26 февруари 2017

 

ЗОШТО МОЛЧИ МАНУ?

 

Отворен апел од македонскиот писател Алдо Климан

до Македонската академија на науките и уметностите

 

Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) е основана со Закон донесен на 22 февруари 1967 година во Собранието на Република Македонија. Штотуку се навршија 50 години од нејзиното втемелување и дејствување. Навистина голем јубилеј! Но можеби и последен пред драматичните настани и нови закони за кои (и какви!) се навестува дека наскоро ќе се донесуваат во тоа исто Собрание.

На официјалните страници на Академијата за мисијата што ја има МАНУ нејзиниот претседател, академикот Владо Камбовски, пригодно вели: „Измината е долга и значајна етапа од развојот на Академијата. Но, како и сѐ друго кое постои толку време, и самата таа е соочена со огромен број предизвици кои ги носи новото време”.

И само толку!

А еве, токму сега имаме еден навистина застршувачки конкретен предизвик!

Новото време ни го донесе ова зло, овој несомнено најтежок и најсудбоносен, пресвртнички, историски предизвик што го проживуваме со предавничкото и ограбувачко разнебитување на македонската држава и на незината самобитност. Соочени сме со најдлабоки тектонски пореметувања и поместувања во македонското општество кои незапирливо одат кон тоа засекогаш да ја сменат геополитичката карта на овој дел од светот, а македонскиот народ во својата татковина да заврши како индијанците по правливите резервати на минатото.

А МАНУ како институција упорито молчи! Зошто?

На овој крајно дрзок и жесток меѓународен и внатрешен атак и разурнувачки предизвик со кој се соочени Република Македонија и македонскиот народ не може да се одговори само така пригодно и само со едно општо место. Јавноста навистина ги респектира ангажираните истапи и реагирања на неколкуте македонски академици, и секој нивен збор што оди во прилог на зачувувањето на унитарноста на македонската држава многу значи!

Но МАНУ како институција молчи, и молчи, и молчи! И тоа е крајно неприфатливо!

Република Македонија е сѐ што имаме и никако не смееме да ја земаме здраво за готово! Зашто оние што бескрупулозно и со сета сила и устојчивост посегаат по нејзиниот суверенитет и по нејзината унитарност воопшто не ја доживуваат на тој начин!

Затоа ова не е време за куртоазија и опортунизам! Ова не е време за медитативна повлеченост во своите тивки академски кабинети! Ова не е време за стилски вежби по меѓусебно однесување и заемна допадливост и пријатност! Ова е време кога мора енергично да се искаже јасен и недвосмислен став! Ова е време кога мора да се преземе сета лична и институционална одговорност, по секоја цена!

Ова е време кога МАНУ мора да излезе со јасна Резолуција за нашата најголема историска придобивка - за недопирливоста на суверенитетот на Република Македонија и за недопирливоста на нејзиниот унитарен карактер!

Господине претседателе на МАНУ, и почитувани членови на МАНУ, ви упатувам отворен граѓански апел итно, уште денеска да го свикате Собранието на МАНУ како нејзино највисоко тело и да донесете Резолуција со која најенергично ќе се осуди големото предавство и разнебитување на македонскиот народ и на Република Македонија од страна на една неголема македонско-албанска политичка клика, што пред наши очи се одвива под надреални притисоци на меѓународните политички групации!

Ве повикувам да ја искажете сета изворна сила и непоколоебливост на нашата национална свест!

Ве повикувам да го вложите сиот голем авторитет на МАНУ што таа го има во домашната и во светската научна, културна и поширока јавност, и енергично да им кажете на сите странски замешатели во сегашниве трагични настани во Македонија и во животот на македонскиот народ и народности дека е веќе доста, дека нашата судбина си е само наша работа и оти актуелните општествени прашања и проблеми ние самите најдобро и најбезболно ќе си ги решиме, зашто Република Македонија му припаѓа на македонскиот народ и ние најдобро од сите знаеме кои сме, што сме и што ни е потребно за среќен живот во својот дом, без нивните перманентни бирократски доцирања и меѓународно-правно дубиозни интервенции и притисоци.

Апелирам, како наша најугледна институција - Македонска академија на науките и уметностите - безрезервно да застанете во одбрана на суверенитетот, самобитноста и интегритетот на Република Македонија.

Апелирам до вас во овие најтешки моменти за нашата држава, како МАНУ да му искажете најенергична, целосна и недвосмислена поддршка на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, како на последната највисока републичка институција и инстанца што со сите уставни овластувања има мандат од македонскиот народ и од народностите што живеат во Република Македонија до крај и со сите расположливи средства да ја брани нејзината државност и нејзината неповредлива унитарност.

Апелирам до Македонската академија на науките и уметностите да ја исполни својата веројатно најважна историска мисија од времето на нејзиното основање пред 50 години до денес.

Со почит,

Алдо Климан, македонски писател

 

 

26.02.2017, Јади бурек, Online

ЗОШТО МОЛЧИ МАНУ?

http://jadiburek.mk/sodrzina_detalno.aspx?id=2869

 

03.03.2017, Дневник, Online

ЗОШТО МОЛЧИ МАНУ?

http://www.dnevnik.mk/default.asp?ItemID=8BC8E109B3BE8542B882750441DCA057

 

04.03.2017, Курир, Online

ЗОШТО МОЛЧИ МАНУ?

http://kurir.mk/makedonija/vesti/zoshto-molchi-manu/

 

04.03.2017, Денешен весник, Online

ЗОШТО МОЛЧИ МАНУ?

http://denesen.mk/web/zoshto-molchi-manu/

 

04.03.2017, Вечер Online

ЗОШТО МОЛЧИ МАНУ?

https://vecer.mk/makedonija/zoshto-molchi-manu