ПОЛИТИКАТА КАКО МАЌЕА
Кочо Топузоски: „Ветераните на Илинден“
Панили, Скоpје, 2017 gоdина
„Цехот на гревовите сторени одамна – го плаќаме денес“.
(Кочо Топузоски, во разgоворот со авторот на текстов)
На името на поетот, историографски публицист и јавен деец Кочо Топузоски не мораме посебно да ја потсетуваме македонската културна јавност. Тој најнапред, од почетокот на седумдесеттите години од минатиот век наваму, се здоби со респектабилно место во современата македонска поезија со повеќе вредни поетски книги, за кои крајно високи критички оценки дадоа Петре М. Андреевски, Санде Стојчевски, Ефтим Клетников и низа други угледни македонски писатели. Кон средината на девеесеттите години тој го објавува и својот прв историографско-публицистички труд, посветен на Питу Гули, и низ тоа извонредно, дури емотивно потресно, сугестивно дело, освен историската и архивистичка фактографија, од Топузоски силно проговори и она најблагородното со што духот на Илинденското востание, и духот на Крушевската Република, со својата историска и хуманистичка големина го напојувале авторот уште од неговите најрани детски и младешки години, та почувствувал потреба и творечки, и не само поетски како дотогаш, туку и со истражувачки продлабочени научни трудови, да им го врати долгот на својот легендарен роден град Крушево, на неговите најзаслужни илинденски великани Никола Карев и Питу Гули, на сите незаборавни илинденци, и на својата сакана татковина Македонија.
Низа сложени и незаобиколни прашања ни се наметнуваат читајќи ги „Ветераните на Илинден“ од Топузоски, но едно од нив веднаш самото излезе во преден план: Зошто историјата постојано се повторува?
Зошто историјата постојано се повторува?! Па тоа е затоа што старите, усвоени општествени парадигми тешко се менуваат, тo ест најлесно е истите, или само малку подизменети, и натаму да се применуваат во животната практика. Големите општествени пресврти, особено револуциите, гледано од аспектот на бескрајното време, се одвиваат со секавична брзина, и тоа со јасно поставена цел претходната општествена формација, или систем, од корен да се сменат со други, нови. Но, се чини, полесно е да се изведат „револуции“, одошто „старото“ радикално да се смени со нешто „ново“, или барем со нешто „подобро ново“. Ако ништо повеќе, барем на тоа нè учи историјата, учителката на животот.
А кога станува збор за константата што тврдокорно опстојува и постојано, со сета своја кафкианска закоравеност, од „револуција“ до „револуција“, од „систем“ до „систем“, од „режим“ до „режим“ се пренесува од урнатите и сменети системи во новите – тоа се бирократијата, и лицемерната, перфидна политика, во чии топли пазуви таа со векови опстојува, се негува, со предумисла се развива, се трансформира, се моделира, се „модернизира“, и до совршенство се усовршува.
Се разбира, реченово погоре е израз на мојот, денес сосема непоколеблив скептицизам, со децении сериозно проверуван, како врз временски и просторно далечните, така и врз сосема блиските примери, почувствувани и врз сопствениот грб. Но познато е дека скептицизмот и сомневањето се основа на секој прогрес, зашто скептицизмот сам по себе нема ниту доволна уверливост, ниту пак сила да го запре или да го разувери безрезервниот пресвртнички оптимизам на новите генерации што доаѓаат со новите општетствени „настани“, со новите „револуции“, и со новите „уривања на старите режими“. И тоа е добро, зашто напредокот е незапирлив. Но проблемот е во тоа што тој секогаш, речиси без исклучок, се одвива според принципот „три чекори напред, два чекори наназад“, а, за жал, понекогаш, како што се покажа во актуелниот трагичен „револуционерен“ пресврт во Република Македонија, принципот може да биде и „еден чекор напред“ – „150 години наназад“.
