5 март 2017
ТЕСНИТЕ ЧЕВЛИ НА ЕУ
„Со сила убајна не бива“
„Ќе ве дават, ќе ве стрижат, ќе м’лзат до крв“
Григор Прличев
Цинизмот на длабоката (не)морално-чиновничка беда и агонија на Европска Унија и маките на Република Македонија со неа се вистински извор за колку што сакаш еразмовски пофалби на лудоста. И еден ден секако ќе бидат напишани. Но ова за што сакам овде да ви зборувам воопшто не е смешно. Тажно е!
Помладите веројатно слушнале за тоа, постарите сигурно учеле на школо, а најстарите и многу добро се сеќаваат за таканаречените „петолетки“ и „десетолетки“ од времето на соцреализмот.
На највисоките Орвеловски општествено-политички, диктаторски нивоа на државите во целиот непрегледен комунистички блок се донесуваа најважни одлуки за тоа што и како треба да се работи на сите реформски и стопански полиња во определен период од пет (петолетка) или десет години (десетолетка). И тоа беа цементно цврсти, неменливи, големи, јасно зацртани планови, од кои не можеше да се отстапува ниту за педа, или, не дај Боже, да не се исполнат во целост! Следуваа сериозни индивидуални казни за нестореното! (Денес во Европска Унија тие казни ги наречуваат „санкции“, ама не се казнуваат поединци, туку цели народи). И така, работните луѓе – што да прават? – тогаш се убиваа да го остварат неостварливото, и сѐ во името на општествените идеали, и во името на гордоста и непобедливоста на идеолошко-патриотскиот дух наспроти западните империјалистички сили.
Посликовито, тоа изгледаше вака: комунистичките држави имаа специјални, многу умни чевлари што правеа тесни чевли со мали броеви 35, во кои требаа да се сместат големи и крупни нозе со броеви 44 и 45. Луѓето во прво време, некако однатре, со крената глава ги држеше нивната гордост и непобедливоста на духот, но набргу чевлите почнаа толку страшно да ги жулаат и да им прават неподносливо болни, крвави пликови на прстите и на петиците, што, срам-несрам, рекоа „е, па не можеме веќе вака“, и работата нагло си тргна удолу, па удолу, и уште удолу, и најпосле заврши како што заврши – со уривањето и целосен распад на комунистичкиот систем. И само затоа, ве молам, што чевларите, всушност, не биле воопшто интелигентни како што се мислело, ами многу глупави бирократски глаучи! Да им беа познати мудрите македонски народни поговорки собрани од нашиот стар добар Цепенков ќе знаеја дека „со сила убајна не бива“.
Во тоа несреќно време, пак, целиот демократски свет им советуваше на тие соцреалистички чевлари да не постапуваат така, туку малку да го усовршат политичкиот чевларски занает, да прават помодерни граѓански чевли, за граѓанско општество, во различни броеви и сандали отворени кај прстите за да имаат малку провевче, но тие самозаљубени мајстори упорно, тврдоглаво, онака како што си зафиксирале во акалот, диктираа (диктатори низаедни!) да се прават чевли со мали броеви 35 за чесните и невини народи и нивните работни луѓе со големи нозе бр. 44 и 45.
Се разбира дека со толку жулање и пликови „петолетките“ и „десетолетките“ немаа никаква шанса. И така диктаторите и диктатурите си пропаднаа, а сите ние помисливме „уф, супер, нема веќе да нѐ мачат со будалаштини! Конечно ќе се дограбиме до вистинска демократија, до Европската Заедница!“ И се стрчавме натаму како овци на поило. Ама глеј чудо, човек да не поверува! – тесночевларскиот занает, и тоа со крајна специјализираност на мајсторите токму за правење најтесни и најнеудобни чевли бр. 35 за големи нозе бр. 44 и 45, од пропаднатите диктаторски соцреалистички земји и режими едноставно си се преселил во Европската Заедница, и тој занает таму се раширил и станал не само најглавна и најважна, туку дури единствена, мошне привлечна општествено-политичка и стопанска дејност.
