трагични настани за кои сега говориме. Но за овој тажен мементо на Република Македонија ќе биде доволно само да потсетиме на некои сурови историски факти во континуитетот на нивните збиднувања.

Во 1912 година, во Првата балканска војна што ја покренаа Србија, Бугарија, Грција и Црна Гора, освен протерувањето на отоманската власт од овој дел на Балканот, главна цел на првите три потписнички на воениот пакт била поделбата на Македонија, и тоа секому онолку колку што во тој општ хаос ќе успее да грабне. Втората балканска војна во 1913 година е поведена заради довршување и заокружување на тој освојувачки грабеж и заради конечно разместување на мрежата на новосоздадените политички граници на територијата на веќе поделената Македонија која и порано, во сите предвоени, па се разбира и предилинденски пропаганди е третирана само како територија која едноставно треба да се подели по истерувањето на турската власт, со домицилниот македонски народ на кој потоа секој од освојувачите ќе му одредува и наметнува туѓо име и туѓ, српски, бугарски и грчки идентитет. Македонија е поделена: најголемиот егејски дел, нешто poveќe од 51% од територијата, ѝ припадна на Грција, пиринскиот дел ѝ припадна на Бугарија, а вардарскиот дел на Кралството Србија, додека помал дел на крајниот запад ѝ припадна на Албанија. Најгрубите и највулгарни истребувачки и денационализаторски процеси над македонскиот народ дури тогаш земаа замав, а во Грција и со недвосмислени геноцидни белези. Кратко национално смирување и признавање македонскиот народ доби во својата Република Македонија во рамките на СФРЈ, што, се разбира, не беше без остаток, поради заканувачкото унитаристичко нишало над секој поизразен национален полет, што, меѓу другото, беше и една од најзначајните причини за распаѓањето на бившата држава. Сето друго е помалку или повеќе познато.

Но, за жал, не и за Република Македонија и за македонскиот народ, чија драматична судбина, сега под строг надзор и во координирана евро-американска организација и режија, на најгруб и наприземен начин дефинитивно се приведува кон крај.

Со распаѓањето на СФРЈ кога е конституирана и независна и суверена Република Македонија, истите стари актери на грабежот веднаш, секој на свој начин, ставија некакво вето на нејзината иднина: Република Бугарија ја призна Македонија под нејзиното уставно име, но не ги призна македонскиот народ, македонскиот јазик и македонското национално-историско и културно наследство. Република Грција не го призна ни уставното име на Република Македонија ниту македонскиот народ. Република Албанија го призна македонскиот народ, но не и Република Македонија под нејзиното уставно име. Република Србија ги призна и уставното име и македонскиот народ, но во светот остана запомнета морбидната слика на Воислав Шешељ искачен и виснат врз спомен-плочата на АСНОМ што бесно ја корнеше од ѕидот на манастирот Прохор Пчински, во кој на 2 август 1944 година е донесена одлуката за конституирање на АСНОМ во врвно законодавно тело на Македонија и за воведување на македонскиот јазик како официјален јазик во македонската држава. Актерите на актуелната политика во Србија, во контекстот и во стилот на сите можни денешни меѓусебни евробалкански уценувања пред вратите на ЕУ и НАТО сега се нафрлуваат и со можноста за повлекување на признавањето на уставното име на Република Македонија.

Разрешувањето на тој Гордиев јазол Република Македонија и македонскиот народ го видоа во влегувањето во ЕУ и во НАТО, со што дефинитивно е запечатена судбината на вистинската независност. Јасно е дека практично и немало некакви други можности за избор, но ЕУ и НАТО, за жал, во свеста на македонскиот народ набргу добија претерано, речиси митско значење; главна мантра во Македонија стана, и особено денес е „евро-атлантски интеграции“, кон чија пропаганда и афирмација во Македонија значително придонесе и политичката унисоност околу тоа прашање во партиски екстремно биполарната држава. Но десниот конзервативен центар кој постојано и неоправдано го обвинуваат за македонски национализам им се најде на патот на евроатлантските агенди, особено поради нецивилизираното и неприфатливо грчко упорито барање за промена на уставното име на Република Македонија, целосниот парламентарен бојкот и блокада од страна на опозиционата сосема аморфна левица во нејзиното настојување и без демократски избори да се дограби до власт, како и нереалното зголемување и постојано проширување и проблематизирање на барањата на албанското малцинство во Македонија, потоа создавањето неуставна, парадржавна и параправна институција Специјално јавно обвинителство, и уште многу други ирационални нешта што овде не можат ни да се набројат ниту да се прераскажат. Сите тие нешта доведоа до тоа во македонското општество да зоврие и да кулминира со тнр. „шарена револуција“, една од оние обоени „револуции“ што, организирани и финансирани со средства од меѓународните центри на моќ, според истиот проверен урнек во последиве десетлетија врлуваат низ посткомунистичка Европа.