Инаку, вообичаените „три чекори напред“ се израз на органската потреба на човечката заедница да создава нови, поквалитетни општествени и егзистенцијални услови за живот, додека „двата чекори наназад“ се, од една страна, израз на неизлечливата самозаљубеност на политиката и на политичарите што му се наметнуваат на општеството како самоповикани нарцисоидни божества, кои не испуштаат од рацете ниту еден единствен котелец за да не им се разврзе „нивното“ политичо „ткаење“, а од друга страна, и манифестација на органската потреба на нескршливата бирократија, по можност, во своето непрoодно, тињаво мочуриште барем да ги зацапа сите внатрешни придвижувања во општеството, ако веќе не може и сосема да ги запре. Цената на тој ментален, политички и бирократски паразитизам и неподвижност е премногу висока, а ја плаќа обичниот човек, и најчесто токму оној кој со сета своја енергија и со сиот свој живот се инвестирал себеси во борбата за новото, за промена кон подоброто, поврамнотежено и поправедно општество.
Воопшто не треба да одиме далеку за да се увериме во овие вистини. Неподносливо апсурдни примери за тоа имавме во минатото, и постојано, во непрекинат децениски континуитет, имаме сè до денес токму во нашиот сопствен македонски двор, во нашата татковина Македонија, во која и низ која столетно се одвивала вистинска историска драма и тешка, крвава борба за создавање и за вообличување на нејзината државност и самостојност; а, еве, денес, пред наши очи, се одвива една уште потрагична, судбоносна историска драма и борба за нејзино едвај можно зачувување, драма за чија што конечна одлука каква би трeбала да биде нејзината разврска, сосема му е истргната од рацете на македонскиот народ, кој, всушност, е и треба да биде нејзинот доминантен носечки и државотворен субјект, а кој со децении и со векови безочно е потиснуван во невидливост до непризнавање, до исчезнување, до непостоење, онака како што тоа и денес очебијно се прави, но сега со нови, далеку пософистицирани средства и методи, и бескрајно поагресивно и побезобѕирно од кога и да е порано.
Ако сакате да урнете една зграда, урнете ѝ ги нејзините носечки столбови. Така е и со Република Македонија. Тие што никогаш не сакаа ни на сон да чујат ниту да ја видат Македонија крената и застаната на сопствени цврсти, самостоечки државни темели, во ниту еден момент не престанаа да ѝ ги поткопуваат и да ѝ ги уриваат највиталните, оние носечки и најцврсти национално-политички столбови. Постојано, без прекин, и тогаш додека тие се градеа, и кога растеа кон угоре, втемелени врз најголеми жртви и најбеспрекорни национални идеали, тие со сите сили и од сите страни, упорно атакуваа врз нив, ги поткопуваа и настојуваа да ги сотрат. Сто и педесет години, до денденес, со злосторничка леснотија ни ги убиваа или перфидно ни ги елиминираа од национално-политичката сцена најголемите, најумните и најпредани македонски синови, лидерите на македонскиот народ, столбовите на самостојноста и на независноста на Македонија. И кога таа сепак конечно стана реалност, кога се извиши до респектабилна државна градба, со меѓународна тежина и значење, за чија што функционалност и одржување конечно требаше да се грижи некој формално одговорен, то ест политиката и нејзините јавни институции, тежок сон им падна на очите и им се виде убаво да сонуваат – но само свои сопствени соништа. Заборавија на столбовите, заборавија на оние врз чии жртви и саможртви таа наша македонска држава е фундирана и е крената, и особено на оние на кои беше и најлесно да се заборави, на илјадниците обични луѓе, на нашите илинденци, кои учествуваа во горчливите и бескомпромисни борби за нејзино создавање, заборавија на нивните лични човечки судбини, најчесто мошне трагични, врз кои беа поставени тие моќни фундаменти и носечките столбови на нашата илинденска и асномска Република Македонија. Самозаљубена, вообразена и загледана само во себе, политиката им стана студена, рамнодушна маќеа, и сосема ги препушти на својата мрзелива, индолентна слугинка – бирократијата, докажаното зло на секое општество, па така и на македонското.
