10 август 2018

 

ЛАПНИ ТЕНДЕР

Трамп ќе воведе санкции против владата на Заев

 

По налог на претседателот Доналд Трамп, американската администрација воведува итни остри санкции против владата на Зоран Заев, заради нејзиното дрско, неспитомливо и агресивно настапување со својот веќе надалеку, до Америка прочуен бренд ЛАПНИ ТЕНДЕР.

Најпознатите медиумски куќи во САД упатија апел до Трамп веднаш да ги заштити нивните авторски права во врска со брендот ЛАПНИ ТЕНДЕР, со тешко обвинување дека Зоран Заев и неговите министри намерно само малку го модифицирале насловот на прочуениот хит на Елвис Присли „Лав ми тендер“ (Love Me Tender) за да можат полесно да ја ограбат државната благајна на Република Македонија.

Во намера да го заштитат владеењето на правната држава, Зоран Заев и неговите министри одржаа итна седница и, преку американскиот амбасадор во Скопје Џес Бејли, им упатија најостра нота на Соединетите Американски Држави и на претседателот Трамп да не се мешаат во прашањата на внатрешните коруптивни работи на нашата влада, бидејќи брендот ЛАПНИ ТЕНДЕР е нејзин сосема оригинален и светски препознатлив и препознаен бренд од кој македонските граѓани имаат голема финансиска полза.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, пак, упати и одвоено писмо до Трамп во кое се колне и со својот полициски потпис гарантира дека брендот ЛАПНИ ТЕНДЕР е уредно патентиран од страна на владата на Зоран Заев, и додaва дека ако е потребно за одбрана на државните и национални интереси на Македонија, како и во случајот со договорот со Грција, премиерот Заев ќе организира не еден, ами десет, дваесет општонационални референдуми со еднозначно референдумско прашање: „Дали сте за заштита на брендот ЛАПНИ ТЕНДЕР како најголемо достигнување на оваа реформска влада?“

 

10 август 2018, Република.мк Online

Трамп ќе воведе санкции против владата на Заев

https://republika.mk/948110