И на предвремените парламентарни избори во декември 2016 година според бројот на освоените пратенички мандати повторно победи партијата ВМРО-ДПМНЕ која беше на власт во последните 11 години и која, тоа треба по којзнае кој пат јасно да се нагласи, во сиот тој период коалираше со македонските албански победнички партии, сосема спротивно од впечатокот што можеше да се добие од пристрасното, особено европско медиумско премолчување на тој важен факт, често проследено и со пласирање на груби невистини околу најпогубните актуелни збиднувања за Република Македонија и за македонскиот народ. Вештачки е создаден лажен впечаток дека тие никако не сакаат да влезат во коалиција со албанските партии, и тоа со крајно некоректно и непрофесионално, малициозно премолчување на само еден мал но бескрајно важен податок, а тоа е дека, иако меѓусебно со сосема спротивставени светогледи, македонските албански партии постизборно, значи измамувачки за избирачкото тело, во друга држава, во кабинетот на албанскиот премиер Еди Рама, ја составија и ја потпишаа тнр. Тиранска платформа, што ја поддржа и косовскиот премиер Хашим Тачи, со која божем имаа намера да влезат во коалиција со победничката партија ВМРО-ДПМНЕ. Но, очекувано, таа тоа го одби, зашто веднаш стана јасно дека Тиранската платформа до последната буква и до последната запирка е недвосмислена програма на големоалбанската политика во Македонија, и доколку и официјално се прифати, таа станува основа за целосно редефинирање на Македонија од унитарна во бинационална и двојазична македонско-албанска држава, иако за тоа не постојат никакви уставни ниту правни основи, дотолку повеќе што во Република Македонија уште од 2002 година не е одржан официјален, успешно организиран општ попис на населението со што би се утврдила вистинската демографска состојба во државата и би се видело дали се точни или едноставно измислени и напомпани бројките со кои континуирано се служи, подобро речено манипулира албанската страна, тврдејќи дека на целата територија на Република Македонија има повеќе од 20%, па дури и 35% албанско малцинско население.

Победничката партија ВМРО-ДПМНЕ затоа веднаш ја отфрли таа коалиција како неприфатлива, дотолку повеќе што албанските партии потписнички на Тиранската платформа децидно и беспоговорно изјавија дека тој документ е црвена линија под која нема да одат ниту за педа.

По незапомнетите и во меѓународната политичка и дипломатска практика непознати и неприфатливи притисоци и општа трчаница на највисоката европска дипломатија, како и на американската и европските амбасади во Скопје, мандатот за составување на нова влада му е доделен на лидерот на СДСМ Зоран Заев, кој две години го предводеше организирањето на дестабилизирачкиот хаос во Македонија и кој буквално за 5 минутки ги прифати сите уценувачки услови од Тиранската платформа, отворајќи го легалниот, парламентарен пат за албанизација на Република Македонија, т.е. за нејзино претворање во бинационална и двојазична држава, со потенцијално формирање кантони. На 27 април 2017 година во македонското Собрание е извршен државен удар и новосоздаденото парламентарно мнозинство на македонските социјалдемократи и албанските партии за спикер го избраа Талат Џафери, воено-политичкиот конвертит, кој најнапред беше офицер на ЈНА, па офицер во Армијата на Република Македонија, а потоа еден од водачите и висок воен функционер во редовите на побунетите Албанци во 2001 година, а со неговото инсталирање на чело на парламентот тој стана и втор човек во воената и државната хиерархија на Република Македонија, веднаш до претседателот на државата. Во рамките на само еден час од извршениот државен удар една-по-друга стасуваа честитки и изрази на поддршка од европските челници, на дел од амбасадите на европските земји во Скопје, од амбасадата на ЕУ и, се разбира, од американската амбасада до Зоран Заев и до Талат Џафери, кој веќе во првиот работен ден на својата работна маса во Собранието, до македонското знаме го „забоде“ и знамето на Република Албанија, јасно одредувајќи ја насоката на претстојната, за Република Македонија тотално деструктивна и разградувачка политика.