Најопасна и најдеструктивна болест на секој организам е недостигот на имунитет. Така е и со нациите и со државите. Така беше и е и со македонскиот народ и со нашата македонската држава, од самиот почеток од политиката/политичарите и од бирократијата едноставно сфатени здраво за готово. Но татковината, државата, треба постојано да се негува како најнежен цут, како, впрочем, и народот, како и секој поединец што со сета своја преданост и патриотизам, макар и најскромно, учествувал, придонесувал и придонесол кон големите историски прoцеси на нејзиното создавање.
За тие нешта, за тие и такви разбирливи очекувања, и за тие и такви разочарувања ни говори книгата на Кочо Топузоски „Ветераните на Илинден“. Со неа авторот решително го тргна превезот од една голема, во пошироката јавност сосема непозната историска неправда што им е сторена на нашите илинденци во времето на социјалистичка Југославија, предупредувајќи и на сериозните политички и бирократски грешки во тоа не така далечно минато, кои никогаш веќе не би смееле да се повторат, бидејќи на Македонија ѝ нанесоа долгорочни непоправливи штети чии последици се чувствуваат и денденес.
Неизбежната константа на „историјата што се повторува“ секогаш се и парадоксите што ги следат тие процеси, сосема спротивни на историската, но и на здравата политичка логика, а секако и на здравиот разум.
Така, ете, се случи и со ова значајно историографско-архивистичко остварување, посветено на носителите на големата македонска илинденска епопеја – илинденците, дело напишано и подготвено за печат во 2016 година, во предвечерието на за Република Македонија и за македонскиот народ кобната 2017 година, а објавено токму во таа пресвртничка, драматично ретроградна, трагична година, во која, всушност, невиден бескрупулозен замав доби најбезочното поништување на сè што е изворно македонско: на македонскиот идентитет, на македонскиот јазик, на македонското културното наследство, и, се разбира, на целокупната македонска национално-политичка историја, вклучително и Илинденското востание како востание на македонскиот народ.
Парадоксот на „историјата што се повторува“ го потцрта веќе случајниот тајминг на излегувањето на книгата од печат, но и воведните зборови на авторот Кочо Топузоски од Предговорот, потпишан во септември 2016 година:
„Од осамостојувањето во 1991 година до денес“, вели Топузоски, „значително е зголемен интересот за проучување и вистинско вреднување на македонската историја“. И понатаму додава: „...Сегашните генерации Македонци имаат одговорност, не само да го сочуваат и негуваат споменот на илинденските генерации туку и да ги сочуваат вкупните придобивки на нивната мачна, исклучително сложена и тешка револуционерна борба“. И најпосле: „Сведоштвата наведни во наредните страници треба да послужат во иднина, никогаш повеќе да не се повторуваат грешките сторени во минатото, никогаш повеќе да не се повторат неправдите сторени од Македонец на Македонец!“
А сето тоа беше убаво и умно речено, напишано, и објавено, непосредно пред страшното, тотално, надворешно и внатрешно политичко антимакедонско цунами од 2017 година, и натаму!... Топузоски тоа го напиша во 2016 година, речиси вчера! А еве нè каде сме денес, само неколку години подоцна! Авторот како да го претчувствувал надоаѓањето на радикалниот политички и историски пресврт, и како да сакал барем со тие свои патриотски мисли да го запре времето, да го меморира тој претходен, кус, релевантен период на благопријатни услови за темелито возобновување на јадрото на македонската национална самосвест, зачувана во историографските дела и во објавените историски документарни сведоштва.