Веднаш ќе речам, Европејците, како многу фини луѓе, а така и требало да биде, нели? – најнапред, пред да се размавтаат со таа тесночевларска индустрија за народите во транзиција – за себеси си направија најубави чевли по мерка, од најдобра кожа, обложена со меко кадифе и други гламур-материјали, а потоа рекоа: „Повелете сега, народи, влезете во нашиот убав демократски дуќан Европа”. И народите почнаа да си влегуваат, дури и да се туркаат да влезат таму. Додека сѐ уште имаше и неколку рала поголеми броеви чевли им ги дадоа како бонус на оние што се бутнаа први, но во дуќанот многу бргу и нагло почна да снемува материјал и идеи за нови модели и калапи, па чевлите стануваа сѐ помали и потесни, бр. 35, па 34, за најпосле за некои народи и држави, еве како за нашата Македонија и за нас Македонците, да направат само чевли бр. 33. И ни рекоа: „Ако сакате да влезете во дуќанот Европа, кај што има многу раскошни премии и изненадувања, и многу лижавчиња/лажливчиња и шеќерна волна, ќе морате најапред да влезете во овие најтесни чевли бр. 33“. Абе како да влеземе во нив? Ние сме аргатски народ, имаме големи нозе бр. 44 и 45. „Правете што сакате, буткајте, влечите, натегајте, ама тоа да се изврши! Ако не – ќе има санкции! Не можете да се однесувате така неграѓански. Сте биле аргати со големи нозе, бре?! Еве ние, држ-недавај, ќе ве направиме граѓанско општество на место, ќе се научите да носите тесни чевли, и ќе ви биде супер. Ние“, додадоа уште, „имаме многу чевлари и чевларки, и влечкари и влечкарки што мрзоволно си талкаат и се влечкаат низ Брисел и Стразбур без работа, зашто веќе и нема баш толку нови заинтересирани за нашите тесни чевларски производи, а некои дури и ни ги враќаат излижаните и дупнати европски пантуфи, па ќе задолжиме неколкумина од нив да гледаат што правите, да ве надѕираат, да ве тормозат, да ве предупредуваат дали нешто не било добро, или нешто не чинело, да пишуваат и да усвојуваат резолуции за тоа од што како народ и држава треба да се откажете, како да се растегнете, како да го свиткате ’рбетот, како да си го смените името Македонец и името Македонија, па ако и така не оди, имаме ние и колку што сакаш стучњаци за таа работа: министерки за надворешни работи, комесари за соседска политика и пристапни преговори, амбасадори, спикери и генерални секретари на разни алијанси ‘ќе ве дават, ќе ве стрижат, ќе м’лзат до крв’, како што вели вашиот голем поет Прличев, и така со сите сили ќе ви помогнат да сфатите дека едноставно морате(!) да го почитувате диктатот на европските тесночевлари. А ако и натаму ова не ви влегува в глава, ниту пак ногата ви влегува во тесниот чевел што ви го нудиме, па имаме ние решение и за тоа: најнапред малку ќе ви ги изделкаме и ќе ви ги стокмиме нозете, ќе ве удираме по прсти за да ги повлечете наназад колку што можете, па дури ако треба, и ќе ви исечеме цели делови, ич да не берите гајле, во Европа за сѐ има решение, и така куци, унередени но средени по наша мерка, некако ќе ве збутаме, па макар само во еден чевел, во левиот, да речеме, и како што знаеме и умееме, ќе ве довлечкаме во нашата пресреќна Европска заедница“.
Е, и тогаш ни текна! Абе, вие да не сте ги зеле оние стари диктаторски теркови и калапи за мали чевли од „петолетките“ и „десетолетките“ што ги правеа тогашните тесночевларски глаучи? Зашто, само повторувате „мора, мора, мора“. Што мора? Ништо не мора! Проверете добро, зашто ако е тоа таква голема грешка, ако немате нова цивилизациска, хуманистичка мерка за чевлите, а по сѐ изгледа дека навистина сте јанлаш, зашто за едни правите чевли за одење во прва брзина, а за други за влечкање во втора и трета брзина, е, тогаш никаков тесночевларско-политички занает нема да ве куртули од пропаст и беда, а ние, ќерки и синови, и внуки и внуци на Итар Пејо никако нема да се задоволиме со тоа поради вас по нозете да си лепиме европски фластери.
И ете, засега муабетот со Европа ни остана на тоа, но гледаме како на сите страни околу нас и над нас, и покрај нас, како споулавени дронови се разлетуваат некои збеснати и дрски туѓинци што не знаат ама баш ништо за нас Македонците и за нашата славна македонска историја. Ние сме само дел од некоја нивна „петолетка“ или „десетолетка“, што модерно ја наречуваат „агенда“. Ја гледаме таа зашеметена врвулица од разни европски тесночевлари, кои во своите министерски торбички и дипломатски чанти носат некаков чуден тесночевларски алат: големи ножици за прекројување на мапите и набричени скалпели за безмилосна ампутација на нашите македонски нозе на кои како народ со векови цврсто и простум стоевме и стоиме, устојувавме и опстанавме сѐ до ден денес.
Е, сега полека! Тука мораме да застанеме и јасно да ви кажеме по нашински: „Господа, со сила убајна не бива! Ова се наши нозе, големи/неголеми, аргатски, неграѓански, викајте ги како што сакате, ама нема да ви дозволиме врз нас да ја испробувате својата тесночевларска педикура со големи прекројувачки ножици и скалпели, зацртана во вашите бесмислени тесночевларски „петолетки“ и „десетолетки“ и агенди за спас на Европа што, еве, пред наши очи си се урива однатре поради надреалната тесноградост на безбројните бирократско-синекурантски тесночевларски глаучи, што набрзина само малку се зачешлани и залижани, со патец на левата страна на глаучката“.
Тој тесночевел бр. 33, што го скроивте само за Македонците и за Република Македонија, дајте му го на некој друг, на некој од оние што под сосема други, рамноправни цивилизациски услови веќе се влезени во вашата елитна Бела книга, таа нова застрашувачка „петолетка“ или „десетолетка“ или „којзнаекојалетка“ и агенда што го содржи вашиот штотуку обмислен оригинален план за создавање Европска федерација!
Нам ни е навистина доста од тесни чевли што ни ги прават некои глаучи, како и од федерации на разни (не)рамноправни народи и народности!
5 март 2017, Дневник.мк Online
Тесните чевли на ЕУ
http://www.dnevnik.mk/default.asp?ItemID=08685AABBB04124492C1A1EA1AF48002