Само неколку дена по конституирањето на новата влада со сите јасно препознатливи марионетски карактеристики, новоизбраниот премиер Заев, со цел, како што тврдеше, „да ги забрза процесите на евро-атлантското придружување“, се стрча во Софија и таму urbi et orbi изјави дека македонскиот и бугарскиот народ се ист народ и оти нивната историја е заедничка, како и тоа дека веднаш ќе се пристапи кон пишување нови учебници во кои, согласно со новата реалност, ќе се реинтерпретира целокупното историско и културно минато на македонскиот народ. За понижувањето да биде што поголемо и помачно, веќе на 1 август, токму спроти најголемиот и најсвет македонски национален празник Илинден, во Скопје дојде бугарскиот премиер Бојко Борисов со кој Заев потпиша договор за добрососедска соработка, договор со кој во целост се поништува македонскиот национален и културен идентитет, постоењето на македонскиот народ и на македонскиот јазик пред 1991 година. Во Бугарија се славеше, во Македонија се тагуваше! Лудилото и понижувањето на македонскиот народ продолжи и утредента, на 2 август, кога на едно од најславните македонски историски места Мечкин Камен кај Крушево, каде што со децении секоја година на најсвечените прослави на Илинденското востание и на Крушевската Република се собираа илјадници македонски граѓани, пред малубројната, едвај прибрана и прикрпена своја партиска публика говореше Талат Џафери, кој за Илинден навистина ниту знаеше ниту имаше што да каже, освен дека во востанието во одреден број учествувале и Албанци, како тоа да било најглавна карактеристика на тие големи историски настани, и како тоа да не ѝ било веќе познато на македонската и на пошироката јавност.

Во меѓувреме во Македонија, по покана од новата марионетска влада на Заев, стаса поголема група меѓународни стручњаци, како своевидни стечајни управители на државата, за да го одредат и да го предложат натамошниот тек на настаните, особено околу договорот за новото име на Република Македонија. И сето тоа, сите тие најпресудни нешта за судбината на македонската нација се случуваа во рамките на само еден месец, и тоа во најтесен круг на одлучување на двајца-тројца луѓе, со цел, како што постојано и упорито повторуваа во владата, „да се забрза процесот на евро-атлантските интеграции“. Во исто време македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров во Атина се сретна со грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас. При брзата возвратна посета на Коѕиас на Скопје, тој, циничен до болка, му предлага на Димитров да го тестираат новото можно име за Република Македонија кое би било „Северна земја“. Димитров и Коѕиас веднаш ги започнаа и договорите околу менувањето на содржините на македонските учебници од кои ќе се исфрлуваат, како што беше речено, „македонистичките иредентистички содржини“, а „за возврат на добрата волја на Скопје“ Грција ќе помогнела од европските фондови да се осигураат средства за уривање и одстранување од главниот град на Македонија на сите споменици на познатите историски личности врз кои Грција полага свое историско право.

По неодамна завршените локални избори во Македонија на кои Заев и неговите албански коалициски партнери освоија најголем број градоначалнички и советнички мандати, Заев веднаш упати барање до американскиот медијатор во преговорите за промена на името на Република Македонија Метју Нимиц итно, во најкус можен рок, да дојде со свој нов предлог за името, надевајќи се, како што изјави, дека проблемот со името наскоро ќе биде решен и оти конечно ќе се отвори пат за брзо влегување, се разбира, на некоја аморфна земја под некое ново, измислено, непознато име во ЕУ и во НАТО. Американската администрација, како и вообичаено од високо, најави дека нема да има промени на границите, но и така тоа сега е само прашање на некаков нов земјовид во кој веќе нема да го има името Република Македонија, зашто и САД и НАТО и Европската Унија всушност ги интересираат само и исклучиво територијата, природните ресурси и евтината работна сила на чипирани и обесправени луѓе.