Оттаму и парадоксот на „историјата што се повторува“ што наместо реално очекуваната широка јавна рецепција на книгата „Ветераните на Илинден“, наместо нејзино најрепрезентативно истакнување во преден план, како медиумски, така и на секој друг можен начин, таа, во новосоздадените, шокантни, трагични, хаотични општествено-политички услови, во кои некомпетентната, аналфабетска и агресивна антидржавна политика им се наметна на науката и на културата како повисока арбитражна инстанца, инаку исцело насочена кон деструкција и кон декомпозиција на македонската држава и на нејзиниот политички и историски идентитет на сите рамништа, таа тивко беше потисната во невидливост, во тишина, во глувило, зашто нејзината тема е тема за илинденците, за оние достоинствени луѓе кои што, како и во времето на настаните за кои пишува Топузоски, повторно, но сега на еден поинаков начин, но со сосема идентични, срамни последици, биле потиснувани во невидливост, кон некакво ниво на општествена ирелевентност, непотребност и довршеност на нивната приказна. Тогаш политиката-маќеа и гнилата државна бирократија нивните судбини, нивните животи, еден по еден, од одбор до одбор, од закон до закон, од одлука до одлука, од параграф до параграф, лежерно, кафкиански ги пластеле во папки и во правливи картонски кутии, и ги ределе по ултрабирократските рафтови на рамнодушните, едвај подвижни локални власти, кои, најчесто сосема неинформирани за нештата за кои станувало збор, донесувале ad hoc паушални, погрешни проценки, судови и одлуки со мошне сериозни егзистенцијални консеквенци за лицата на кои се однесувале.
Денешната „македонска“ политика-маќеа и суровата внатрешна антимакедонска бирократија по однос на тие прашања отидоа и одат уште многу, многу подалеку: Илинден и илинденците сосема да се искорнат од македонското национално-историско битие и да им се предадат на старите, безочни странски предатори. Затоа едно вакво вредно и по многу нешта специфично научно дело како книгата на Топузоски требало да се потисне и да остане во просторот на невидливото и на недостапното. Но, веднаш ќе речам, тоа едноставно не оди така. Политиката е таа што е потрошна стока, таа е минлива и заменлива – а сериозните научни остварувања и книгите од овој документаристички научен формат имаат трајни и трајно проверливи вредности.
Иницијалниот лајтмотив на книгата „Ветераните на Илинден“ околу кој се врти, се структурира и интензивно се развива нејзината документаристичка содржина е Законот за илинденските пензи донесен во јули 1946 година, кој во новосоздадената федерална Република Македонија во рамките на тогашна Југославија, ги разбудил надежите на веќе длабоко старите, истоштени и претежно осиромашени илинденци, дека колку-толку, со добивање на тие пензии ќе им се подобри економскиот статус, и барем малку ќе им се наградат и надоместат и младешките саможртви во борбата за создавање на самостојна, независна македонска држава. По повод седумдесетгодишнината (2016) од донесувањето на тој закон, авторот Кочо Топузоски се нурнува во архивскиот фонд број 159 при Државниот архив на Република Македонија, необработен и несреден, а распореден во 44 архивски кутии со 2868 предмети со повеќе од 15 000 илјади листови на најразлични документи поднесени од илинденците-баратели, и ја истражува епската материја на нивната епска борба со државната и со локалните бирократии за докажување на правото за добивање на таа, главно скромна пензија. Сè се одвива бавно и мачно. Некои ја добиваат пензијата, многумина не. Надлежните тела често бараат нови докази за нивното учество во илинденските револуционерни збиднувања. Барателите поднесуваат нови дополнителни документи; одбиените, пак, поднесуваат жалби. По некоја од нив се прифаќа, некои повторно се одбиваат. Во меѓувреме, надлежните тела донесуваат нови закони, или измени и надополнувања на закони, со кои донекаде се менуваат и условите за добивање на илинденските пензии, со што на дел од барателите им се одобруваат, но на дел од нив им се укинуваат или им се оспорува правото. По долги жалбени процеси кои траат со години се исправува по некоја неправда, но се прават и нови...
