17 ноември 2019
МОНСТРУОЗНА ПОЛИТИЧКА АНЕСТЕЗИЈА И ОТРОВ ДО СМРТ
Следбениците на Заев да се фатат за раце и да си повторуваат: „Јас сум анестезиран од заевското отровно лудило; јас сум заевски зависник; сакам да се ослободам од таа ступидна опсесија и измама, и одново да станам слободен човек, со свој интегритет и идентитет!“
Ги предупредувам почувствителните читатели дека колумнава содржи груби сцени и остри зборови!
Кога одите на забар да ви искорнат болен заб или од него да ви извадат живец, што предизвикува пеколни болки, ви даваат силна доза анестезија за да не почувствувате ништо. Но ако по првата инекција сѐ уште чувствувате болка, тогаш веднаш ви даваат уште една моќна доза анестетик вилицата да ви истрпне и сосема да се здрви. Е, тогаш можат да ви прават сѐ што сакаат. Се разбира, вие сосема јасно ќе знаете дека нешто крајно инвазивно ви се случува, дека ве обработуваат со груби забарски шила, клешти и борери, но нема да чувствате никаква болка. А ако зафатот се покаже покомплициран и бара повеќе време за целосна операција, постапката со нови инекции и нови дози анестетик може да се повторува уште онолку пати колку што е нужно додека не ве средат сосема, а вие и да не офнете.
А колку, пак, е застрашувачка и самата помисла на тоа кога на некој заболен треба да му се ампутира дел од телото, нога или рака, или дури, поради некоја страшна несреќа, и сите екстремитети. Замислете само колку силни дози анестетици се потребни за да се умртват тие делови на неговото тело, а пак тој на долго време да се успие, при што тие анестетички „мртвила“ во континуитет му се додаваат сѐ додека трае тешката и болна операција на тоа отстранување на делови од неговото тело.
А замислете, пак, нешто уште пострашно: да ви го вадат срцето! Да, од оправдани медицински причини и тоа се прави за да се замени со друго срце, за да се зачува скапоцениот човечки живот! Но само оној што навистина го проживува и што го проживеал тој есктремен медицински чин може сосема да ги разбере крајните, апсолутни граници на исконскиот страв и на психо-физичките болки поради страшната, надреална инвазија врз природната, органска структура и конзизтентност на вашето тело, ковчежето и носителот на вашата душа и на вашата свест.
Да, сето тоа е нужно од разбирливи медицински и хумани причини. Но што ако, поради политичко лудило и кариеристичка хистерија, поради длабока нехуманост и безочна грабежливост, решат дивјачки грубо да ви ги искорнат срцето и душата засекогаш, за да им ги фрлат на бесните туѓински хиени и на острвени уличарски пци, а вас засекогаш да ве снема од овој свет!!! Замислете само колкава доза на најотровна психолошка и политичка анестезија се потребни беспоговорно да се согласите на таа автоевтаназија, и да прифатите да ви го сторат (да си го сторите!) тоа монструозно зло над сите зла, и така патолошки врз вас да се изживуваат најобични лудаци, политички лигуши и криминални мрсулковци?!!!
А пак колкава и колку бескрајно отровна доза на суров смртоносен анестетик е потребна за да се успие, за да се умртви, да истрпне и ментално и емотивно да се здрви цел еден народ, како македонскиот, и над него да се изврши сето тоа вампирско, франкенштајновско крваво сечење, черечење и копање на неговите национални и духовни очи, целосно заглушување на неговите уши за вистината, кинење на неговата глава, и корнење на неговото срце и душа, дробење на неговите национални и духовни екстремитети, а од него самиот да се направи само безимено зомби-зомби-зомби?!!!
Е со токму таква неизмерна, летална доза (dosis facit venenum) на страшен антинационален, антимакедонски и смртоносен, мизантропски анестетички отров денес на светов располага само еден човек, а името му е Зоран Заев.
Признавам, неизмерно ја потценив неговата надмонструозна монструозност. Да, јас си го признав тоа, но за жал, се чини дека тоа сѐ уште не им е јасно на неговите политички опоненти, кои и натаму на политичката сцена (си) играат според правилата што тој ги наметнува, потценуваќи ја таа негова терминаторска надмонструозна монструозност, која алчно и вешто се храни и се напојува од сѐ што ќе искрсне пред него, од лево, од десно, одозгора, одоздола, однадвор и однатре, зашто тој е најобичен аморален опортунистички политички „сеждер“, кој само шиба и тера натаму, таму кај што може политички да се преживее и успешно да се граба.