„Шок, болка и срам поради личната беспомошност“ тоа се зборовите на Јосиф Бродски на кои овде си приспомнувам, зашто најдобро прилегаат кон мојата лична, а длабоко верувам и кон вистинската емотивна состојба на најголемиот дел од македонскиот народ кој не го прифаќа ова што му се случува. Но со грубото, незапомнето меѓународно мешање и политичко насилство, и со стравотното внатремакедонско предавство на Заев и на неговата клика, на македонскиот народ му е одземена силата и можноста да управува со сопствената судбина. Одозгора, од личниот животен крст и од крстот на мојот несреќен народ гледам како нѐ уништожуваат, небаре сме бедни сирачиња и луди босоноги и гологлави дечиња што за последен пат нѐ разделуваат едни од другите, нѐ раздробуваат и нѐ разведуваат на разни страни, и зад нас ги корнат сите корења и коренчиња, и ја спалуваат секоја наша и последна трага.

Македонија денес веќе не е ни само територија, земја, terra, туку стаклен европски терариум во кој пред очите на светот, премногу рамнодушен, премногу циничен или само премногу љубопитен, се одвива морничавата драма на поништување на нејзиното име, со кое ќе умрат и сите други највитални нешта, и народот, и јазикот, и историјата, и културата. Како фрапирано, парализирано заморче што ѝ го препуштија на судбината-змија, зашеметениот, избезумен и загубен, македонскиот народ денес само бледо и втренчено го фиксира погледот кон нешто бело, зелено, црвено, сино, во трепетливите, хипнотизирачки концентрични кругови од 28 и сѐ помалку ѕвездички, и во различните надреално растечки симболи и евроатлантски воени знаци што заслепувачки се спуштаат ссѐ поблиску и поблиску, и како блесаво насмевнат пациент со висока температура, воопшто не гледа, или не гледа барем оној голем заведен дел, дека одамна познатите предатори, охрабрени од европската и американската хегемонистичка политика на Балканот, сега веќе сосема решително од разни страни, полека, лежерно, ритуално лазат кон него, и притоа никаде не се брзаат, зашто столетната хроника на најавената смрт на неговото име и на крадењето на неговата историја, култура, јазикот и идентитетот сега се приведува кон крај, а високите ѕидови на терариумот и уште повисокото и понедостижно небо, зад кои и подземно и надземно и на сите можни начини, а пред сѐ самозаљубено си се клацка Европа врз својата стара слава и новиот лажен сјај, всушност се од непробојно стакло што како леќа само илузорно ги зголемува нештата. Како ротирачките огледални фарови на некој предалечен морски срт тие хистерично го предимензионираат европскиот сјај кој одамна, веќе многу одамна таму е згаснат, и тоа е само светлина што како сјајот од некогашните далечни, одамна исчезнати ѕвезди, сеуште праволински патува кон нас, а само малубројните се сосема освестени и знаат дека тој дел од европскиот космос е сосема празен и мртов, додека мнозинството и натаму невино сонува со некакви космополитски шатлови (што воопшто ги нема) да се упати таму, во тој земен рај. Се разбира, зборувам за изневерениот европски духовен и цивилизациски рај и сјај, од кој остана само децентно дизајнираниот бренд со економска и културолошка подлога под името „Европска Унија“ за дневна меѓународна маркетиншко-политичка употреба, зад кој меѓутоа стои само еден голем дисконтен магазин со морално скисната евроатлантска бирокртатска стока. Затоа никако и на никаков начин не треба да се изедначува поимот европска култура со поимот Европска Унија. Тоа се два дијаметрално спротивни појма, но овој вториот поим е тој што ни го продава првиот како сопствен бренд што апсолутно со ништо не го заслужил. Сето останато е само лага и обично заведување.

За жал, со морбидната појава на квислингот Зоран Заев во македонскиот народ се зароди и се случи најстравотно велепредавство во современиот свет, најбеден и најприземен човечки акт. Се случи измама со национални димензии, игра за лековерниот народ: три кутувчиња кибрит и топче од станиол. Но тоа е само еден трагично изнајден меѓународен, од ЕУ и од НАТО измислен modus operandi, катализатор кој поправо е фунебрален modus morendi кој овозможи сите нешта до неверојатност да се забрзаат, илузијата да стане не само уверлива, туку и чиста реалност, експериментот на самоукинувањето и на парламентарното „демократско“ самоубиство на македонскиот народ како единствен феномен во светската историја да успее пред очите на оние евроатлантски малоумници што го изведуваат тоа и пред очите на оние за кои го изведуваат, иако тој експеримент е всушност само најбанално палење на кибритче што кратко ќе болсне, ќе пламне и едноставо ќе згасне, со што тој сосема бесмислен, а всушност поразно и далекусежно катастрофален експеримент, ќе заврши во истиот момент.