Се разбира, намерно и колоквијално овие настани ги прераскажав вака лапидарно и скоковито, а не како стручен рецензент, зашто не сум тоа, со цел сликовито да ја потцртам сета хаотичност што околу доделувањето на тие илинденски пензии во голема мера ја создала тогашната власт, а уште повеќе на разни начини ја комплицирала бирократијата, особено на подолните, локални нивоа. Интересни се податоците што ги наведува Топузоски, кои на свој начин ни говорат и за цинизмот на судбината, но и на државата и на нејзините тела кон нашите илинденци: „Највозрасниот кој добил илинденска пензија“, вели авторот, „бил Ристо З. Томов од с. Николиќ, Ѓевгелиско, роден 1848 година. Кога на 1 февруари 1951 година добил илинденска пензија имал 103 години, а кога на 15 април 1953 година му е зголемена пензијата имал 105 години! Со слична возраст е и Тале Ѓ. Гроздановски од с. Жван, Демир Хисар, роден 1850 година кој, кога ја поднел молбата во 1950 година имал точно 100 години“.
Опремена со богата и мошне функционална, и за обичниот читател крајно проодна научна апаратура, со суптилни појаснувања околу имињата и настаните кои се спомнуваат во објавената документација, во книгата Топузоски ни донесува стотиции интегрални писма, барања и жалби од илинденците, кои во нив мошне детално ги опишуваат настаните во кои учествувале, борците или војводите со кои сораборувале, местата на кои сето тоа се случувало. Тоа е цела една импресивна регеста на имиња и презимиња, или прекари и илегални имиња на поединци, на настани и на места од Илинденското востание, всушност, еден неверојатен мозаик на мошне сугестивни, уверливи и неретко потресни животни приказни. Јазикот нивен е обичен, непосреден, автентичен, македонски, и со немерлива сила ни го доближува, сосема ни го доближува времето на големите историски настани од Илинденското востание и околу него, па наместа и од значително подоцнежниот период.
Се разбира, го оставаме авторот стручно да ни ги интерпретира архивските документи што се редат хронолошки, или според некоја друга внатрешна логика на книгата, како и нивната судбина во непроодната кафкианска бирократска машинерија, но ние како читатели едноставно не можеме да се оттргнеме од впечатокот дека, на крајот од краиштата, борбата на голем дел од илинденците со бирократијата за тие, реално, скромни пензиски надомести, веќе станала прашање на честа да им се признае учеството во големите настани за создавање на сопствената македонска држава, повеќе отколку што тие скромни финансии имале некаква релевантна тежина, иако, се разбира, имало и сосема тешки социјални случаи, кои за таа поддршка, некогаш и без позитивен исход, се бореле до последниот здив. Болно е и непријатно да се следи на какви се „влакна во јајцата“ гледале членовите на телата што одлучувале: каде биле и што правеле илинденците во Балканските и во Првата светска војна, како се однесувале меѓу двете војни, дали во Втората светска војна биле на страната на НОБ, и особено, дали во повоениот период ѝ биле привржани на „народната власт“, или, каде биле и што правеле нивните блиски во сите тие историски случувања. Тешко е да се повлечат границите помеѓу најчесто совршено уверливите факти за нивното учество во Илинденското востание и неретко дубиозните морални судови за кои одлучувале токму членовите на одборите во пониските јавни инстанци. Навистина, многупати нивните погрешни оценки биле отфрлуванини од повисоките служби, а на барателите им биле одобрувани пензии, но сето тоа траело и траело, и траело...
