ДОБРО СЛАТКО
Песните на Весна Ацевска
Контекстот
Сосема тивко и крајно непретенциозно, онака како што и самата е создадена од тивкост и притаеност, кон средината на осумдесеттите години од минатиот век Весна Ацевска авторски се појави со збирката „Подготовки за претстава“. Тоа беше посебен датум во македонската литература, и да не бевме толку загледани само во своите ѕвезди, а нашето критичко и читателско внимание да беше попрофесионално и поодговорно, таа книга веднаш ќе беше препознаена и доживеана како еден од најуспешните, клучни резултати и највисоки дострели на дотогашните засилени и усвитени настојувања за модернизација на поетскиот израз во современата македонска литература. Но скромноста и повлеченоста на Весна Ацевска и нејзината целосна предаденост и наднесеност над животот како над самиот поетски чин и над поетскиот чин како над самиот живот, беа бизарна причина што дури еруптивниот изблик на нејзината прекрасна поезија - и длабока и пространа, и вдахновена и понесена, и опојна и мудра - во деведесеттите години дефинитивно ќе ѝ го определи заслуженото високо место меѓу најценетите македонски литературни имиња. Меѓутоа, сепак мора посебно да се нагласи дека нејзината творечка хронологија што според официјалната био-библиографија започнува дури во 1985 година, со нејзиното прво јавување со книга, ни оддалеку не дава верна слика за нејзиното вистинско присуство во македонската книжевност и за нејзиното незаобиколно учество во македонскиот литературен и културен живот. Таа приказна започна многу порано.
Всушност, творечкиот хабитус на Весна Ацевска бележито е вграден и во еден од најинтересните и најважни периоди во современата македонска литература, во седумдесеттите години, кога се случи онаа неверојатна, неповторлива, неретко исполнета со низа контроверзи, но несомнено исклучително важна и плодна средба на литературните генерации. Денес, од перспективата на една друга живост и возбуда, и несомнена насоченост кон некои нови литературни, културни и општествени цели, многумина што сега го креираат литературниот живот во Македонија и непосредно учествуваат во него, на тој период веројатно погледнуваат не само со временска и емотивна дистанца, туку и како на нешто сосема довршено, далечно, одживеано. Но сепак, не може туку така да се претча фактот дека неколкуте и денес најекспонирани македонски писатели од средната, па (сега веќе) и постарата генерација, со своите смели младешки потези, обиди и проникнувања во литерарно непознатото, особено на планот на теоретското и хеременевтичкото, но истовремено и со своите решителни опити во примарната книжевност, токму во тој период ги имаат поставено темелите на она што во смисла на најдоброто и најмодерното во македонската литература ќе се случува во деведесеттите години од минатиот и во првите години од овој век.
А каде се вареа тие волшебни интелектуални напивки? Каде се готвеше довршувањето на модернизацијата на македонската литература што енергично ја започнаа модернистите, а натаму ја пронесоа претставниците на третата генерација до најавтентичните претставници на четвртата генерација кои токму во седумдесеттите настапуваа на македонската литературна сцена со еден крајно интелектуализиран, освестен и бескомпромисен творечки строеж?
Во отсуство на литературни списанија за младите и авангардни писатели и какви и да е други специјализирани медиуми од тој вид, сета „свеченост на интелектот“ во тоа време се случуваше само во мошне активните но неформални литературни кругови и кружоци, меѓу кои несомнено најжив и најоригинален беше токму домот на поетите Весна Ацевска и Санде Стојчевски. Навистина, речиси нема поважен автор од нивната книжевна генерација, како и од помладите кои штотуку почнуваа да се појавуваат во литературата, па сѐ до постарите, веќе значајни имиња, што не поминале низ тој пријатен дом, тоа место на возбудливи интелектуални дружења и на крајно поттикнувачки разговори и продлабочувања на заемноста на сродните модерни и модернизаторски творечки концепти и промислувања.
Денес се едноставно непроценливи интелектуалните и духовни придонеси на Весна Ацевска при тие инспиративни и плодоносни средби и разговори на македонските водечки интелектуалци во текот на таа раздвижена деценија, веќе пишана во историјата.
