9 мај 2020
ОТВОРЕНО ПИСМО ОД ВОЛТЕР ДО БЕЛООБРАЗНАТА
Б'ЛГАРКА ЕКАТЕРИНА ЗАХАРИЕВА
Многуценета госпоѓо Захариева,
простете ѝ на мојава седа глава што си дозволив да ви се обратам вака непосредно, но тоа е затоа што верувам дека токму вие сте вистинскиот негибнат „балкански бел образ“ (мудриот Русјаков слатко би дофрлил: „без образ“), што може да ми даде некаков длабок и сериозен одговор на големоевропските прашањата што ме мачат. Знаете, во моето рационалистичко време постоеше посебна, комплицирана, здодевна етикеција во комуницирањето, но за среќа, се појави вашата супер генерација европски политичари која е ептен модерна, едноставна и до крајност, речиси ирационално сицилијански фамилијарна. А и зошто да не, кога тоа сега си е ваше царство, се дограбивте до своите пет минутки слава. Еднаш го видов вашиот шеф Бојко Борисов кој среде давање изјава за медиумите се сврте и почна да вика: „Пленковичу! Пленковичу! Еј, Пленковичу!“ - довикувајќи го како во некое кафуле хрватскиот премиер кој си минуваше педесетина метри одзади во длабочината на холот на бриселскиот парламент. Е тоа е таа нова, модерна, непосредна, царска култура на евро-балканските моќници, што постарите луѓе никако не ја разбираат. Но за среќа, јас минувам низ својата трета младост, па ништо човечко не ми е туѓо, дури и кога е така простачко и примитивно. Впрочем, сите вие таму, на својот Eу-Олимп, му припаѓате на истото збрано друштвенце на самоповикани пророци, па зошто и да не си се довикувате така присно како овчарите од рид на рид, а ние одоздола да ве гледаме и да ве слушаме?
Во својот долг век, белообразна госпоѓо Захариева, имав можност да запознам многу луѓе од сите општествени сфери, кралеви, кнезови, грофови, маркизи, но и луѓе од прекрасниот обичен свет. Блиско соработував со луѓе со чудесни знаења и таленти, луѓе умни, инвентивни, бескрајно надарени, творци на значајни остварувања, филозофи, благородни хуманисти што со своите дела го задолжија целото човештво, а пред сѐ Европа. Ех, би можел долго да ви раскажувам за таа вам несфатлива Европа во која хуманистичкиот дух беше во најсилен подем, така што овозможи, најпосле, од средината на минатиот век натаму, Европа да стане навистина хумана, топла, солидарна, со оптимистичен поглед свртена кон напред, Европа во која државите и народите, и човек со човека со љубов и со почит се однесуваа едните кон другите, Европа во која мудрите зборови и размислувања на големите хуманисти и мислители како Бертранд Расел или Жан-Пол Сартр, да не ги набројувам другите, имаа општочовечка тежина, вистинско значење и големо меѓународно општествено влијание, а не како што е случајот денес, во ова ваше време, студена Европа со Шенгени и жилет-жици, безидејна Европа со труење на обичниот човек со најприземни лудости и глупости, завиткани во целофан со розови панделки, кафкијански бирократски фантазии и ништожни ветувања, и сеопшти меѓусебни уценувања, потценувања и наддавања од современите сосема празни, минливи политички скородојденци и тепајмајковци, начичкани на власта по европските држави и во власта на лажната божиќна елка - Европската Унија.