Содржината и фактографската линија што прецизно и систематично се следи, се пренесува и се коментира од документите, претставуваат една важна и стандардна компонента на книгата „Ветераните на Илинден“, кон што авторот на крајот донесува и дел од портретите на илинденците и низа снимки и факсимили од нивните писма, барања и жалби. Како обичен читател силно почувствував како од целата таа згусната материја презентирана во книгата еманираат, и значително ја надраснуваат, и низа други нешта што се отвораат како нови простори за истражувања, компаративни надополнувања на познатите историски настани или биографии на познатите учесници, водачи и војводи од Илинденското востание, всушност, во неа е содржана цела една сосема недопрена македонска микроисторија како паралелен, секундарен, но крајно релевантен дел од нашата најголема национално-историска и политичка епопеја – Илинденското востание.
Признавам, замајќи ја в раце книгата, од Кочо Топузоски и очекував токму ваков сериозен резултат. Фасцинантно е што тој, пред сè како лиричар по природа, успеал сосема да се оддалечи од вообичаениот литературен субјективизам, и да воспостави една крајно уверлива научничка дистанца кон темата и кон материјата што ја обработува. Фасцинантно, дотолку повеќе што неговиот допир со тој дел од историјата, и со самите илинденци бил и нешто многу повеќе од едно вообичаено научно-истражувачко искуство. Имено, колку што се сеќавам, во далечната 1970 година, од „Струшките вечери на поезијата“ кон Крушево се упати еден автобус полн со млади поети од тогашната држава и од странство, учесници на меѓународната поетска манифестација „Млада Струга“. Во него бевме, меѓу другите, и Кочо Топузоски и јас. Нè носеа да го посетиме легендарното историско Крушево, и во тој славен амбиент да прочитаме по некоја своја песна. Имаше во таа атмосфера нешто свечено, нешто што те поткрева, особено кога си млад поет, со чувство дека учествуваш во судбината на светот. Но најсилен впечаток за сите нас беше средбата со тогаш последниот жив илинденец, Коста Јанакиев Дабижа. Се разбира, најгорд меѓу нас, а тогаш момче на само 19 години, беше Кочо Топузоски, затоа што, како впрочем и сите крушевчани, лично го познаваше легендарниот Коста Дабижа, на кој во оваа своја книга исто така му има посветено неколку страници, бидејќи и самиот тој, во сопствената слободна и независна татковина Македонија, ја делел ироничната судбина на своите илинденски соборци.
За помладите денешни генерации сето тоа е предалечна, маглена историја, но ние постарите, генерациски бевме многу поблиску до таа голема историска македонска генерација што го изнесе Илинден на својот грб, а оние, пак, уште постари од нас меѓу кои се движевме, живо, сосема реално го допираа тоа единствено легендарно македонско историско време, за кое никој, како што денес тоа го прават „македонските“ политички аналфабети, не можел, благо речено, да им кажува ординарни глупости во кои некој треба да поверува.
Книгата „Ветераните на Илинден“ е значајно историо-графско-архивистичко дело, посветено, како што видовме, на неколкудецениската сложена, жилава борба на илинденците за добивање на илинденските пензии, но колку темата, за нас обичните читатели, навидум и да зазвучи едноставно и сувопарно, таа навистина претставува една фасцинантна, речиси романескно потресна граѓа што секако вреди да се прочита. Но, да го истакнам и тоа, книгата „Ветераните на Илинден“, всушност, е прв дел од значително пообемниот историографски зафат на Кочо Топузоски, кој ќе го добие и своето продолжение во новата книга „Илинденската споменица“ која наскоро треба да излезе од печат кај истиот издавач, и која овојпат ѝ е посветена на подеднакво драматичната борба на илинденците за добивање на заслужените илинденски споменици. Со неа ќе биде заокружено, иако веројатно не и сосема исцрпено, едно релевантно историско поглавје од нашето национално минато, кое досега ни било сосема непознато, а дури можеби долго време на свој начин и намерно задскриено.
Пртвпат објавено на мрежната страница https://www.facebook.com/KlimanAldo/posts/pfbid02c43SnK9AZyPaf2Qq3i2x3xRh2ijn8ZdcvMUYALgsq34LNcJEi4mh7winSs44Lym6l