Според природата на нештата, литературната јавност и читателската публика секогаш се вѕрени само во маѓепсната подвижна лента со нови и нови книги и книжевни настани, не обѕирајќи се кон силата на оние тивки извори и бистри води што полека се движат кон своите далечни моќни меандри и разгранети устија, но, веднаш ќе речеме, во тие занесни младешки години, а во секој случај од самиот почеток на седумдесеттите, Весна Ацевска интензивно, постојано и вдахновено пишуваше убави песни и повремено ги објавуваше во периодиката. Вистина е, меѓутоа, дека таа не скокаше со сите нас по сонцето со намера по секоја цена да го дофати, или, не дај Боже, да го прескокне; таа со него се креваше полека, сигурно, на разумна оддалеченост и со здрав усет за неговата жештина и жестина, до зенитот од каде што, еве, сега, сѐ се гледа убаво и каде што сите сметки се израмнуваат, а нештата ги добиваат своите реални димензии.
Со создавањето на стихозбирката „Подготовки за претстава“ таа ни покажа како тоа се прави на најдобар начин.
Но, во што беше посебноста на таа единствена книга?
Тенденциите
Кон крајот на шеесеттите и во почетокот на седумдесеттите почна да се збиднува нешто многу важно. Наеднаш од сите страни бевме преплавени со безбројни, главно квалитетни преводи од светската литература на јазици што ни беа читателски достапни, и сите, секој на своја страна, влечкавме дома цели нарамници книги од книжарниците и од библиотеките. И во Македонија наеднаш почна да се преведува многу, а пак тоа што ни недостасуваше - го преведувавме сами. Патем речено, многу убави и прочувствувани преводи од руската поезија повремено ни доаѓаа и од перото на Весна Ацевска. Тој наплив од светската поезија и книжевност воопшто, и особено од најрелевантната и возбудлива теоретска и херменевтичка литература, од темели ја разниша схоластичката закостенетост на лектирите врз кои израснавме и до крајност ги усвити амбициите да се создаде нешто ново и поинакво, и беше сосема јасно оти тоа и ќе се случи. И, ако се изземе кругот на оние тогаш млади писатели што сепак решија и натаму да се потпираат врз традиционалните искуства и резултати остварени во македонската литература, интересот на оние другите, што бргу се изделија од големиот генерациски бран, беше свртен кон сосема спротивното, кон крајна радикализација на литературниот израз и напуштање на традиционалното, и во поезијата, и во прозата, и во есејот и во критиката, а донекаде и во драмската литература. Се разбира, во почетокот концептите не беа јасни, или подобро речено - беа сосема нејасни, но токму таа зашеметеност тогаш создаде најчудесни амалгами во поновата македонска литетратура, што дури подоцна критиката ќе ги препознае, меѓу другото, и како постмодерна. Во секој случај, македонската постмодерна е прво литературно движење, насока, или тренд, со кој веќе не трчавме по светската литература со задоцнување од неколку децении.
Тие занеси и возбудувања од новите сознанија, тие голтања на светската критичка и теоретска литература и тие чудесни часови по анатомија на поетското и на самата поезија сѐ повеќе и сѐ понагласено ја откриваа и ја испакнуваа вистинската, нематеријална димензија на уметноста на зборот. Затоа беше сосема разбирливо што во средиштето на тогашните најмодерни тенденции во македонската поезија наеднаш се најде самиот јазик како најсвечена поетска егзалтација. Во таа светлина бурно, на еден сосема нов начин, се реактуелизираа и идеите за „чистата“ и „апсолутната песна“, а крајна цел беше речиси со демиуршка моќ и целосна интелектуална контрола во текот на самиот поетски чин да се создаваат најсуптилни поетски асоцијации и смисловни структури од изворната, примордијална супстанца на јазикот, се разбира, ослободен од претешкиот, низ времињата напластен (историски, културолошки и социјално детерминиран) товар на значењата.
Денес е сѐ уште тешко да се проценат широчината и димензиите на постигнатите резултати во тие настојувања, и особено нивото на реалната теоретска освестеност и подготвеност на сите оние поети што ги раздвижи тој жесток поетски цунами, покренат од неколкумина водечки автори, кои, всушност, беа единствено вистински подготвени за таа ингениозна и сложена археологија во јазикот, но едно е сигурно: плодниот флуид на тој силен и неповтопрлив ерогенетски занес се прелеа далеку, дури до овие наши години.
Добро слатко
И ете, на самото поприште, а сепак авторски битно понастрана од општиот немир околу тие нови тенденции, Весна Ацевска полека, постапно ја создаваше неголемата но по многу нешта единствена поетска книга „Подготовки за претстава“. Книжевно сосема разбудена, начитрана, натопена со знаење за литературата и уметноста, надарена и самосвесна, и самата доминантно свртена кон јазикот како средиште на поетскиот чин и како најубава божествена песна, таа крајно љубопитно, а филозофски смирено и задлабочено, околу себе и во себе ги пронаоѓаше и ги одбираше оние ретки и недопрени или заборавени појмови, значења и смислови што како да ја чекаа токму нејзината поетска и јазикотворна вдахновеност и подготвеност за сериозна жетварска и берачка работа во немерливите метафизички ниви, лозја и овоштарници.
