ПРОТИВ НАЦИ-ФАШИСТИЧКАТА ПОЛИТИЧКА СТЕРИЛИЗАЦИЈА
НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК
Да се стерилизира некој или нешто, тоа значи по пат на радикален инвазивен зафат да му се одземе плодноста, да се направи сосема стерилен, неплоден, нефункционален, непостоечки. Тоа го правеа нацистите низ своите „фабрики на смртта“. На целиот свет му е добро познато кои народи најмногу настрадаа од нивната садистичка стерилизаторска политика.
Кога со наци-фашистоидни правно-политички притисоци и уцени, како во актуелниот случај со Официјалниот дигитален речник на македонскиот јазик, се сака насилно да се пурифицираат и да се стерилизираат јазикот и говорот, грубо се поништува нивната најголема и најдлабока цивилизациска смисла, нивниот изворен метафизички гениј да се саморазвиваат и органски да растат во сите плодни насоки.
Правно-политичката пурификација и стерилизација на јазикот и на неговата изворна фразеолошка и смисловна употреба преставува негова целосна смрт. Смртта на јазикот на некој народ значи смрт на неговата употребна функционалност, на неговиот комуникациски потенцијал и на неговата примена во народната и во уметничката литературата. Смртта на функционалноста на јазикот и смртта на народната и на уметничката литературата на еден народ значи смрт на неговата култура. Смртта на јазикот, на културата и на литературата на еден народ значи смрт и трајно исчезнување на тој народ. Значи негово истребување. Но, еве, некои ромски мини-политичарчиња, чиј народ низ историјата го искусил токму тоа најголемо зло, но не од македонскиот народ, очигледно никогаш не ја научиле таа страшна геноцидна лекција.
Таканаречените „непристојни“ и „навредливи“ зборови (вулгаризми) и цели фрази (подсмешливи поговрки, пцости, клетви и сл.) се широко присутни во сите јазици и во сите литератури, па така и во ромскиот, албанскиот, турскиот, влашкиот, српскиот, хрватскиот, бугарскиот, грчкиот и во сите други говори на светот. Наци-фашистичката правно-политичка пурификација на сите јазици и говори на светот е апсолутно невозможна, и затоа секоја идеја и примисла за таква безочна и аналфабетска инвазија и насилство врз јазикот/јазиците и врз говорот/говорите во светот претставува мрачна поматеност на простачкиот ум и чисто лудило.
Актуелниот агресивен дневно-политички атак врз лексичките содржини и посебности на Официјалниот дигитален речник на македонскиот јазик претставува директен атак врз македонскиот јазик и говор, како и врз македонската народна и современа уметничка литература, и всушност најдрзок атак и насилство врз македонскиот народ.
Лексичкото богатство и поетичната разнообразност на македонскиот јазик се создавани од реалниот живот на нашиве простори низ столетната историја на македонскиот народ и на неговата писменост. Тоа единствено лексичко и фразеолошко богатство не се производ на некакво наци-фашистичко лабораториско лудило, како ова што вака изнурна од најцрниот мрак на интелектуалниот и политички дилетантизам и аналфабетизам со кои е нападнат еден навистина голем и значаен културолошки проект на врвните македонски лингвисти, кој преставува незаобиколен досег не само за македонската наука за јазикот, туку и фасцинантен референтен прилог кон светската славистичка наука.
Плитката и проѕирна смисла на постоењето и на дејствувањето на ординарните аналфабети и на политикантските дилетанти е токму со вакво примитивно насилство на своето Незнаење и Глупост над Знаењето и Стручноста да си собираат евтини политички поени. Задача на македонската науката за јазикот и литературата, пак, и на сета обединета македонска интелигенција е најенергично да застане во одбрана на достоинството на знаењето и на нашата лингвистичка наука чиј импресивен резултат е извонредниот, штотуку објавен Официјален дигитален речник на македонскиот јазик.
6 мај 2021, Facebook.com/KlimanAldo/