Од времето на неговото насилно, незаконско квислиншко инсталирање на власт, напишав стотици колумни, постојано предупредувајќи на неговото длабоко лично лудило, задскриено зад онаа позната „лудачка луцидност“ која на лудаците им овозможува времено да функционираат во општеството, на неговата невидена политичка хистерија и велепредавничка малоумност, на неговиот примитивизам во вистинската смисла на зборот („сељачиште!“), на неговото бесрамно и понижувачко распродавање и расфрлување на сите страни на националното, историското и културното наследство на македонскиот народ, на безочната антимакедонска и антидржавна деструктивност, и на неговата бесчувствителна иманентна кримогеност, и докажан криминал, на неговата континуирана гангстерска насилност и политичко, аморално измамништво, на неговата уценетост од разни фашизоидни и гебелсовски субјекти, како и на неговите фашизоидни уценувања на јавноста и притисоците врз сите човечките слободи, на неговата неизмерна беда на најобичен квислиншки слуга и лигав марионетски лазач пред дрските и безобѕирни туѓински посегања по нашата единствена татковина Република Македонија, и по сето она што таа нам ни значи и ни претставува - и наивно верував дека сите параметри, сите мерила што ги дефинираат тие нешта на општоцивилизациското ниво се доволни вистински и реално да ја димензионираат и неговата монструозна појава. Но, повторувам, се покажа дека неизмерно се излажав. За надмонструозната монструозност на Зоран Заев засега нема мерило. И можеби тоа мерило го имаат само оние што тој и таков Заев, тој политички смртоносен отровен анестетик на две нозе, „некаде далеку“ лабораториски го создадоа и го пуштија во пробна употреба над еден прекрасен стар, благ, европски народ со длабоко културно минато - македонскиот.
Заев мајсторски вешто успеа да отруе и со невидени количества безочни голи измами и илузии да анестезира еден голем дел од македонскиот народ. Потпрен и поддржан од цел еден внатрешен велепредавнички и големоалбански и надворешен фашистички, окупаторски анестезиолошки конзилиум, тој го држи македонскиот народ во невидено правно, политичко и ментално хипотично заложништво.
Зоран Заев, пред сѐ, е еден опседнат лудак, кој од час во час, од минутка во минутка, токму онака како што со светлосна брзина се менуваат сликите и настаните во главата на таков ментално изместен човек, непрестајно фабрикуваше и натаму интензивно фабрикува стотици и стотици разни настани и информации, лажни вести и полувистини, и континуирано ги пласира во јавноста, која, пак, со нив заслепено се занимава, ги коментира, спори со нив или се согласува, иако сами по себе тие баш ништо не значат, зашто се само дробенки од надреалниот заевски илузионистички перформанс, додека тој со своето политички лудо и хистерично тенгало ги крши и последните светлечки ламби над Македонија.
Но треба да биде јасно дека Заев не е само демонски опседнат, туку е и едуцирана хибридна опсесивна појава на која застрашувачки вернички слепо и безумно ѝ веруваат уште многумина граѓани во Македонија. Ги слушам нивните заблудени и збудалени гласови: „Заев ќе нѐ воведе во ЕУ“! „Заев ќе нѐ воведе во НАТО!“ Заев ова, Заев она.
Не, драги, Заев само ве вцица во своето невидено ЛУДИЛО! Вие што го прифативте тоа космогониско заевско ЛУДИЛО, морате веднаш да се расоните. Таму каде што ве „води“ тоа негово ЛУДИЛО нема ништо друго освен ЛУДИЛО и СМРТ! Смрт и морална и национална, што значи и смрт индивидуална. Зашто ако си без својот човечки и национален идентитет, што велепредавничиштето Заев брзопотезно му го одзеде на македонскиот народ - тогаш за светот си никој и ништо, а таа СМРТ е пострашна и од физичкото ишчезнување.
Заевската отровна политичка анестезија зад која всушност не стои ништо друго освен неговото отровно ЛУДИЛО, предизвика кај вас, неговите следбеници, целосна анестетичка политичка истрпнатост, здрвеност, опседантост и зависност, а со зависноста, како што добро знаете, се излегува на крај само на еден единствен начин: решително да си ја признаете себеси таа болест, зашто заевштината е многу, многу тешка и опасна болест, и како што тоа го прават и алкохоличарите и наркоманите, да се фатите за раце и да си повторувате: „Јас сум анестетизиран од заевското отровно лудило; јас сум заевски зависник; сакам да се ослободам од таа ступидна опсесија и измама, и одново да станам слободен човек, со свој интегритет и идентитет!“
Најслеп е оној што има очи а не гледа, а најглув е оној што има уши а не слуша! А токму врз таа психолошка основа функционира отровната, смртоносна доза на заевската монструозна политичка анестезија и анестетичка зависност, во која од разни причини, поради најразлични „волшебни“ илузии, заспивни идеолошки лулкања и замајувања, и упорни лаги, но и поради лични стравови и пусти надежи попаднаа многумина граѓани на Република Македонија. Но едно е сигурно: лекувањето против заевската отровна анестетична политичка зависност на тој заведен дел од нацијата ќе биде многу долго, многу мачно и многу болно, зашто најтешко е себеси да си се погледнеш во очи и храбро да си ја признаеш сопствената голема заблуда. Токму затоа лекувањето мора да започне веднаш, итно, за да си ги спасиме барем останките од останките на страшната институционална урнатина што од Република Македонија зад себе ќе ја остави безмерното лудило на најголемото зло во историјата на македонскиот народ - Зоран Заев.
17 ноември 2019