Но таа, очигледно, иако и самата на истата таа модерна, истражувачка трага, имаше сосема поинаква продуктивна примисла и цел: зборот и јазикот да ги земе и да ги исползува во нивната апсолутна поливалентност, да не им одзема ништо и да не ги чисти и ослободува од ништо, туку само да ги светне такви какви што се, и до крај да ги испакне сите нивни вредности: секоја фонема во зборот, секој збор во стихот, секој стих во песната, и секоја песна во книгата да заличат како убави, миризливи, благи овошки по орманите. И така старите, накривени, правливи „парчиња“ и новите, блескотни, избрусени и прецизно димензионирани, во нејзината поетска слика си најдоа свое рамноправно место. Јазикот се прероди: „ветвите“ зборови од некои други сликовни и значенски склопови добија сосема нови, современи вредности; „новите“, пак, со своите неочекувано проширени и продлабочени значења кон архаичното, природно се разместија и се смирија меѓу старите алатки.
Ефектот на таа контра-постапка на Весна Ацевска на истото тоа јазично/поетско поле на кое, како што видовме, истовремено се случуваа подеднакво големи и важни настани, едноставно, беше неверојатен. Таа успеа поетски да ги дематеријализира сите нешта, не дематеријализирајќи практично ништо, зашто со неверојатна леснотија и решителност поетската „состојба“ и поетскиот „настан“ едноставно ги префрли од стеснетото конкретно во пространото појмовно подрачје, со што зборовите и јазикот наеднаш, како рипчиња во вода, се најдоа во својата најприродна средина - во апстрактното. Таа иновација, а со оглед на нагласената авторска обоеност и бележит знак на препознавање слободно може да се рече и пронајдок, ѝ отвори непрегледна перспектива кон сосема нови искуства и таа тоа раскошно и умело го примени во своите наредни книги што заредум донесуваа само најврвни поетски резултати.
Модерната наука за литературата денес, па дури и ако и не знае баш сѐ, знае навистина многу и методолошки сосема едноставно и лесно може да категоризира, да класифицира, да дефинира и да објасни многу нешта. Но оттаму, еве, не ни доаѓа никаков одговор зошто поезијата на Весна Ацевска, како секоја добра поезија, и како секоја вистинска уметност, постојано одново нѐ повикува на нови средби и на нови прочитувања.
Препуштајќи ѝ се затоа на старата маѓија на читање, ги напрегаме сетилата, го изоструваме слухот, душкаме, насетуваме, мирисаме, мласкаме со јазикот: Мммм! Прекрасен киселникав вкус! Добро слатко!
Речиси на работ помеѓу едвај тактилното и интактилното, едвај реалното и иреалното, во раните песни на Весна Ацевска се бараат, се пресретнуваат и небаре се допираат чистите елементи и сензациите; се згуснува имагинарниот „јужен ветер“ и „зрелиот кристален дожд“ и крчкајќи на тивкиот поетски метафизички оган стануваат вкус на Добро слатко. Стануваат искуство. Се пресоздаваат појмовите, значењата, симболите. Сѐ е доведено до крај. Зборовите се во тегличките со карирани крпчиња, горе на орманите.
Еден од највозвишените примери на тоа мајсторско „крчкање“, „згуснување“, поетски урнек што тешко кога и да е ќе биде надминат, е песната „безветрина“. Секој што знае што е песна - би сакал токму тој да ги напишал тие стихови, секој што знае што е уметничка слика - би сакал токму тој да ја насликал, секој што макар патем го допрела маѓепсната сила на македонското поднебје - би сакал, опиен од тие омајни и недоловливи јужни сензации, тивко и полека да се спушта наземи и безгрижно да се спружи со рацете зафрлени над главата на таа растреперена, топла земја-мајка што нѐ гушка од чудесната песна „Безветрина“.
