ФРАГМЕНТ
Видов како тој постар господин излегува од левата страна нa таксито, зачекорувa рамно на колникот, а потоа речиси сѐ до оддалечениот тротоар од онаа страна на улицата, во некаква сплескана, мрожековска перспектива, онака со забрзан, несигурен, кривулест ôд помеѓу брзите коли, се средува, го турка шалот под крагна, го наместува шеширот и чепка нешто по џебовите, обѕирајќи сe кон краевите на своето тешко палто што мавтаа околу него на сите страни, и притоа невешто од рака в рака ја префрлува својата скапоцена кожена чанта. „Хм, професор”, помислив, и наведнувајќи се полека за да се вовлечам на задното седиште од истото такси, видов само уште – како некој снимател на црно-бели трилери од шеесеттите – дека убаво светнатите, елегантни чевли на професорот зачекоруваат на оној таму тротоар и исчезнуваат меѓу забрзаните нозе на многубројните минувачи.
„Rue Lecourbe”, му реков на возачот, не без она мое старо чуство на стеснетост со таксињата во големите непознати градови. Зашто, таа адреса всушност можеше да биде во кој и да е oддалечен арондисман, или пак тука некаде, сосема блиску, a jас не сум од оние што знаат да ја сокријат својата збунетост.
Непредвидлив, речиси арогантно мочалив, таксистот само возеше и возеше некаде, шарајќи лево-десно со намуртениот сомничав арапски поглед по трите долгунести ретровизори пред себе. Се разбира, јас не би го ни спомнувал ова доколку не забележав дека тој на својот поместен велеградски такси-синемаскоп ме има како на дланка, со парализирани мисли и неспособен да сторам и најмало движење, и баш токму во моментот кога почна да се случува нешто сосема необично.
На седиштето покрај мене, на она место на коешто до предмалку седеше професорот, забалежав нешто неголемо, со неодрелива форма, некаков фрагмент, но со чудесна, исконска убавина, нешто на што тука никако не му беше местото. Немаше никакво сомнение дека тоа му испаднало на професорот додека онака, во брзаница, го напушташе таксито. И притоа, трескајќи ја силно зад себе вратата, чиниш го откинал од останатиот дел, од целината, и се внурнал во сивиот градски метеж. Тоа беше една негова попатна идеја, чиста и блескотна, но така осамена и загубена во ова лудо такси, насилно оттргната од супстанцата, од системот.