Се прашувам што ѝ треба тоа на Европа? Каква е тоа идиотска забава? Зошто толку длабоко се урна во неморал и нехуманост? Зошто како беден, поткуплив фудбалски судија на едни им дава црвени картони, а на други им подарува пенали? Зарем сите тие што го прават сево ова не се исто така смртни и зарем трагедијата на македонскиот народ што ја предизвикуваат нема далеку во времето да ги надживее? Зошто Европа денес, во XXI век, се дави во тој политички и морален содомо-хедонизам, во тоа прејадување и опијување со бесмисла и глупости? Како го дозволивме тоа тие орвеловски мрачни и безначајни бирократи со црни чанти и вратоврски да завладеат со нас, со нашите чувства, но пред сѐ и над сѐ со нашиот еразмовски, моровски, волтеровски, раселовски, сартровски ум? Како само така ѝ се препуштивме на таа европска политичко-бирократска-банкарско-криминално-воена муволовка, на тој ужасен вирус на ахумана празнина и на безидејно и бесмислено политичко дрдорење?

На ова место си спомнувам за охрабрувачките и утешителни зборови на Ганди: „Ниту една земја никогаш не се издигнала без да биде пречистена во огнот на страдањето“. Неизмерно би бил среќен кога така би било и со мојата најсакана татковина Македонија, и со мојот добар, благ, мирољубив македонски народ, и со мојот преубав македонски јазик, и со прекрасната, инспиративна култура, и над сѐ со бесмртната македонска музика и песна, и токму и само како македонска (!) ценета и почитувана низ целиот свет. Но се плашам дека сега е предоцна за тоа. Неизлечливата автоимуна, однатре разурнувачка и разјадувачка болест на народот-дете кој никогаш во својата севкупност и полнина не израснал до крај, до својата целосна национална зрелост, кој не успеа да излезе од сопствениот национален пубертет и да ја доведе својата преродба до крај, зашто едноставно другите тоа никогаш не му го дозволуваа и, еве, и натаму бесно не му дозволуваат, бидејќи цели сто и педесет години пред негови очи крвнички, на сите можни начини, со предавства и измами му ги убиваа најдобрите синови и ќерки, и непрестајно го заведуваа, го лажеа и го лажеа, а хроничното чувство на несигурност и на самопрезир како кај дете сираче кое цел живот сите само го поттурнуваат, сега дефинитивно смртно е влошено и со серазјадувачките метастази на големата евро-атлантска шарена лага која со својата заводлива псевдо-космополитска прегратка и со непотрошените дози на унитаризми, балкански, европски и секакви други, го укинува и го гасне сето она што природните народи ги правеше народи: нивната посебност, нивната внатрешна убавина и духовност, нивните длабоки, благородни традиции и нивната национална самосвест, и сето тоа во име на некој нов, на рамна црта испеглан свет. И, се разбира, еве, најнапред го напаѓа најкревкото, најранливото место, атакува врз Македонија која никому ништо не му згрешила, освен што е преубава и на секој начин прескапоцена, поради што на немилосрдните освојувачи отсекогаш им била балканско тројанско јаболко на судири и грабежи, а сега, за жал, е само одгризок со кој по меѓународната дипломатска кал веќе 25 години како со топка си играат нејзините први соседи, како и европските лидери и нивните надреално злобни амбасадори во Македонија, предводени од капитенот на тој сомнамбулски тим, американскиот амбасадор во Скопје Џес Бејли, главен ништителски злодух. Кога сите тие распаметени, безмилосни извршители над македонската душа, над македонскиот идентитет и над македонската држава конечно ќе си заминат од Македонија зад себе ќе остават само застрашувачка пустелија, постцивилизациска урнатина на земјата (се разбира, во национална, духовна и култоролошка смисла) земја којашто беше и за секогаш ќе остане колепка на една од најголемите светски цивилизациски придобивки и благодати општословенската писменост и култура.

 

19 ноември 2017, Реpублика.мк Online

Хроника на најавената смрт на името

(http://republika.mk/847916)

 

Објавено во е-книгата „Хроника на најавената смрт на името“,

Самиздат, 2019, стр. 350-370.