Тука, лека-полека, смирено и мудро, Ацевска пред нас го раздиплува како бело невестинско платно своето чисто вдахновение и пред нас ги распостила волшебните алхемиски, метафизички алатки - зборовите и јазикот, значењата, смисловите, симболите - и, одбирајќи само 24 екстрактни поетски синтагми, од кои дваесет се составени од по два силни зборови-елементи срастени во еден, а четири од по еден збор-елемент, ни вели: „Еве, вака тоа се крчка, вака се создава песната-поим“. Секоја од дваесетте „одбрани/пронајдени“ синтагми од по два збора (велја жега, челад трча, прета певец, прска жетва и тн.) кои само во таа и таква неповторлива позиција и токму поради таа и таква сугестивна сплотеност зрачат неизмерна, неспитомлива и до крајност акцелерирана семантичка енергија и емотивни и смисловни бранови, верижно се поврзува со другите „одбрани/пројандени“ синтагми нанижани во стиховите, во строфите и во целата преубава песна што наеднаш како злата икона заблеснува пред нас во сиот свој уметнички сјај.
Четирите, од секоја, па и од најмала одвишност до крај пречистени строфи, завршуваат акцентирано со по еден препознатлив, сугестивен збор-елемент-симбол: земјата, чергата, тревата, безветрина и, понесени од опојните сензации, од сликите и од состојбите, ние воздивнуваме: „ах, ова е песна за мирот и за немирот, за љубовта и за страста, за човекот и за жената, за трепетот и за треперењето, за изгубениот здив во неповтопрливиот занес, за опиеноста од животот, за усвитеноста - и на чувствата, и на небото и на земјата, за исконската сила на природата во нејзиниот плодороден зенит, за жегата, за сушата и за реката, за омајното поднебје…“
Колкумина највидни македонски поети, од настарите до најмладите, се обиделе да го досегнат овој највисок врв, ова посеветено место каде што се случува чудото на неповторливата алхемиска поетска тајна на македонското поднебје, и секогаш одново, па и во најубавите песни, мораа да се предадат и сепак да се потпрат врз разлеаниот, дискурзивен пев. Се чини сепак дека само жестокиот наплив на поетскиот адреналин во разбунтуваниот литературен контекст од седумдесеттите-осумдесеттите, само развиорениот провев во концептите и разбирањето на поетскиот чин, и пред сѐ и над сѐ несекојдневната поетска-уметничка дарба на Весна Ацевска можеа да ни го подарат овој убав, зрел, полн акорд од крајните тактови во модернизацијата на современата македонска поезија, при што со „Безветрина“, со таа песна-парадигма, и самиот збор безветрина е издигнат до едно сосема ново, единствено значење, со вредност на своевиден емотивен синоним за македонското поднебје во најширока смисла на зборот, токму онака како што пред многу години јазикотрворниот гениј на Ацо Шопов ни ја подари небиднина, се разбира, со еден сосема поинаков емотивен и филозофски предзнак.
Песната „Безветрина“ не е само случаен вдахновен проблесок и исклучок во книгата „Подготовки за претстава“; целата стихозбирка трепери од тие и такви немири и длабински напони: „Оскомина“, „Јазија“, „Савана“ (секоја за себе - цели светови!) и низа други песни во книгата во кои на секој начин се допрени крајните граници на уметничкиот чин. Тоа се сложени емотивно-мисловно-естетски структури, филигрански доработени и цврсто затворени поетски системи на кои баш ништо не може ниту да им се додаде, ниту да им се одземе. И уште нешто: тука за првпат во македонската поезија најизострено и најсугестивно се покажа што се случува кога во создавањето на песната сосема природно и органски на едно место ќе се сретнат и ќе се проткаат незапирливото крајно интуитивно, од една, и интелектуално строго контролираното, од друга страна. Тоа е навистина ретка доблест што често ги разминала и најдобрите поети.
Тие и такви, уште во младоста освоени, несекојдневни творечки искуства и несомнената јазикотворна дарба и способност за авто/референцијални превреднувања на зборот/јазикот, се чини, далекусежно го упатија и поетскиот интерес на Весна Ацевска кон ре-креирање на значењата, што значи кон ре-креирање на заверениот свет. Сам по себе, зборот е возбидливо тајно семантичко археолошко место, Хисарлик со безброј слоеви под површината. Да се (раз)отркрива тој древен, мистичен „локалитет“, да се осознава, да се дефинира и да се ситуира на широката референцијална скала на значењата, тоа е едно, но да се пресоздава неговиот сложен ентитет, или барем да се збогатуваат, да се умножуваат неговите семантички и емотивни вредности и наслојки - тоа е нешто сосема друго; тоа е веќе демиуршка работа што нѐ води кон равенството: Создател = Поет.