Е, токму тоа сакав да ве прашам, белообразна госпоѓо Захариева, а вие по можност да ми одговорите што поскоро, дали и вие можеби сте забележале дека живееме во време на такви бедни, безочни, злобни, етноцидни и многу глупави, примитивни политичари и политичарки, кои, како магарињата и магариците, се јавуваат кога никој ништо не ги прашува, само за да реват и да рикаат, а пак бетер овде кај нас на Балканот дури и како први соседи повеќе од 150 години си реват на својот ист магарешки начин, и на својот немушт магарешки политички јазик, кој само тие меѓусебно си го разбираат, патолошки упорни со тие гротескни анимални рикања да ги уверат и сите други да станат најобични глупави магариња? Но се знае, како секогаш и секаде во природата, рикањето на магарињата и магариците ги привлекува другите магариња и магарици, и особено тројанските коњи, да се тераат, да се парат и да прават нови магариња и маски што ќе ја реват и ќе ја рикаат нивната стара магарешка прекугранична политичка песна, па така и меѓу „човец'те“ одовде веднаш се најдоа оние три црни куколи што податливо ги поткренаа своите магарешки тројански шарени опашки.
И еве, сега дојдов до главното.
Белообразна госпоѓо Захариева, деновиве низ вирусната Европа и низ светот се пронесе глас дека некоја, простете ми на зборот, ступидна прекугранична министерка побарала од еден соседен народ едноставно да се прогласи за Б'лгари. Ќе им ја признаеле тригодишната вештачка квислиншка државичка со троделно име и без никаква иднина, ама, рекла таа, да се кажат Б'лгари, и наводно тврдела дека тоа било многу едноставно, па и се чудела: зошто им е тоа толку тешко? Ма, ве молам, замислете, белообразна госпоѓо Захариева, сте слушнале ли за поголема дрскост, подмолност и отворена расипаност од тоа? Ќе ви бидам бескрајно благодарен, ако дознаете нешто за тоа, или ако пак чуете нешто поконкретно околу некој таков идиотски предлог на таа сосема збудалена министерка, веднаш да ми јавите. Ок, можеби е во прашање само најобична невскусна измислица. Знаете каков е народот, секогаш коби, секогаш е претпазлив кога некои безобѕирни, невоспитани туѓински грабежливци дивјачки посегнуваат по неговото име, по неговиот идентитет, по неговиот јазик, по неговото национално културно-историско минато. Јас верувам дека вие тоа добро го разбирате. Па не сте вие мачкина кашлица! Еве, замислете некој вам да ви каже едноставно да се прогласите за Татарка, иако додуша вие тоа и сте, но сепак, нели, се доживувате себеси како белообразна Б'лгарка. Па како тогаш би ви било вам? Татарка, Татарка, па Татарка! Верувам дека тоа би го доживеале како многу пострашен говор на омраза одошто некој в лице да ви плукне дека сте најобична плитка будала и балканска примитивна политичарка. Затоа, ако е вистина тоа што се зборува низ вируснава Европа, ако навистина во нечија многу болна, хистерична глава се родила таква кретенска, етно-садистичка идеја, и ако се покаже дека не е во прашање непознавање на непобитните и општопознати историски факти и вистини, туку најобична криминална меѓународна политичка агресија врз еден сосема друг, соседен, мирољубив, пријателски, македонски народ, со сопствено автентично, славно историско минато и оригинално културно наследство, со свој автентичен мајчин македонски јазик, и со во целиот свет препознаен и признаен национален идентитет, тогаш, белообразна госпоѓо Захариева, лично ќе се заземам тоа да ѝ го објаснам на таа загубена татарска душа. А се надевам дека и вие директно ќе се ангажирате еднаш засекогаш да се искорени таа фашистичка идеја, тоа големо зло, како и секое такво екстремно лудило на некакви си ступидни министерки кои безочно посегануват по најсветото на еден народ, по неговото национално име, по неговиот национален идентитет и јазик, и така, белообразна госпоѓо Захариева, да ѝ го обелите образот на оваа тешко заболена Европа која нема ни трошка чест, ниту морални и цивилизациски сили да се справи со тоа вандалско меѓународно насилство.
Останувам голем почитувач на вашата широкобелозабна насмевка.
Вашиот Волтер
9 мај 2020, Republika.mk Online
Отворено писмо од Волтер до белообразната Б'лгарка Екатерија Захариева
https://republika.mk/kolumni/otvoreno-pismo-od-volter-do-beloobraznata-b-lgarka-ekaterina-zaharieva/