Да спомнеме само дека уште во насловната песна од книгата „Подготовки за претстава“, иако не баш и најтипична за она за што зборуваме сега како во случајот на погоре спомнатите наслови, Ацевска покажа дека поетската творба има неверојатна способност да се самоодреди како филозофски, па дури и како политички поим, и тоа колку со своето елементарно, толку и со своето препознатливо, симболично, универзално значење, независно од тоа дали насловот/синтагмата е составен/а од еден или од повеќе зборови. Се разбира, можеме таа духовита песна да ја читаме и само како една иронична и иронијска елипса, или како шарена подбивка со светот-кабаре и светот-циркус, но реалните настани што само две-три години по нејзиното објавување во книгата почнаа да се одвиваат на сцената на мрачното балканско кабаре, со подготовките за претстава и проверките на оние реквизити што набргу потоа ќе бидат употребени (синџирите, јажињата, мрежите, бравите на големиот кафез) и со ритуалните и театрални шминкања на кловнот „на кого се потпираше претставата“, ја изнесе на повид и сета пророчка моќ на таа песна-поим.
Смислата на оваа куса дигресија беше само во тоа да се нагласи дека поетскиот Речник на Весна Ацевска што почна да се раѓа веќе со првите нејзини песни и чие создавање трае до ден денес никако не е само заводлива игра на нејзината креативна имагинација. Тој сѐ пообемен Речник е, всушност, еден оригинален, колку поетски, толку и иманентно филозофски проект што расте и надоаѓа со секоја нова песна. По појавата на нејзините книги „Подготовки за претстава“, „Карпа за скок“, „Котва за Ное“, „Неред во огледалото“, „Кула на зборот„ и „Мартинки“ сѐ уште ненепишаниот македонски Појмовен, или дури ако сакате, Филозофски речник се здоби, во најмодерна смисла на зборот, со низа нови, не самно поетски, туку и вдахновени филозофски толкувања. Тоа е цело едно ново, досега негибнато филозофско-лингвистичко-поетолошко подрачје во нашава литература што, еве, пред нас, со својата поезија нагло и смело го отвори Весна Ацевска. И не само нејзините поетско-филозофски толкувања на зборот збор, што веќе патем се спомнувани во критичките одгласи за нејзината литература, туку најпретежниот дел од нејзината поезија, цели содржини од нејзините книги едноставно вријат од тие и такви насоки и решенија. Затоа е разбирливо што во нејзините песни постојано е како во некоја голема Речник-трмка: на сите страни организирано и смислено се движат, работат, придонесуваат зборовите-пчели. Стиховите само доаѓаат, зборовите-роеви без прекин го полнат саќето и го преточуваат јазичниот мед. „Од каде толку јазик?“ - се прашувате. А јазикот само тече и тече, се шири, надојдува, прифаќајќи ги плодоносно сите свои органски притоки. Зборови тивки, зборови бучни, обични, нови, апстрактни, зборови стари, традиционални и зборови од нови, штотуку скроени „материјали“, зборови познати и непознати, еднозначни и повеќеслојни, зборови народни, домашни, топли, мајчински, љубовни, зашеметени, зборови странски, колонијални, зборови флуидни и флуоресцентни, и зборови од сонце, земја и вода…
Поезијата на Весна Ацевска е вистинска свеченост на македонскиот јазик.
Кога само малку ќе се свртиме околу нас во поезијата ќе видиме толку еднозначности и повторувања, како да секнале сите извори. Од лектирите и од локалната поетска мода дури се навикнавме на цели, конфекционирани поетски слики, со истиот речник и со истите заспивни структури. Навистина, преобилноста сама по себе не е мерка за убавината; и аскетското има свои недопирливи доблести и омајност. Но Весна Ацевска едноставно ги има клучевите од таа до врв исполнета ризница од зборови и јазик, и благува, благува на таа раскошна трпеза, а ние со неа.
Па сепак, нашите размислувања нека не нѐ одвлечат предалеку од самата поезија. Весна Ацевска пред сѐ и над сѐ е поетеса, врвен лиричар, со прочувствувани стихови за човечката интима, но и за неговиот однос кон надворешниот свет, како оној еднакво упатен кон него, така и оној сосема отуѓен; со истата оживотворувачка вдахновеност таа пее и за нештата од непроодниот апстрактен свет, како и за оние од заспаната, нежива природа, персонифицирајќи ги пред сѐ однатре на досега невиден и непознат начин. А нејзиниот божествен пев за неделливоста на човекот од природата, остварен во песните „По вода“ и „Вода и сенка“, ширум ѝ ги отвораат вратите на најпрестижните и најсериозни антологиски избори од светската лирика.
Пула, 17-20 октомври 2008
ДОБРО СЛАТКО
„Стремеж, Прилеп, 2008, бр. 5-6, стр. 68-77.